М-Р ВЕСНА НЕДАНОВСКА: Ме прогласија за најдобра наставничка на просторите на поранешна Југославија врз основа на 27 критериуми! 

1063

М-р Весна Недановска работи во ООУ ,,11 Октомври,,- Скопје, Центар  како одделенски наставник. Магистер е по одделенска настава  со магистратура, здобиена во 2016 година, на Педагошкиот факултет “Св.Климент Охридски” – Скопје. Наставничка за која вреди да се кажат сите суперлативи, и да се слушнат бурни аплаузи.

*Кога би ги сместиле Вашите 25 успешни години во една слика, како би изгледала таа?
-Целото мое работно искуство во една слика,  навистина е голем предизвик. Сликата на моите 25 години  како наставник,  би ја претставила како мозаик од ученици со насмевки на лицата,  училишна табла и многу книги и наставни помагала. Секое делче од мозаикот е еден момент од мојата кариера како наставник, исполнета со многу работа,  интерактивни часови, ученички проекти, екскурзии и многу воннаставни активности. На сликата, може да се види наставникот кој посветено работи и ги поттикнува учениците да градат нови знаења на интересен и иновативен начин. Тука се и постигнувањата на учениците во форма на награди, сертификати и признанија од натпревари во знаења, конкурси и успешно реализирани проекти. Вкупно, оваа слика ја претставува мојата посветеност во  образованието и влијанието кај  учениците низ годините.
*Колку деца на број поминаа низ вашите раце? Какви беа нивните успеси во рамките на училиштето и пошироко?
-Бројот на ученици кои поминале низ моите раце е значителен. Секој ученик бележи свои индивидуални постигнувања и успеси, како во рамките на училиштето така и пошироко. Голем број од нив освоиле награди и признанија во различни подрачја. Многу ученици учествувале во проекти, литературни и ликовни конкурси и други настани, демонстрирајќи ја својата креативност и иновативност. Голем број од моите ученици продолжиле со високо образование на престижни универзитети, каде постигнале значајни академски успеси. Некои од нив изградиле успешни кариери во различни полиња. Други станале активни членови на заедницата, придонесувајќи за општествени промени и подобрување на благососотојбата на заедницата преку разни проекти и активности. Ова е потврда дека наставникот не само што помага во академскиот развој на учениците, туку има улога и  во обликувањето на нивните карактери и вредности, подготвувајќи ги за различни предизвици во животот. Секој од овие успеси е сведоштво на  посветеноста и влијанието на наставникот.
*Пет пати сте наградувана за најдобар наставник, а ретко кој наставник може да се пофали со таков континуитет во наградување.  Да споменеме • Награда од Општна Центар за Најдобар наставник во ООУ „11 Октомври“, Скопје за учебната 2014/2015, Награда од Здружението на просветни работници на Град Скопје за Просветен работник на годината во основно образование- одделенска настава, во учебната 2018/2019 година, Признание за Просветен работник на годината за учебната 2020/2021 година, во категорија основно образование-одделенска настава, доделено од Сојузот на просветните работници на Република Северна Македонија, Награда од Општина Центар за Најдобар наставник во ООУ „11 Октомври“, Скопје за учебната 2022/2023 година, Награда за најдобар наставник на поранешна Југославија, 2024 година. 
-Континуитетот во наградувањето укажува на тоа дека постојано се стремам кон професионално усовршување. Постдипломските студии, учеството на обуки, семинари и конференции, како и имплементацијата на нови образовни технологии, се важни аспекти во мојот професионален развој. Наградите и признанијата, се показател за вреднувањето на мојата работа од страна на  колегите, учениците, образовните институции и здруженијата на просветни работници. Тие се доказ за мојот придонес во образованието. Овие достигнувања не се само мој личен успех, тука се моите ученици и нивните родители, вработените во моето училиште и моето семејство. Мојата истрајност и посветеност,  верувам дека ќе бидат инспирација за многу други наставници и ученици.
*Се чини титулата Најдобар наставник на просторите на поранешна Југославија“ со која покрај Вас се здобија и други 27 наставници, од кои дванаесет се од нашата држава, е нешто што доминира најгоре на оваа Ваша листа со награди. Наставниците се избрани според строги критериуми, па да позборуваме малку за тоа. Да им доловиме на другите наставници што има приоритет при вакви меѓународно оценување?
-Во периодот од 4 до 7 април оваа година, во Бања Лука, Босна и Херцеговина, се одржа Шестата регионална конференција насловена „Светот на образованието ги брише границите“. Таа беше наменета за наставниците од земјите на поранешна Југославија. Најважна цел на конференцијата е поттикнување на регионалното вмрежување на најдобрите едукатори, наставници, професори, стручни соработници и за прв пат директори од земјите на поранешна Југославија, со цел нивната работа и креативност да бидат видливи. На конференцијата беше прогласена 6-тата генерација на Најдобрите наставници, вкупно дваесет и осум, кои беа избрани според строги критериуми. За рестриктивноста на критериумите зборува бројот од неколку стотици пријавени просветни работници, наставници, професори и стручни соработници од шест земји од просторот на поранешна Југославија. За да се добие титулата најдобар наставник во поранешна Југославија, требаше да се аплицира врз основа на 27 критериуми.
Ова се дел од нив:
– Приложување CV преку кое се оценува целокупната работа наставникот
– Се оценува креативноста на наставникот преку приложување докази од различни активности
– Дали наставникот е креатор на мотивирачка средина
– Стекнати звања
– Награди и признанија во земјата и надвор од неа
– Автор на национални и меѓународни проекти,
– Автор и коавтор на научни и стручни трудови
– Автор или коавтор на учебници и прирачници,
– Автор на книги, збирки и монографии,
– Автор на образовен блог и/или портал
– Обучувач на наставници
– Предавач на конференции и семинари,
– Реализатор на образовни работилници
– Учесник во реализирање на образовни проекти
– Медиумски промотор на образованието
– Член на стручни комисии и други.
Сите наставници кои посветено работат, ги охрабрувам да аплицираат за најдобар наставник на поранешна Југославија и да ја искористат можноста нивниот труд и успеси да бидат вреднувани и наградени. Да соработуваат меѓу себе, да споделуваат искуства, идеи и добри практики за да го зајакнеме нашето образование  и да го поттикнеме развојот и напредокот на секој ученик.
*Дали наставникот кај нас е ценет онолку колку што заслужува?
-Наставникот има клучна улога во формирањето на идните генерации и заслужува почит и признание за неговиот труд и влијание. Наставниците често се соочуваат со ниски плати и недостаток на добри работни услови.  Реформите во образовниот систем и воведувањето на новите методи на учење и образовни стандарди создаваат  дополнителен притисок  врз наставниците и  ги изложуваат на дополнителни предизвици. Наставниците често се под притисок да постигнат одредени резултати со учениците, што исто е  предизвик за нив, особено ако не добиваат доволно поддршка и ресурси за да ги исполнат тие очекувања. Наставничката професија кај нас е помалку ценета во однос на другите професии, а тоа се одразува на општествената перцепција за важноста на учителската улога. Инвестициите во образованието и поддршката од страна на  образовните институции имаат влијае на начинот на кој се ценат и поддржуваат наставниците. Од голема важност е да се работи на подобрување на условите за работа на наставниците и за соодветно валоризирање на оваа професија. Наставникот кој е ценет и почитуван е среќен и продоктивен.
*Вие сте и авторка и рецензент на учебници, работни тетратки и прирачници, коавтор на eTwinning проекти, авторка на научни трудови и учесник на меѓународни конференции. Кога наоѓате време за сите тие ангажмани?
-Правилното управување со времето е мојот клуч за успешно извршување на различни ангажмани и задачи. Љубовта кон работата и желбата за усовршување имаат важна улога во мотивацијата за успешно совладување на сите предизвици и успешно завршување на сите ангажмани. Ангажманот како автор, рецензент, коавтор на eTwinning проекти, автор на научни трудови и учесник на меѓународни конференции, зависи од добро организираниот распоред и управување со времето. Најчесто ги организирам задачите според приоритети и рокови за завршување. Се водам од принципот на флексибилност и се прилагодувам на промените кои можат да се појават. Флексибилноста, адаптацијата и ефикасната комуникација со соработниците ми овозможува добра и успешна соработка и размена на идеи, а истото придонесува за квалитетот во работата. Посветеноста и постојаноста во работата се клучни за мотивација и успешна кариера на долгорочен период. Неизбежно е да го спомнам моето семејство кое ми е континуирана поддршка во целата моја кариера.
*Book Creator амбасадор во Македонија и Wakelet амбасадор се уште две титули кои ги носите, како и  MIE експерт  2 години (Microsoft Innovative Educator Expert), за 2022-2023 и 2023-2024. Што означуваат овие титули?
-За време на пандемијата се соочив со многу предизвици за успешно реализирање на онлајн настава со моите ученици. Во потрага по интернет алатки и методи за интересна и успешна настава, го запознав тимот на Webučionica. Webučionica е проект  чиј автор е колешката Сандра Вук од Хрватска. Сандра и нејзиниот тим соработници имаат голема улога во мето усовршување во однос на интернет алатките и градењето на компјутерските вештини. Следејќи ги нејзините вебинари од почетокот на пандемијата, до денеска, се стекнав со солидни ИТ компетенции. Така  совладав многу алатки,  од кои најголем впечаток ми оставија Book Creator и  Wakelet, за кои се сертифицирав и се здобив со титулите амбасадор во Македонија. Book Creator е дигитална алатка за креирање дигитални, интерактивни, мултимедијални книги, додека Wakelet е платформа за сочувување и организирање на содржини во форма на колекции. Амбасадорската улога е промовирање на интернет алатките меѓу колегите, учениците и пошироката образовна заедница. Ова вклучува презентации, обуки и споделување на успешни приказни за користење на Wakelet и Book Creator во училницата. Како амбасадор на Wakelet и Book Creator, наставникот игра клучна улога во интегрирањето на технологијата во образовниот процес. Улогата на наставникот како MIE експерт е исто многу важна за интегрирањето на технологијата во образовниот процес. Овие наставници се лидери во своите училишта и заедници, промовирајќи иновации, поддржувајќи други колеги и обезбедувајќи најдобри услови за учење и подучување со помош на современите технологии. Ваквите улоги бараат посветеност, вештини за обука и способност за иновации во наставата, што значително придонесува за подобрување на образовниот процес и мотивирање на учениците.
*Што е Здружението на најдобрите наставници во кое членувате?
-Здружението на најдобрите наставници е мрежа формирана од висококвалитетни лидери од образованието, подготвени да ги соберат околу себе сите ентузијасти и лидери на наставници од земјите од Југоисточна Европа, подготвени да ги здружат силите за да афирмираат и мотивираат наставници кои ќе ја променат сликата за образованието во овој дел од светот.
*Дел сте и од тимот на неколку проекти на Педагошкиот факултет во Скопје. Какви бенефити ќе донесат тие проекти за учениците во иднина?
-Научно- истражувачките проекти играат значајна улога во унапредување на образованието и обезбедуваат големи бенефити за сите вклучени страни па и за учениците. Тие се од корист не само за учесниците, туку и за целиот образовен систем и општеството во целина. Резултатите од  истражувачките активности, ги охрабруваат студентите и наставниците на континуиран професионален развој. Тие стануваат подобро подготвени да се справат со предизвиците во наставата и да ги применат најновите научни достигнувања во својата работа. Наодите од научно-истражувачките проекти можат да влијаат на процесот на креирање образовни политики. Тие можат да обезбедат податоци и препораки за реформи кои ќе го подобрат квалитетот на образованието. На крајот, најголемата придобивка од научно-истражувачките проекти е подобрување на учењето и резултатите на учениците. Преку подобрување на наставничката пракса и образовните методи, учениците добиваат подобро образование, што има долгорочни позитивни ефекти врз нивниот личен и професионален развој.
*Долгогодишен соработник сте  на издавачката куќа Просветно Дело, долгогодишен член на уредничкиот одбор на математичкото списание Нумерус, на што се однесува тие ваши соработки?
-Активностите во пишување, уредување и рецензирање учебници, прирачници и списанија, како ангажман во издавачката куќа „Просветно Дело“  ми овозможуваат постојан професионален развој и проширување на  знаењата и вештините. Од големо значење е да се биде дел од процесот на создавање висококвалитетни образовни ресурси кои се користат од учениците и наставниците во училиштата. Како член на уредничкиот одбор на списанието „Нумерус“, придонесувам за промоција на математиката и нејзиното значење во образованието. Се надевам дека преку овие активности ќе придонесам за напредокот на образованието и науката и во обликувањето на иднината на многу ученици и наставници.
*Дали Министерство за образование ве консултира вас најдобрите наставници кога се носат некои нови програми или се прават промени и дали можеби потребна е посилна обострана соработка?
-Министерството за образование повремено се консултира со најдобрите наставници кога се носат нови програми или се прават промени во образовниот систем. Консултацијата со искусни наставници и професионалци е клучна за креирање квалитетни и ефективни образовни политики и програми. Постои потреба за посилна и поинтензивна соработка помеѓу Министерството за образование и наставниците. Вклучувањето на наставниците во процесот на креирање и имплементација на образовни политики може да доведе до поквалитетни и поефективни образовни реформи. Наставниците, со своето практично искуство и знаење, можат да обезбедат вредни увиди и да помогнат во развојот на програми кои ќе бидат корисни и применливи во училниците.
*Да се вгради знаење, воспитание, образование но и да се остави впечаток кај бројни деца и многу генерации е нешто посебно тешко. Кој е вашиот клуч на успех?
-Наставничката професија е многу благородна но, во исто време и многу одговорна професија полна со предизвици. Наставникот треба да поседува низа карактеристики кои го прават успешен во својата улога како образовен лидер кој остава печат кај многу генерации. Наставничката професија е мојот вистински избор. Неа ја работам со многу љубов цели 25 години. Вложувањето во моето образование и стекнатите компетенции  ми помогнаа успешно да одговорам на предизвиците во воспитно образовниот процес. Мојот клуч за успех е целосната посветеност во работата и љубовта кон децата. Како наставник секојдневно се соочувам со многу предизвици, но во текот на целиот мој работен век се трудам да бидам вистински модел за моите ученици. Да им бидам другар, но и личност која инспирира, мотивира и сочуствува со нив, а училницата да биде пријатно катче во кое ќе стекнуваат нови знаења и ќе градат убави спомени. Се трудам да ги разберам потребите на учениците и предизвиците со кои се соочуваат и да им обезбедам поддршка и средина каде што учениците се чувствуваат безбедни и охрабрени да учат и да се развиваат. Моето професионално искуство ми зборува дека како наставник треба да учам цел живот. Почитувајќи го ова, постојано се трудам да ги следам современите методи и иновативните алатки и истите ги имплементирам во наставата. Ги поттикнувам учениците кристички да размислуваат, да ја развиваат креативноста и им овозможувам да учат на иновативен и интересен начин. Примарна цел ми е моите ученици да ги направам среќни и подготвени за успешно соочување со предизвиците пред кои ќе ги исправи животот.
*За професијата, односно значењето на Учител/ Професор, се кажани многу мудри описи, дефиниции и објаснувања од светски личности. Која е Вашата?
-Улогата на учителите  е од суштинско значење за образованието и развојот на поединците и општествата. Многу мудри луѓе низ историјата ги имаат истакнато важноста и влијанието на учителите. За мене најинспиративен цитат  за значењето на наставничката професија е цитатот на Нелсон Мандела: „Образованието е најмоќното оружје кое можете да го употребите за да го промените светот.“ Овој цитат ја нагласува моќта на образованието како фундаментален инструмент за создавање на позитивни промени и за изградба на подобра иднина за сите.
Валентина Ѓоргиевска Парго 
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.