Нѐ напушти засекогаш музикологот Костадин Костадиновски

50

Скопје 27.05.2024

Вчера во Скопје, за време на одржувањето на Фолк фестивалот во Валандово, на кој беше еден од основачите, почина музикологот Костадин Костадиновски.

Костадиновски освен што беше музиколог, беше и публицист, критичар и композитор кој остави неизбиришливи траги во македонската музичка историја.

Творец е на шест фестивали, ко-основач на првиот фестивал на новосоздадени песни “Фолк фест Валандово“(1985), на првиот македонски интернационален фестивал на забавни мелодии- “Интерфест Битола“(1992), на “Тетовски филиграни“(1994), потоа дислоциран во Скопје како “Филиграни“, “Пирин фолк Сандански”, фестивалот “Еврофест“ и “Денови на на уметноста на децата- сираци од Балканските земји во Охрид (2005).

Роден е на 28 април 1938 година во Валандово. Средно музичко училиште завршил во Скопје а потоа во Белград дипломирал на Факултетот за музички уметности, на отсекот музикологија во класата на професорите Н. Херцигоња и В.Перичиќ.

Во 1967 година се вработува во МРТ каде што работејќи на различни функции останува сѐ до пензионирањето.

Неговите познавања на музиката доаѓааат до израз во култната радио емисија “Во светот на џезот“(преку 2.000 изданија) во која покрај рецензиите на концертите и винилните изданија на домашните и светските џез музичари презентира и голем број интервјуа со Дјук Елингтон, Чик Корија, Бети Картер… Исто така критички осврти и рецензии објавува во многу весници и списанија и во ревијата “Екран”, а објавил и книги со интервјуа и рецензии.

Автор и на пет музички публикации: монографијата “Трајко Прокопиев- живот и дело“, “ Од блузот до музичката авангарда“, “Тито и музичката уметност“, “Одгласи од концертните сали“ и “Про- музика“.

Добитник на повеќе награди како што е признанието од Светската асоцијација на фестивали (WAFA) и наградата “ 23 Октомври“ за неговиот голем придонес во културата во Македонија.

Костадин Костадиновски беше и автор и има напишано преку педесетина песни.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.