“Аудиција”- претстава за потрага по подобро утре

50

На сцената во Народниот театар- Гевгелија, Ансамблот при НУ Театар „Војдан Чернодрински“- Гевгелија се одигра тетарската претстава „Аудиција“, во режија на Владимир Милчин. По повод 7 Ноември, а, во организација на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, гевгеличани ја проследија претставата којашто низ драмскиот текст и актерската игра обработува актуелни теми во општеството, а ги засега подеднакво сите генерации- поврзани со борбата за подобар живот. Конфликтните ситуации во претставата се навидум комични, но апсурдно- горчливи. Целото дејство наликува на „Чекајќи го Годо“, бидејќи ликовите се пандани на Владимир и Естрагон- два часа се затворени во ист простор. Иако играта на актерите е динамична, времето запира- сите очекуваат дека нешто ќе се случи, со надеж за подобро утре.
Претставата „Аудиција“, всушност, е метафора за животот, затоа што и животот е аудиција, чекаме да нè одберат за улога што многу ја посакуваме, а, можеби, во неа никогаш нема да се пронајдеме. А, кога нема да се пронајдеме, тогаш стануваме жртви на општеството, сами си етикетираме нова улога.
Долготраен аплауз добија: Марија С. Илијеска, Даниела Иваноска, Ангела Наумоска, Сара Спиркоска, Јасмина Мицовска Станкоска, Наташа Ачански, Илија Волчески, Александар Тодески, Игор Трпчески, Зоран Иваноски и Михајло Миленкоски за одлично и мајсторски одиграната претстава.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.