Филм: Деветто издание на „Фестивал на тркала“

14

Четири европски филмови бесплатно ќе се прикажуваат во рамки на деветото издание на „Фестивал на тркала“ кое годинава се одржува од 21 до 22 ноември во Кинотека на С. Македонија и онлајн преку посебна фестивалска платформа на Сinesquare.net. Филмовите ќе бидат достапни онлајн до 27 ноември 2022.
Фестивалската програма оваа година вклучува четири филмови, од кои два швајцарски, еден италијански и еден белгиски филм.

Програмата на фестивалот се состои од:
21.11.2022 – проекција на швајцарскиот филм „Маре“ (Mare), почеток 12 часот
Рутински, но со посветеност, Маре го води скромното домаќинство на своето мало семејство, иако новата машина за перење не е единственото што недостасува. Кога случајна средба ќе го разгори нејзиното либидо, таа не се воздржува долго.
21.11.2022 – проекција на детскиот италијански филм „Стакленото момче“ (Glass Boy) – почеток 15 часот
Стакленото момче Пино Гамбаси е дете што страда од хемофилија и гори од нескротлива желба за слободна и бескрајна храброст: решава да ја почне својата авантура во светот и да им покаже на сите дека може да живее како и секое друго дете.

22.11.2022 – проекција на швајцарскиот филм „Сигурност“ (Sekuritas) – почеток 12 часот
Канцелариска зграда посакува да ѝ се случи љубовна приказна пред да ја урнат. За да ѝ се случи таква приказна избира осаменици, оние кои ја обезбедуваат зградата во ноќните часови, ги чистат тоалетите, експериментираат со рецепти или го вежбаат својот последен говор. Поетски и ексцентричен калеидоскоп во кој се рефлектираат копнежот, сигурноста и милозвучните звуци кои се движат низ целата зграда.

22.11.2022 – проекција на белгискиот детски филм „Вселенско момче“ (Spaceboy) – почеток 15 часот
Џим е надарено 11-годишно момче со пасија за вселената и науката. Доселувајќи се во нов град со татко му, Џим треба да учествува на натпревар за млади научници со неговата нова соученичка Ема. И покрај нејзината неподготвеност, Џим ја убедува да го имитира проектот „Екселсиор“ на Китингер(првиот човек кој стигна до границата на вселената во 1960 година) и тајно да направи вистински воздушен балон. Овој талент го наследува од неговиот татко, Греам, астрофизичар кој треба да оди на вселенска мисија. Бидејќи мајката на Џим е почината, овој проект му е многу важен. Но, кога открива дека Греам се откажал без да му каже, неговиот свет се распаѓа. Натпреварот се претвора во опсесија и Џим сака да докаже дека нема да се откаже како неговиот татко.Џим ја турка Ема до нејзините граници и ја вовлекува во авантура која ќе ги зближи.
Фестивалот и оваа година го организира продукциската и дистрибутерска компанија „Катавеј“ од Скопје, во соработка со Кинотека на С.Македонија, со поддршка на Град Скопје.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.