Зајакнувањето на улогата на жената во аудиовизуелните медиуми во фокус на четвртиот Форум на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО

7

Битола 21 ноември–Четврт Форум на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО (21-23 ноември) се одржува во Културно- информативен центар Битола. Темата на форумот е „Зајакнување на улогата на жената во аудиовизуелните медиуми“.
За време на форумот ќе бидат вклучени високи претставници на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО – Тераса, Лоѓ, Потсдам, Ваљадолид, Гдиња, Софија, како и претставници од домашните релевантни институции, невладиниот и бизнис секторот кои работат во аудиовизуелните медиуми како Агенцијата за филм, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Македонската радиотелевизија, телевизија „Телма“ и други.
Форумот е од исклучителна важност за градот Битола, како рамноправен член на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО од 2015, и е еден од 21 град кои се дел од овој филмски кластер на УНЕСКО, единствен од земјава и еден од ретките од регионот заедно со Софија и Сараево. Мрежата е клучен партнер на УНЕСКО.
Тридневната програма предвидува повеќе презентации и дискусии, а во неформалниот и неколку интересни и обмислени проекции на филмови филмови од градовите- членки на мрежата за филм на УНЕСКО, неформални средби и посета на историски споменици. Презентациите и дискусиите ќе се одржуваат во Офицерски дом Битола (втор кат), а филмските проекции во киното „Манаки“.
Форумот почнува вечерва со проекција на два кратки германски филмови – „Бушави приказни“ и „Натерај ја да игра“, обезбедени од Потсдам и документарниот филм „Пенси и Ајви“ од Јужна Кореја продуциран во 2020 година, а обезбеден од страна на Бусан, двата дел од филмските градови во мрежата на УНЕСКО. Филмот е наградуван на многу фестивали вклучително и Филмскиот фестивал во Јамагата, Јапонија, уште еден град од филмскиот кластер на УНЕСКО.
Програмата продолжува утре сабајле од 10 часот со воведни зборови и претставување на високи претставници на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО – Жорди Хернандез Прат од Тераса (Шпанија), Соња Бахус од Лоѓ (Полска), Лиса Навроцки од Потсдам (Германија), Гијом Русо (Ваљадолид), Кинга Плихт и Лукаш Цичовскиод Гдиња (Полска), Билјана Генова, Дијана Андреева и Ралица Асенова од Софија (Бугарија). Презентации ќе одржат и повеќе домашни претставници од аудиовизуелната дејност и тоа Марина Трајкова од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумскиу слуги, Даниела Станковска Плачковска од Агенција за филм на РСМ, Снежана Лупевска Созен, уредник на телевизија „Телма“, Марија Џиџева, режисерка, Смилка Јаневска-Саркањац од Програмскиот совет при Македонската радио телевизија, Мими Ѓоргоска-Илиевска од Управата за заштита на културното наследство, Елена Бојаџиева-Цветковска од Асоцијацијата на креативни индустрии при Стопанската комора на РСМ, Саша Станишиќ, режисер и дистрибутер.
Од 13.30 часот ќе се одржи панел дискусија на тема „Состојбите и предизвиците на жените во аудиовизуелните медиуми“. Програмата продолжува со проекции на филмови од градовите- членки на мрежата на УНЕСКО.
На последниот ден на форумот ќе се одржи дискусија за соработка и проекти меѓу градовите на УНЕСКО, како и состаноци за можни точки на контакт и координација помеѓу Креативните градови на УНЕСКО и проекција на филмови. Учесниците ќе имаат можност да посетат локалитети и да се запознаат со историјата како и со локални претставници кои работат во областа на културата и филмот.
Форумот го организира Здружението за филмска уметност ЦЕНТАР ЗА ФИЛМ Битола во насока на подобрување на намалување на родовиот јаз во аудиовизуелните медиуми и поттинување на соработката помеѓу филмските градови од мрежата на УНЕСКО, размена на искуства и добри практики и заедничко делување за прашања од суштинско значење во филмската индустрија. Настанот е поддржан од УНЕСКО преку Министерството за култура на Република С. Македонија во рамките на Програмата за партиципација на УНЕСКО за 2020- 2021 година.

ПРОГРАМА
Ноември 21 – Ден 1
20:00 Проекција на филмови од мрежата на филмски градови на УНЕСКО
БУШАВИ ПРИКАЗНИ (FLUFFY TALES) / Алисон Кун/ 2021 / Германија / 15’ / краток
Манекенка е ангажирана за рекламна кампања за нов бренд на храна за кучиња. Нејзиното бушаво другарче не се однесува како што треба на фотографирањето, па фотографот одлучува таа да ја преземе нејзината улога. Без да сфати, таа еспуштена на сите четири и позира пред фотоапаратот.

НАТЕРАЈ ЈА ДА ТАНЦУВА (Make Her Dance) / Каролина Круз / 2021 / Германија / 3’14” / краток
Станува збор за проект кој ги руши табуата со приказни за женското задоволство. Неговата цел е да ја поттикне тинејџерската публика да се чувствува удобно со своето тело и да го демистифицира самозадоволството.

ПЕНСИ И АЈВИ (PANSY AND IVY) / Кај Ун-кјонг / 2000 / Јужна Кореја / 60′ / документарен филм
Приказна која се занимава со животите и соништата на сестрите со посебни потреби Су-Џеонг и Јун-Џеонг. Млади жени кои сакаат да сакаат и да се омажат. Филмот ни овозможува да ги слушнеме гласовите на Су-Џеонг и Јун-Џеонг, следејќи го нивниот секојдневен живот.

Ноември 22 – Ден 2

10:30 Презентација и претставување на претставниците од филмските градови на УНЕСКО
11:30 Жените во аудиовизуелниот сектор во Бугарија и Софија–динамика на процеси во периодот 2008-2020
Презентација и претставување на домашни претставници од аудиовизуелната индустрија
13:30 Панел дискусија „Состојби и предизвици на жените во аудиовизуелните медиуми“
15:30 Средби за вмрежување
18:00 Проекција на филмови од мрежата на филмски градови на УНЕСКО

ВРАЌАЊЕ / Кастриот Абдили/ 2018 / С. Македонија / 81′ / долгометражен игран филм

2000 година во едно албанско село. Mладиот Илир, по седум години, се враќа заедно со неговата девојка, Французинка, со која има намера да се ожени. Враќањето на Илир не внесува немир само кај неговите родители туку и кај девојката од селото, Барда, на која ѝ ветил дека ќе се ожени со неа пред да zамине во странство.

20:00 Проекција на филмови од мрежата на филмски градови на УНЕСКО

ВТОРА ШАНСА / Марија Џиџева / 2019 / С.Македонија / 76′ / долгометражен игран филм
Втора шанса испреплетува три приказни на три жени кои живеат во истиот станбен комплекс, создавајќи калеидоскопско набљудување на уникатното искуство како да се биде мајка и самопожртвуваност вклучена во носењето живот во овој свет.

Ноември 23 – Ден 3

10:15 Презентација на проекти по меѓу членките од мрежата филмски градови наУНЕСКО
11:00 Панел дискусија за можни соработки и вмрежувања
12:20 Состаноци и посета на Саемот на креативни индустрии
14:00 Посета на историски објект
18:00 Проекција на филмови од мрежата на филмски градови на УНЕСКО

ПОРТРЕТ НА ЖЕНА (PORTRAIT OF A WOMAN) / Наталија Дуршевич / 2020 / Полска/ 5′ / краток
Приказна за жена која постои како нецелосна форма на себе. Таа несвесно поминува низ различни емотивни состојби и фази од животот. Одеднаш, нејзината вистинска природа се буди и ја принудува да се бори за ослободување. Сепак, не се знае дали таа ќе победи.

МАЧЕ (PUSSY) / Рената Гасиоровска / 2016 / Полска / 8′ / краток
Една млада девојка ја поминува вечерта сама дома. Таа решава да има слатка сесија за соло задоволство, но не оди сè според планот.

КАСТИНГ (CASTING)/ Катаржина Искра / 2017 / Полска / 20′ /краток
Една млада жена од Полска е принудена да избира помеѓу семејството и кариерата како актерка.

МАЈКАТА / Лукаш Осталски / 2013 / Полска / 30′ / краток
Политичарката Малгоржата заминува во нејзиниот дом кај езерото. На нејзиниот син, зависник од дрога, му треба нејзината помош. Малгоржата ја бара ќерка ѝ за поддршка. Дома го наоѓаат полусвесниот син на Малгоржата и масакрирано тело на млада девојка. Соочени со трагедијата, нивната врска се комплицира, откривајќи ја нивната скриена лутина. Мајката треба да ја донесе најтешката одлука во животот.

КАВАЛ / Саша Станишиќ / 2020 / С.Македонија /10′ / краток
Во едно планинско селце, едно внуче секое лето доаѓа кај баба и дедо, каде што неговото детство се исполнува со мирисот на летото и недопрената природа. Во дворот на едното столче седи дедото и свири кавал. Му го подава на внукот кој внимателно го зема и со детска љубопитност го допира, разгледува, испитува– долг шуплив стап со неколку отвори од кои произлегува целата музика на дедо. Што ли крие тој волшебен отвор на долгата цевка? Можеби музиката е внатре? Една ноќ, по многу години, по заморната работа и чувство на осаменост, внукот решава да оди на село. Таму го нема веќе дедото- куќата е празна, а бавчата под запуштена. На масата го наоѓа кавалот кој дедо му му го оставил. Одеднаш во него оживува заборавеното – широчината на детската слобода и радоста на животот. Седнува и на кавалот од срце ја свири езгијата на дедо му, која го оживува целиот амбиент од тој изгубен рај од детството.

20:00 Проекција на филмови од мрежата на филмски градови на УНЕСКО

МОЛЧЕЊЕТО Е ПРЕПИШАНО (SILENCE IS PRESCRIBED) / Микел Мисе, Аитор Агире / 2021 / Шпанија / 18′ / краток
„Додека растеа, на Кристина и на Лола им беше препишана тишина. Тие послушаа и молчеа долго време, до денес. Протагонистите на овој краток документарен филм го креваат гласот за да нè доближат до нивните приказни за интерсексуалниот живот и да ги споделат своите размислувања за тела, идентитети и желба. Ослободителна можност не само за нив, туку и за сите луѓе“.

БЕЗИМЕН (NAMELESS)
/ Артуро Артал Лозано, Хуан Караскал Иниго / 2019 / Шпанија / 9′ / краток
Тивкиот град ужива во фестивалот. Сè е совршено, но за М. М е поставување на цел. Тој бара плен. Тој плен е З.

БАРАЈЌИ СИ ЈА СРЕЌАТА / Марија Џиџева / 2013 / С. Македонија / 65′ / документарен филм
Осум неженети мажи започнуваат долго патување до Москва во потрага по среќа. Некои од нив успеваат да го реализираат својот сон, додека другите се враќаат со „празни“ раце.

-Презентациите и дискусиите ќе се одржуваат во Офицерски дом Битола (втор кат

*-филмовите ќе се прикажуваат во киното „Манаки“

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.