„Како зрно песок’’ на Масимо Барила доби македонски превод

209

Во издание на Македонскиот центар ИТИ/ПРОДУКЦИЈА  излезе македонскиот превод на новата еДрама на извонредниот италијански драмски автор и театарски режисер Масимо Барила. Преводот од италијански  јазик го изработи Кристина Пешева Диновска, преводот е поддржан од Министерството за надворешни работи на Италија. Авторка на насловната корица е Ивана Кунгуловска,  ликовна уметница која живее и работи во Холандија; уредник и дизајнер на еДрамата е Иванка Апостолова Баскар. Јазична редакција на Ирена Игњатовска.  ISBN 978-608-4912-99-6

Оригинален наслов: Come un granello di sabbia, Massimo Barilla.

Масимо Барила создава социјален театар, пишува социјални драми, тој е еден од најистакнатите креатори на современиот италијански социјален театар, со меѓународно реноме и кредибилитет. Го води Театарот Мана Кума.  

Како зрно песок или Џузепе Гулота, приказна за еден невине трогателна драма напишана по вистински случај, на сицилијански дијалект;  реален случај кој се случил во осумдесетите години на 20 век, кога младиот ѕидар Џузепе под полициска присила ќе потпише дека е виновен за убиството на двајца полицајци. Драмата е ревизија на настанот преку длабоко трогателните монолози на ликот; Џузепе  витално ги евоцира околностите и луѓето кои се дел од оваа потресна приказна.  

Неколку извадоци од драмскиот текст  „Како зрно песок’’:

„Следен Гулота, ајде! Влегувај!”  Една вазна, еден мијалник, еден прозорец…  со матно стакло.  Сè се врти околу мене. Како да не сум во мигот…  како да не сум јас…  како да е некој друг!

По  изолацијата, ме ставаат во ќелија со други затвореници. Од  другите ќелии слушам викаат „Нека излезе! Тргнете го од тука“ или ќе биде револуција! Чуварите доаѓаат, ми ја менуваат собата.  И одеднаш се враќа мирот.  „Таму ебат деца“, ми велат „ти имаш 18 години, не можеш да останеш таму“. Непишани правила, непишани кодекси. Затворот е таков! Како ти се однесуваш, така тој ти враќа!

„Гулота? Што правиш? По триесет години сè уште размислуваш? За што размислуваш? За твојата Сицилија?…  Подготви ја торбата. Треба да одиш во Трапани“.

„Во  Трапани. Зошто?”

„Еден судија сака да те чуе. вели има некои нови работи!“

„По триесет години?”

„Да, Џузепе… По триесет години.” 

Масимо Барила:

Масимо Барила  –  Драматург, поет, сценарист и режисер. Го води театарот „Мана Кума“, за кој има напишано и/или режирано повеќе претстави. Меѓу ова трње (2003, финалист за наградата Ustica per ilteatro), Од земја и од крв (2005, во официјалниот дел од стогодишнината на CGIL),  ’70voltesud (2007, употребена за една монографска епизода на RAI storia за немирите во Реџо Калабрија од 1970), Како зрно песок / Џузепе Гулота, приказна за еден невин (награда во селекција на In-box blu 2016). Го напиша и режираше филмот 26 септември 1970 / ведрото небо според театарската претстава ’70voltesud. Автор е на приказната и сценариото за долгометражниот филм Црвена јаглика, кој наскоро ќе има премиера. Исто така, наратор е на документарниот филм Песната на новите емигранти на двајца наградувани автори од Калабрија, Феличе Д’Агостини и Артуро Лаворато, кој доби награда за најдобар документарен филм на филмскиот фестивал во Торино ‘05 и филмскиот фестивал во Беларија ‘06. Цитиран од француското списание Frictions, меѓу 10-те најзначајни италијански автори ангажирани за граѓански прашања. Автор е на многу бројни необјавени раскази и поеми на италијански јазик и на калабриски дијалект. Има режирано и во Театарот Сиракуза во Режо Калабрија и е одговорен за културната област на фондацијата Horcynus Orca.

Кристина Пешева Диновска:

Кристина Пешева – Диновска (Скопје, 1974 г.) е дипломиран музичар-пијанист, самостоен корепетитор/вокал коуч и преведувач на оперски либрета и драмски текстови од англиски, француски и италијански јазик. Таа е член на Програмскиот одбор (секција – опера) на Македонскиот центар на ИТИ/ПРОДУКЦИЈА, и проектен координатор на одделот за издаваштво во истиот Центар (2011-2021). Кристина ги преведе и адаптира следните оперски либрета за Македонската опера и балет во Скопје (од 2000 г. до денес): Набуко,  Атила, Макбет, Риголето, Бал под маски, Симон Боканегра, Аида, Турандот, Боеми, Мадам Батерфлај, Севилскиот берберин, Паљачи, Рита, Еликсир на љубовта, Кавалериа рустикана, Италијанец во Алжир, Фауст, Кармен, Хофмановите приказни и многу други.  Зад себе има и богато искуство како толкувач и преведувач, за повеќе европски проекти спроведени во Македонија (2005-2012).  Таа е ко-авторка на еКнигата: Piano and Opera Singing Lessons with Kristina Pesheva-Dinovska and Goran Dinovski (2020).

 

Повеќе информации на следните линкови:

Фејсбук ивент. https://www.facebook.com/events/870342537177684

Фејсбук промотивен албум.  https://www.facebook.com/media/set/?set=a.292116936252992&type=3

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.