Коста Фортомароски  замина  во вечноста

179
Во Охрид на 89 годишна возраст почина познатиот охридски просветен работник и писател Коста Фортомароски.
Коста Фортомароски роден е во Охрид во 1933 година во стара охридска фамилија. Основно училиште завршил во Скопје каде работел татко му, но кога почнува војната 1941 година се враќа во Охрид и го продолжува школувањето . Настапуваат тешки години. Рано го губи татко му. По завршувањето на основното училиште учи во Учителската  школа во Битола,а потоа на Виша педагошка школа-македонски јазик во Скопје. По завршувањето на вишата школа се вработува како референт за култура при општина Охрид. Потоа се префрлува во просвета и вонредно го завршува Филозофскиот факултет во Скопје . Се вработува во основното училиште Братство- Единство од каде и се пензионира.

Богатата охридска култура, природните убавини и љубовта кон пишаниот збор биле инспирација за неговото пишување. Почнал со козерии објавени во ,, Просветен работник”, потоа пишувал цртици и раскази. Учествувал на литературни конкурси кои го поттикнувале да продолжи со пишување.

На конкурсот на Радио Охрид  за најдобар расказ во 1977 година добил I награда за расказот ,,Билјана”  кој е печатен во весникот „Езерски глас” и во првиот број на списанието за литература ,,Спизалит”.

Неговите раскази биле објавувани во Нова Македонија. Во 1988 година добил III награда на конкурсот на подлистокот „ЛИК”. 

Автор е на следните дела:  романот ,,Прличев горд самјак” (Радио-Охрид1992) и на збирката раскази ,,Бомба во рајот”(Маседонија Прима,1995). Во 2004 г. во издание на „Летра“ се појавува неговиот роман „Жена“. Потоа во 2005 “Пролетта на Живко Чинго”; 2010 “Благословена земја Климентова”;  2015 “Езеро, рибари и боемот” сите во издание на Ирис-Струга.

На 6 декември, 2019 година НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид писателот Коста Фортомароски го прогласи за почесен член на Библиотеката.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.