На 6 декември – промоција на ревијата „Стожер” на ДПМ

93

На 6 декември (вторник) со почеток од 12 часот во просториите на Друштвото на писателите на Македонија ќе се одржи промоција на ревијата „Стожер” на ДПМ за 2022 година. На промоцијата ќе се обратат Христо Петрески, претседател на ДПМ и Славчо Ковилоски, главен и одговорен уредник на ревијата. Во трите броја подготвени од новата редакција, која освен Ковилоски ја сочинуваат: Лилјана Пандева, Даниела Андоновска-Трајковска, Лејла Емин Шериф и Стефан Марковски, се објавени стотина прилози од вкупно 70 автори. Освен новини во редакцијата, ревијата има и нов графичко-технички дизајн, како и нови рубрики (Хроника на ДПМ, Литературни вести од светот и од Македонија итн.) На страниците на „Стожер” оваа година се одбележани низа јубилеи (Владимитр Костов, Горан Стефановски, Васил Иљоски итн.), повеќе студии и осврти, есеистички записи, прозни и поетски остварувања, епистоларни обраќања и сл.

За истакнување е што од број 144, прилозите на „Стожер” се индексираат и се евидентирани во заедничката интернетска библиографска платформа ЦОБИСС,на која се поврзани преку 1390 библиотеки од Балканот. Ова овозможува вмрежување и прегледност на сето објавено на нашите страници со едноставно впишување на името на авторот или насловот на делото. Со тоа, имињата и делата на македонските писатели стануваат дел од глобалната мрежа на информации и лесно достапни за пребарување.

Ревијата „Стожер” на Друштвото на писателите на Македонија останува отворена за соработка и промовирање на квалитетни прилози поврзани со македонската и светската книжевна сцена, водејќи сметка за стилските и естетските вредности на објавените материјали.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.