Промовирана книга во чест на големата поетеса Виолета Сековска

353

Скопје, 16 октомври 2021

Во чест на големата македонска поетеса Виолета Сековска, денеска во кафулето “Кашмир” беше промовирана книга во која за неа грст поезија и топли посвети напишаа еминентни македонски пера, нејзини пријатели по поетската реч и нејзината ќерка Сара.
Книгата со елегантни тврди корици “Албум од спомени за Виолета Сековска” ја објави “Здружение на просветни работници литературни творци на Македонија”, во уредништво на познатата авторка Благојка Филипчева.
Виолета во 2011 година ја издава својата прва стихозбирка “Македонија” посветена на татковината. Во текот на десетгодишниот активен и мошне плоден период на пишување издаде осум книги со поезија и една збирка детска поезија “Светот на Јаков”.
Коавтор е во повеќе збирки поезија во Македонија но и надвор од границите на земјата, учесник во македонски антологии, англиска антологија, а награди за своите дела освои кај нас, во Србија и во Хрватска.
Со своите стихови има гостувано на македонски културни денови во Шведска, Данска, Албанија. За неа поезијата беше избор на енергија и движечка сила .
Пленуваше со насмевка, позитивна енергија и лавовско срце. Светот го напушти ова лето, на 59 годишна возраст, но зад себе остави вредно творештво во кое целосен акцент стави на Македонија и љубовта на се што е македонско.
Пишуваше родољубива и љубовна поезија, а најпозната останува по чувството и пиететот со кој ја опеа Македонија во своите стихови. Живееше за поезијата, беше почитувана и позната и како организаторка на бројни поетски манифестации и литературни читања.

Валентина Ѓоргиевска Парго


куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.