„Љубовта на 35-годишната жена“ од бугарскиот писател Калин Терзијски објавена на македонски

98

Објавена збирката раскази „Љубовта на 35-годишната жена“ од бугарскиот писател Калин Терзијски

Издавачката куќа Готен ја објави збирката раскази „Љубовта на триесет и пет годишната жена“ од бугарскиот писател Калин Терзијски. Преводот од бугарски јазик е на Душко Крстевски.

„Љубовта на триесет и пет годишната жена“ содржи единаесет раскази во кои Калин Терзијски истражува различни, понекогаш гранични, манифестации на љубовта во современиот живот. Авторот умешно понира во длабочините на емотивниот живот, таму пронаоѓајќи ги очајот, личната празнина, незадоволствата, но и надежите на неговите најчесто маргинални ликови.

Терзијски е писател кој сака своите ликови да ги доведува до екстремни емотивни ситуации, верувајќи дека тие крајни, гранични ситуации, најсуштински кажуваат кој е всушност човекот. Затоа низ „Љубовта на триесет и пет годишната жена“ дефилираат обични жени и мажи, осаменици и чудаци, луѓе кон кои животот понекогаш бил и премногу суров. Но, и покрај тоа тие го живеат својот живот со хумор и утопистичка надеж, многу често зачувувајќи го своето достоинство, нешто што можеби е единствената победа што ќе ја остварат во животот.

Калин Терзијски (1970) е современ бугарски писател. По професија е лекар, психијатар, но на почетокот на 2000 година се откажува од медицинската кариера за да се занимава со пишување. Во 2011 година за збирката раскази „Има ли некој да ве сака“ ја добива наградата за литература на Европската Унија. Покрај оваа збирка раскази и „Љубовта на триесет и пет годишната жена“ ги има објавено и книгите „Алкохол“ (2010) и „Лудило“ (2011).

Душко Крстевски (Скопје, 1981) дипломирал на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Во 2013 година ја објавува поетската збирка „Алхемија на 21 век“. Застапуван е во неколку антологии на македонската млада поезија и учествувал на неколку поетски фестивали. Од бугарски јазик има преведено дела од: Кристин Димитрова, Здравка Евтимова, Георги Господинов, Васил Георгиев, Алек Попов, Александар Секулов, Захари Карабашлиев и многу други.

Издавањето на книгата е поддржано од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.