Објавен романот „Мојот татко спие со ангелите (мал воен дневник)”

26

Скопје, 30.05.2024

 

„Македоника литера“ деновиве го објави романот „Мојот татко спие со ангелите (мал воен дневник)“ на познатиот хрватски писател Стјепан Томаш, во превод од хрватски јазик на Славчо Пеев.

Романот „Мојот татко спие со ангелите“ првпат е објавен во 1992 година. Потоа Стјепан Томаш ја продолжи приказната и напиша уште два дела и како проширено издание беше објавен со наслов „Мал воен дневник“ (1994). Но во наредните изданија (од 1997) беше публикуван како „Мојот татко спие со ангелите (Мал воен дневник)“ и досега има 15 изданија на хрватски јазик. Книгата е популарна кај младите читатели во Хрватска и е задолжителна лектира во основното образование во Хрватска. Напишана е во форма на дневник. Главниот лик – девојче, пишува дневник за војната во Хрватска во почетокот на деведесеттите години на минатиот век. Во вториот и третиот дел се опишани заминувањето на децата од основно училиште во Осиек во австрискиот град Пинкафелд и нивното враќање во Осиек (по стодневен егзил). Преку дневничките записи е раскажана приказната за девојчето Цвијета Матко­виќ. Ненадејната промена во начинот на живот, предвоената и воената ситуација се прикажани од перспектива на десетго­диш­но девојче кое не е сосема свесно што се случува околу него. Сè што гледа е вознемиреност, постојан хаос што станува секојдневие, а потоа и страв кој полека се влева во него и во нејзиното семејство.

На крајот, нормалното детство и слатките проблеми на детето се заменети со проблеми со кои ниедно дете не треба да се соочи. Девојчето одеднаш е обземено од грижа за прет­стојната зима и студот, копнеж за поранешни пријатели, без­грижност од играње и одење на училиште, а потоа разделба со родителите и на крајот повторно живеење во воена средина.

Девојчето се соочува со смрт не само на војници и согра­ѓани, туку и на нејзините најблиски соседи, пријатели од училиште и други врсници. Тоа на тој начин директно се соочу­ва со смртта што е посебен товар за девојче на таа возраст. Токму овие теми го прават ова дело потресно. Едно е да се мисли на војната како производ на возрасните кои на крајот страдаат од неа, а сосема поинаку е кога оние кои се најмалку виновни за тоа, имено децата, треба да се соочат со неа. Ним им се ускратува детството, што само по себе е голема загуба, а тоа се одразува и врз нормалноста на подоцнежниот живот. Напишано како дневник на десетгодишно девојче, со тешкото секојдневие и во воената средина, ова дело носи јасна порака: секое дете треба да биде заштитено од смртонос­ни­­те игри на возрасните.

Овој роман на Томаш и романот „Добар ден, тато“ повеќе од две децении се задолжителна лектира во основното образование во Хрватска и се култни романи во современата хрватска литература за деца.

Стјепан Томаш (1947 година) е современ хрватски писател. Објавил петнаесетина книги раскази и романи за возрасни, како и книга со драми од кои две се изведени (во Загреб и Осиек). Пишувањето за деца го започнува со радиопиеси (наградувани и емитувани на тогашното Радио Загреб), а потоа ги објавува романите: „Молецот и ноќниот чувар“ (1982), „Добар ден, тато“ (1987), „Ало, овде се командосите“ (1991) и „Мојот татко спие со ангелите“ (1992), кој значително дополнет е објавен во 1997 година со насловот „Мојот татко спие со ангелите / Мал воен дневник“. Следуваат романот за деца „Кучето кое читаше од усни“ (2000), расказите за деца и млади „Гудачкиот квартет од Бостон“ (2008), како и романот „Гусла­рот од марципан“ (2004).

Уште со првите книги за деца, застапен е во читанките и лектирата за основно образование. За книгата „Добар ден, тато“ ја доби наградата „Григор Витез“, а за „Гусларот од марципан“, наградата „Иван и Јосип Козарац“ во Винковци. Романот „Мојот татко спие со ангелите / Мал воен дневник“ е преведен на италијански (1994) и на словачки јазик (1997). Некои дела на Томаш се преведени на повеќе јазици – итали­јан­ски, словенечки, словачки, унгарски, германски, чешки и македонски. На македонски јазик е преведен романот „Злато­устиот“ (кој е посветен на Јосип Јурај Штросмаер и Константин Миладинов) и „Добар ден, тато“ („Македоника литера, 2023).

Живее и пишува во Осиек.

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.