ОД МОЈ АГОЛ: Ѕвездените Рацин, Лешоски и Марин Бабиќ!

151

Деновиве имаше конкурс за прием на нови членови во Друштво на писатели на Македонија и уште сама се смеам неколку од новите претенденти, чии книги сум читала, ми се обратија, некои од нив и мислејќи дека сум дел од Друштвото.
Симпатично чувство ми создаде особено нивната збунетост “како тоа не си?”, и “како тоа не знаеш професионални писатели”, но не е чудно: често сум во друштво на луѓе кои тоа се. И можеби оттука. Или, што знам зошто…
И не знам кој од нив е баш “професионален” а кој “аматер”, зошто писател е писател и нема друг опис.
Добро, имаше во детството една ситуација кога доцна навечер гледав некој филм во кој во една сцена од преубава вила на карпа по скалите кон морето се симна убава девојка/ жена и се запозна со едно момче и му рече: “Јас сум писателка, тука го пронаоѓам својот мир, во звукот на морските бранови и пишувам на машина”.
-Мамоо, и јас кога ќе пораснам сакам да сум писателка, имаме машина за пишување, имаме куќа покрај вода, уживам во звукот на брановите на нашето Преспанско езеро, ех само што не сме на високо, на карпа!- скокнав.
Сега (ако пораснав?!) не, не сакам да сум писателка, но душа давам да го усовршам рускиот и германскиот, за на оригинален јазик да го прочитам Достоевски, Толстој, и особено Бернхард Шлинк “Читачот”, Брехт и Гете (сите психолози од Фројд, Адлер, Јунг и слично).
******
Многу е убаво да си писател, да пишуваш, и да те примат во Друштвото на писатели, ако сакаш. Јас да би одлучувала, сите кои се пријавија без двоумење ќе ги примам до еден, секој што ќе посака, па макар имал само еден или дури ниеден читател на неговото дело. А кој може строго да оцени кој е писател кој не и по кое правило? За мене може е, баш тој што за друг не е… Правило нема.
Додека пак, ако зборуваме за она правило кое го донело општеството, Друштво треба да постои и да ја брани честа на секој кој е, или гравитира кон него.
Но, знаете? Јас сакам да останам “писателка- аматерка”. Во нив е силата. Просто сум изненадена, бидејќи ги читам книгите кога ќе ми ги подарат, какви “ѕверови” од себе одврзале бројни (пензионери) “аматери” кои почнале да пишуваат за свое задоволство, некои дури и откако се пензионирале и стигнале дури до 5, 10, 20, па и повеќе објавени книги.
На човек кој бил роден писател, ти само дај му само слобода, пенкало и време и тој чуда ќе направел, како Архимед со лостот. Откриваат вистини, интересни случки, пишуваат раскошно и сликовито,
Ве молам застанете во ред, или преку ред, на сите да ви потпишам прием во моето “Друштво на омилени писатели”,
Но, што е писател?
Човек кој се бори да ја извлече вистината на виделина, и да не повреди човечки емоции, туку да ги залечи повредените, ете тоа е.
И, кога си писател фактички не можеш да припаѓаш на друштво, Ти веќе припаѓаш на светот, не можеш ни да припаѓаш на времето, секоја рамка и граница се шири и те надминува и те надживува.
Писателот е тој кој со перото се спротивставил на кралот, на војските, на моќниот, на злобниот. Па затоа јас на нашето Друштво му се лутам. Му се лутам од тогаш кога како институција не ги спречи нападите и јавните медиумски линчувања на нивниот млад наследник Лешоски, пред неколку години. Ако не тие, тогаш кој? Злосторникот/злосторничка сигурно нема. Тој го прави злото, а потоа можеби и се кае долго, долго, но добро од него не излегло.
Навистина не знам што се случи, ситуацијата беше толку хистерично и вештачки испродуцирана (а веќе добро врежана во колективната меморија), така што не знам ни кој ја почна, ни зошто, ни кој ја менаџираше… Ни чуму? Лудило.
Чуму откинавте цвет? Млад писателски цвет?
Од тој момент, кога институцијата ДМП не даде отпор, ДПМ за мене престана да дише, сега е малкууууу на вештачко дишење и сакам да оживее.
Навистина кажете ми, што е писателот ако не ги одбрани слабиот, немоќниот, нападнатиот, а нападнат без грев?
Јас затоа инсистирам и јас да бидам примена во Друштвото на писатели на Македонија, не со членска книшка, со извинување. Извинување за болката што ми ја направи со неодбранувањето на таа неправда.
Да, да, и да. Писателот е тој со перото мора да ја брани младата душа, инаку што би бранел? Да плете мрежа од заштита, да го насочува, да му открива тајни на животот. Мора извинување, не смее да остане така.
Да не остави да го линчуваат. За било што. Секој кој е вистински писател самото одвнатре ќе му дојде да скокне и да брани. Таков е инстинктот, на самиот писател. Зар не сте ги читале класиците и не сте сфатиле како тие жолчно ја бранат правдата, кревкоста, ахиловата петица на човекот? Секаде каде е повредено некое чувството, тие прискокнуваат во одбрана, го земаат во свои раце и го држат нежно, како младо пиле на дланки.
Чувствата на човекот ете тоа бранат писателите!
Оној кој со копје ги ранил и тие крварат, писателите го рануваат него, меко (а остро) со перото. Тоа мало ситно лесно пердувесто парче, натопено во мастило, ги предизвикува сите војски. И победува.
Веќе си кажав- чекам извинување, за болката која и јас тогаш ја почувствував со таа постапка, а знаете дека ние писателите (ако веќе ме примивте) сме трпеливи, нека биде кога тогаш.
Ние. Од земјата на младиот Рацин, во која за тие “чувства” се борел на свеќа, догорена, докапена. Со пенкалото бестрашно против крвниците, крвопијците, против угнетувачите. Ги бранел чувствата на Ленка.
Рацин бил на речиси истата возраст како (тогаш) Лешоски.
Ленка и Лешоски, што имаат заедничко?
Го имаат прашањето што ни се наметнува.
Што му направивте на младоста? На младиот поет? Што му направивме на младиот човек, кој и да е тој? Самото одземање на нешто што си го дал во рацете на млад човек за мене е пораз. Макар и да посакал нешто за кое не е “достоен”. Што направи ли толку за да го прогласат за недостоен? Да му суди јавно преки суд за вина што не ја сторил. Осквернавија млад поет/ писател.
И сега, таа болка во мене ги повикува пистелите, но како институција ДПМ да се огласат и да извинат.
А тие и знаат дека јас писателите ги обожавам како луѓе. Пред некој ден, сретнав една драга писателка, пиев кафе со друга, се слушнав со трета, а лебдам кога во инбокс кога ќе ме облагородат со писателски составена порака, на чија наративна естетика просто и не знам како да одговорам.
Ленка е македонската болка некогаш, Лешоски е денешниот однос кон помладите, желните за убави нешта.
Колкумина од Вас го делите моето мислење? Знам, на времето со мене се согласи само писателката Оливера Доцевска (од ДПМ), а јавниот статус што го напишав драгиот актер Марин Бабиќ веднаш, самоиницијативно, го објави на својот блог, во знак на поддршка.
И затоа јас сега него прво го прогласувам за прв и почесен член на моето Друштво на писатели, за Писател меѓу ѕвездите. Не знам дали има објавено книга, пишуваше извонредно, со максимална доза на интелект, на широк, мудар, разбирлив и “народен” интелект кој никого не потценува, а со овој витешки писателски гест се виде дека неговата душа беше на писател. Голем писател. Писател кој уметнички ја пишува Книгата на животот. Дел од неа…
И не туку- така сите свои магични ноќни радио емисии ги почнуваше со поезија, со стихови, секогаш со истите (и никогаш не со снимени, ами со однова рецитација). Тоа е одбрана на чувства.
Браво писателу Бабиќ, Ѕвезден писателу, Ти ја одбрани честа на моето друштво, сега на ред е и она Вистинското.
Ах, да, ќе заборавев, еве ги стиховите (на “Проштална!”, од Никола Јонков Вапцаров) со кои нѐ воведување во својот магичен свет секоја недела навечер, додека во заднина како да слушам ехо од Гласот, кој нема да се повтори…

***

Понекогаш ќе идам в твојот сон
Ко нечекан и далек гост…
Ти не ме оставај на патот, вон,
Од порти истај го лостот!

Ќе влезам тивко, кротко ќе си седам крај тебе,
в мракот втренчен, да те гледам сам!
И кога, наситен ќе запрам да те гледам,
Ќе ми те бакнам и – ќе заминам.

Валентина Ѓоргиевска Парго,
независен новинар и уредник

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.