Повод – „ Господ постои, името ѝ е Петрунија“

951

Пишува Татјана Гогоска

“Господ постои името ѝ е Петрунија “ од Теона Стругар Митевска, во главна улога на прекрасната Зорица Нушева е филм, кој не може да Ве остави рамнодушни. И само откако ќе го видите, ќе разберете зошто овој филм доживеа огромен успех на  69-тото издание од престижниот филмски фестивал Берлинале и освои  две награди (престижната наградата на Екуменското жири, и наградата на германскиот еснаф на независни киноприкажувачи) а француската компанијата за продажба „Пирамид“, ги откупи правата за продажба  низ целиот свет. Како одличен филм „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ веќе е има резервирана ексклузивност за отварање или затварање на многу фестивали.

Сцена од филмот

Како наједноставно да го опишете овој филм? Како филмски приказ на македонското општество, во кое табуите во однос на  родовата нерамноправност се застанати некаде во дамнешно време. Каде религијата т.е. нејзините претставници не ги почитуваат  основните Божји правила, каде младите се изгубени во времето кое не го препознаваат. Ова е филм, кој отворено но, сепак суптилно ги открива пропустите во полицијата, медиумите, вработувањето и се преку призмата на  младата хероина Петрунија, која барајќи го своето место во просторот ја бара смислата на животот, ја бара основата на постоењето -љубовта. Останувајќи цврста иако изгубена, одлучна иако збунета, успева да го пронајде светлиот зрак на живеењето….

И додека филмот се прикажува во македонските кино сали, тој е распродаден за кино дистрибусија во 28 земји. Едноставно приказната на Петрунија во ликот на Зорица Нушева гордо ќе го обиколува светот, почнувајќи од 1-ви мај со Франција, за потоа, Петрунија да го продолжи патувањето. Од Далечниот Исток во Кина, Јапонија, до Австралија, преку Јужна Америка во Бразил и Колумбија, па на север до Канада, преку Турција и земјите од Блискиот Исток, до источна Европа вклучително Русија, Полска, Романија, Унгарија, Украина, па во западна Европа Италија, Шпанија, Белгија, Австрија, Луксембург, Шведска, Данска, и Швајцарија, до речиси секаде околу нас  во Србија, Босна и Херцегновина, Хрватска, Словенија, Црна Гора ….. Петрунија ќе биде видена и во  САД, Германија, Мексико и други.
Сцена од филмот
„Господ постои, името ѝ е Петрунија“  е продаден и на телевизиската куќа HBO, која ќе почне со прикажување откако ќе заврши светската кино дистрибуција. Секако дека ваков успешен пробив на меѓународна кинодистрибуција на македонски филм е  реткост, а самиот факт дека филмот ќе биде виден во огромен број на земји е одличен успех за македонската кинематографија.
Може со гордост да кажеме дека „Господ постои, името  ѝ е Петрунија“ е досега најдобриот и најуспешен македонски филм.
И да кажам едноставно  БРАВО!
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.