Проектите на националните културни установи во Тетово со поддршка од над 14 милиони денари

26

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова денеска го посетија Тетово, градот со долга и богата историја и повеќеслојна културна традиција, во која се сплотуваат различните култури на народите што живеат во овој крај.

Министерките го разгледаа новиот административен дел од Музејот на Тетовскиот крај каде што за санација на објектот беа вложени 4,5 милиони денари. Со оваа инвестиција се обезбедија подобри услови за континуирана работа на една од носечките културни институции во овој град која има големо влијание и врз целиот Полошки Регион.
– Инвестираме во културата и го збогатуваме разновидното културно живеење на граѓаните, особено на младите во Тетово и околината. Министерството за култура само за поддршка на програмата вложи над 14,5 милиони денари во тетовските културни установи- рече во изјавата за медиуми министерката Костадиновска-Стојчевска.

Таа ги истакна и позитивните реакции на мотивираните здруженија, корисници на конкурсот „Култура во лето“, со кои разговараше за нивните идни проекти и планови за збогатување на културната програма на тетовчани.
– Корисниците на овој конкурс покажаа талент и знаење со коишто донесоа нова свежина во културната понуда за тетовчани, во сите уметнички области, за што беа издвоени 638 илјади денари- рече министерката за култура.

Костадиновска- Стојчевска подвлече дека се продолжува и со капиталните инвестиции во културата во Тетово, нагласувајќи дека во 2023 година се инвестирани речиси 147 милиони денари, од кои најголем дел за изградба на капиталниот објект наменет за театарот и библиотеката во Тетово.
Според министерката за култура, грижата за тетовчани да имаат богат и разновиден културен репертоар се потврдува и со основањето на новата Национална установа Музички ансамбл во Република С Македонија- Тетово, чија основна дејност ќе биде изведба, промоција и афирмација на албанската класична, џез, вокална и вокално- инструментална музика, а програмските определби ќе имаат рамноправен пристап кон сите граѓани.
Костадиновска- Стојчевска се осврна и на заштитата на културното наследство како еден од најголемите приоритети на Владата и на Министерството за култура.
– Сакам да информирам дека продолжија активностите за целосна конзервација и реставрација на ѕидното сликарство во црквата „Св. Богородица“ во Лешок. Овие активности го овозможија и реткото откритие на третиот слој живопис кој се наоѓа во олтарот, под слојот од 17 век. Како проект на Владата, реализацијата на заштитата на живописот ќе продолжи и во 2024 година, како и реставрацијата на конакот на овој наш вреден манастир и споменик на културата- информираше министерката за култура.
Министерката за култура изрази задоволство и од завршувањето на повеќегодишниот проект за конзервација и реставрација, санација и ревитализација на заштитеното недвижно добро „Алим-бегова куќа“, за што годинава беа издвоени 2,5 милиони денари.

Министерството за култура, како што истакна Костадиновска- Стојчевска, и во иднина останува посветено на остварување на активностите за негување на богатата културна традиција и посебностите на Тетово, но и за сите нови, креативни идеи во културата.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.