Промовирана „Гаја и градината“

23

Неодамна 5.05.2023 г. во ЈУ Младински културен центар (МКЦ) се случи втора по ред промоција на книгата „Гаја и градината“.
Книгата е заедничко дело на Ева Божиновска, авторка на текстот и ученичка во С.У.Г.С.,,Никола Карев” во Скопје, како и авторките на илустрациите Елена Апостоловска, Мирјана Спасоска и Јана Стефановска, ученички во втора година во средното уметничко училиште ДСУЛУД “Лазар Личеноски” во Скопје на Одделот за мултимедија.
Текстот на Ева Божиновска зборува за враќањето кон природата и вредностите на градинарството во еден дистописки урбан свет.
Книгата е заедничко издание на ЈУ Младински културен центар (МКЦ) и Проектниот простор Прес ту егзит од Скопје. Уредници на книгата се Христина Иваноска и Јане Чаловски, а графичкото уредување е на Русе Арсов. Ментори во проектот беа Душица Димитровска (илустрација), Хајан Алхалаби (пермакултура), Кристина Горовска (графички дизајн), Илиана Петрушевска (визуелна уметност).
Книгата „Гаја и градината“ е резултат на активното вклучување на младите во креирање на содржина на грижлив пристап кон природата преку интердисциплинарна едукативна програма.
Финансиска подршка за проектот е обезбедена од годишната програма на Проектниот простор Прес ту егзит насловена „Недисциплинирано: Интердисциплинарни модели на истражувачка уметничка практика“ и меѓународниот проект „Big Time Takeover“ под водство на МКЦ и координација на Маргарита Арсова, во рамки на Ерасмус + програмата за соработка и инвовација и размена на добри пракси на Европската унија за стратешки партнерства, кои вклучуваат образовни програми за млади.
Од самиот почеток МКЦ соработува со уметниците Христина Иваноска и Јане Чаловски со цел да развие современ интердисциплинарен, уметнички и едукативен концепт и програма, која ќе ги опфати сите клучни цели и насоки на проектот. Од овој дијалог произлезе проектот „ГРАДИДНИНА: Градината како инструмент, пермакултура како методологија“ развиен во соработка со Хајан Алхалаби, познавач во областа на пермакултурата и соработник на граѓанската иницијатива „Бостание“, кој е вклучен како експерт и едукатор во создавање на првата институционална пермакултурна градина во Скопје.
„ГРАДИДНИНА“ има за цел да ги поттикне младите (на возраст од 14 до 18 години) во три клучни области: 1. креативно изразување преку уметнички пристап кон природата, 2. користење дигитални алатки во процесот кон пермакултурното градинарство, и 3. развивање одговорност за својот посед и принос од работата. Главната цел е воспоставување на холистичка синтеза од различни пристапи за креативно поттикнување на младите, инспирирани од големото искуството на партнерите во проектот на локално, регионално и национално ниво.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.