Сеќавање на поетесата Виолета Сековска

22

На денешен ден е родена познатата поетеса Виолета Сековска, 2 мај 1962 година во Скопје, а почина на 15 јуни 2021 година. Виолета Сековска основно образование завршила во Скопје, средно образование во гимназиските паралелки на Средното градежно и гимназиско училиште “Здравко Цветковски“ во Скопје, а дипломираше на Педагошкиот Факултет “Свети Климент Охридски“ во Скопје на кој се здоби со титула дипломиран библиотекар.
Виолета во 2011 година ја издава својата прва стихозбирка “Македонија” посветена на татковината. Во текот на десетгодишниот активен и мошне плоден период на пишување издаде осум книги со поезија и една збирка детска поезија “Светот на Јаков”.
Коавтор е во повеќе збирки поезија во Македонија но и надвор од границите на земјата, учесник во македонски антологии, англиска антологија, а награди за своите дела освои кај нас, во Србија и во Хрватска.
Со своите стихови има гостувано на македонски културни денови во Шведска, Данска, Албанија. За неа поезијата беше избор на енергија и движечка сила.
Пишуваше родољубива и љубовна поезија, а најпозната останува по чувството и пиететот со кој ја опеа Македонија во своите стихови. Живееше за поезијата, беше почитувана и позната и како организаторка на бројни поетски манифестации и литературни читања.
Во нејзина чест потоа беше објавена книга во која за неа грст поезија и топли посвети напишаа еминентни македонски пера, нејзини пријатели по поетската реч и нејзината ќерка Сара.
Книгата со елегантни тврди корици “Албум од спомени за Виолета Сековска” ја објави “Здружение на просветни работници литературни творци на Македонија”, во уредништво на познатата авторка Благојка Филипчева.
Беше сопруга и мајка, горда на својот синот Панче со внуката, и на својата ќерка Сара.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.