„Скомрахи 2023“: Младите уметници да продолжат да создаваат!

51

Со краткиот филм „Тага“ во режија на Тина Величковиќ и дипломската театарска претстава „Вилицата на Ибен Бајерс“ во режија на Борис Василески, и двете целосно создадени од студентите на Факултетот за драмски уметности, вчера во Драмскиот театар во Скопје започнаа 31. Меѓународни средби на студенти од академии и од факултети за драмски уметности „Скомрахи 2023“.
Во официјалната програма на „Скомрахи 2023“ годинава ќе бидат прикажани 25 филма и 7 студентски пиеси, а дополнително ќе се реализираат и изложби, работилници, предавања и богата музичка програма.
Отворањето на средбите, заедно со многубројните студенти театролози и филмаџии од регионот и од Европа, го проследи министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која се осврна на темата во фокусот на „Скомрахи 2023“ – односот меѓу човекот уметник и вештачката интелигенција.
– Прекрасно е чувството да се биде во друштво со млади луѓе кои се дел од 31. „Скомрахи“, особено што на овогодишните средби во фокусот е една многу важна тема која има свои вредности и предности, но и различни начини на придонесување кон уметничката сцена и човечката креативност – рече министерката за култура по свеченото отворање.
– Од особено значење е фактот што уметникот бара во себе и во околината инспирација. Неговиот креативен процес потекнува од емоции, искуства, мислења и интеракција со светот. Тој создава уметнички дела кои го одразуваат неговиот уникатен поглед на светот, неговата култура, верувања и искуства. Во целата оваа разноликост, наоѓаме богатство од идеи и изрази кои ја збогатуваат културната сцена. Со појавата и рапидниот напредок на вештачката интелигенција, сценариото се менува. Вештачката интелигенција има потенцијал да донесе различни предности и предизвици во подобрување на комуникацијата и размена на идеи во образованието и културата, но, сепак, е базирана само на податоци и анализа на обрасци, без емоции, среќа или тага – рече Костадиновска- Стојчевска.
Таа додаде дека ова се само неколку аспекти што може да бидат истражени и разгледани во контекстот на меѓународните студентски средби на Факултетот за драмски уметности. Важно е да се води дебата и да се истражуваат можностите за користење на вештачката интелигенција на најдобар начин за подобрување на образованието и искуството на студентите на факултетите за драмски уметности.
– Иако вештачката интелигенција може да создаде впечатливи слики, музика и текстови, таа нема длабока врска со човечките емоции. Затоа искрено мислам дека сѐ додека постојат уметниците, тие ќе изнајдат начини да ја искажат својата креативност – рече министерката за култура, притоа порачувајќи им на младите уметници да продолжат да создаваат и да инспирираат бидејќи вистинската уметност произлегува од срцето и душата, независно од технолошките иновации што, несомнено, ќе продолжат да нѐ зачудуваат во иднина.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.