Фестивал на нем и класичен филм: “Носферату” во Кинотека

25
На 31 август со  проекција на „Носферату, симфонија на стравот“ на Фридрих Вилхелм Мурнау и музичка придружба на Џијан Емин почнува Фестивалот на нем и класичен филм во Кинотека

Со проекција на НОСФЕРАТУ, СИМФОНИЈА НА СТРАВОТ (Nosferatu, eine Symphonie des Grauens / Nosferatu, a Symphony of the Gray), филм на Фридрих Вилхелм Мурнау (Friedrich Wilhelm Murnau) од 1922 година, во музичка придружба на Џијан Емин, на 31 август (среда) во 20 часот во летното кино, Кинотека го започнува годинешното издание на ФЕСТИВАЛОТ НА НЕМ И КЛАСИЧЕН ФИЛМ, кој ќе трае до 7 септември. Во 14 термини ќе презентираме: три филма на типичниот претставник на германскиот експресионизам Мурнау; два со Бастер Китон (Buster Keaton), „човекот со каменото лице што го засмејуваше светот“ од ерата на немиот филм; мини-циклус на Рајнер Вернер Фасбиндер (Rainer Werner Fassbinder); по еден филм на француските авторски ведети Луј Мал (Louis Malle) и Клод Соте (Claude Sautet),; како и домашното документарно наследство – ФИЛМСКИ НОВОСТИ (1945-1948). На 7 СЕПТЕМВРИ (СРЕДА), 20 часот, на последната вечер на ФЕСТИВАЛОТ НА НЕМ И КЛАСИЧЕН ФИЛМ, во летното кино ќе бидат прикажани три етнолошки филмови во чест на проф. д-р Вера Кличкова, по повод 111 години од нејзиното раѓање. Оваа проекција на филмовите РУСАЛИСКИ ОБИЧАИ ВО ГЕВГЕЛИСКО, ВЕЛИГДЕНСКИ ОБИЧАИ и МАРИОВСКА СВАДБА е дел од проектот „Сезона на филмски класици“ (A Season Of Classic Films) на Асоцијацијата на европски кинотеки (Association des Cinematheques Europeennes / ACE), со чија финансиска помош, истите беа дигитализирани и дигитално реставрирани.

Освен НОСФЕРАТУ, ќе ги видиме и филмовите ФАУСТ (Faust / Faust) и ПАТУВАЊЕ ВО НОЌТА (Der Gang in die Nacht / Journey into the Night) на Мурнау. Можеби ќе звучи како интересна паралела што актерот Вилхелм Дитерле, кој во филмот ФАУСТ го игра Валентин, братот на Гречен, во 30-те години од минатиот век емигрирал во САД и направил светска кариера како режисер и актер под името Вилијам Дитерле (William Dieterle). Во богатата кариера го режирал и ДУБРОВСКИ (1959; според истоимената новела на Александар С. Пушкин за руската варијанта на Робин Худ) под оригиналниот наслов ОДМАЗДНИКОТ (Il vendicatore / The Avenger) како копродукција помеѓу „Вардар филм – Скопје“ од Македонија и „Хеспериа филм – Рома“ од Италија. Во него, покрај актерите Џон Форсајт (за нашата публика најпознат по главната улога во некогаш мега-популарната ТВ серија „Династија“), Росана Скиафино, Пол Далке и Мерио Бернарди во главните улоги, играат и Илија Џувалековски, Драгомир Фелба, Дара Милошевиќ, Јован Јаниќиевиќ, Божидар Дрниќ, а во екипата на филмот учествувале и Ацо Петровски како директор на филмот, костимографката Мира Глишиќ, асистентите на режија Александар Ѓурчинов, Кочо Недков и Миомир Мики Стаменковиќ, потоа асистент снимател Љубе Петковски, асистент на сценографија Диме Шумка и организаторот на снимање Ристо Теофиловски-Риџвеј.

Кога сме кај куриозитетите врзани со овој филм, хрониките забележале дека на аудицијата за главната женска улога се пријавила и Лени Рифенштал (Leni Riefenstahl), подоцна успешна актерка, но многу попозната како режисерка на пропагандните документарни филмови од периодот на нацистичка Германија (ТРИУМФ НА ВОЛЈАТА и ОЛИМПИЈА се нејзини најпознати наслови). Меѓутоа, била одбиена. Фасбиндер, пак, во неговиот краток и бурен живот (1945-1982) снимил 30 филмови во период од 12 години.

Вљубеникот во холивудските мелодрами на Даглас Сирк (Douglas Sirk), во раната младост ќе ја „размрда“ германската и европската кинематографија со неговите бескомпромисни филмови. ЛИЛИ МАРЛЕН (Lili Marleen), БРАКОТ НА МАРИЈА БРАУН (Die Ehe der Maria Braun / The Marriage of Maria Braun), ЕФИ БРИСТ (Fontane Effi Briest / Effi Briest), КОПНЕЖОТ НА ВЕРОНИКА ФОС (Die Sehnsucht der Veronika Voss / Veronika Voss) и МАРТА (Martha) се изборот од неговата исклучителна филмографија за ова издание на ФЕСТИВАЛОТ НА НЕМ И КЛАСИЧЕН ФИЛМ.

Фестивалот е во организација на Кинотеката и Кино – Балкан.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.