На Светскиот ден на аудиовизуелното наследство- промоција на книга на д-р Атанас Чупоски

41

На 27 октомври (четврток), во 12 ч. Кинотеката на Р. С. Македонија ќе го одбележи Светскиот ден на аудиовизуелното наследство со промоција на книгата „Иницијација и покајание – доминантни топоси во наративниот дискурс на рускиот филм во XXI век“ на д-р Атанас Чупоски и со и презентација на „блуреј“-изданието на првиот македонски игран филм ФРОСИНА на Воислав Нановиќ.

Промотори на книгата ќе бидат проф. д-р Лидија Стојановиќ-Лафазановска и директорот на Кинотеката, кој воедно е уредник на изданието – Владимир Ангелов.

„Иницијација и покајание…“, во издание на Кинотеката, е филмско-теориско истражување на д-р Чупоски, филмолог-советник во Кинотеката. Низ дванаесет поглавја, во интермедијална релација се поврзуваат сакралните наративи карактеристични за древните општества, аспектите на духовниот живот во Православието, аспектите на раскажувачките техники во разни медиуми, со современиот јазик на филмот. Истражувањето ги поврзува и трипартитните етапи карактеристични за иницијацијата, христијанското покајание и принципите на нарација, преку трипартитната структурна схема на иницијацијата: сепарација – иницијација – инкорпорација, што наоѓа свои паралели во трите фази на покајанието: искушение – покајание – простување, во трите етапи: покајание – исповед – причестување, но и во трипартитната схема на раскажувачката и филмската уметност: експозиција – заплет – расплет. Во аналитичкиот дел се интерпретирани наратолошко-филмолошките специфики на пет руски филма: ЦАР, ПАРАКЛИС НА АНГЕЛОТ, ПОП, ЧУДО и ОСТРОВ, а во расчитувањето на нивниот диегетски свет исползувано е православното христијанско учење за светот и животот како своевиден херменевтички клуч во толкувањето на внатрешниот филмски свет.

Текстот е интегрална верзија на истоимената докторска дисертација на Атанас Чупоски, работена под менторство на проф. д-р Маја Бојаџиевска и проф. д-р Славица Србиновска, одбранета во 2017 г. на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.

Атанас Чупоски (1969, Скопје) е писател и режисер, поет и сценарист, филмолог и компаративист, доктор на филолошки науки и магистер на аудиовизуелни уметности. Автор е на поетската книга „Концерт на труба во дур“ (2007), филмолошко-наратолошка студија „Христијанските слики и симболи и нарацијата во филмовите на А. А. Тарковски“ (2012), збирката раскази „Старинарница Балкан“ (2014) и книгата поезија „Der Wanderer“ (2015). Автор е и на стотина книжевни и филмолошки студии, есеи, раскази, песни и публицистички текстови, објавени во повеќе весници, списанија и интернет-портали. Негови раскази и есеи се преведени и објавени на неколку светски јазици. Учествувал на повеќе меѓународни научни конференции и симпозиуми во земјава и странство. Професор е по предметите Историја на филм и Теорија на филм на Факултетот за филмски уметности при Универзитетот „Еуропа Прима“ во Скопје.

Сценарист и режисер е на седум документарни филмови, како и на кусометражниот игран филм КАФЕЗ – филмски остварувања коишто учествувале на бројни меѓународни фестивали, исто како и на дваесетина ТВ-емисии во продукција на МРТ, а и над стотина радиоемисии во продукција на „Канал 103“ и „Радио Равел“. Член е на Друштвото на писателите на Македонија и на Друштвото за компаративна книжевност на Македонија.

Кинотеката годинава ја одбележа 70-годишнината од премиерата на првиот македонски игран филм – ФРОСИНА, снимен во 1952 година, во режија на Војислав Нановиќ, а во продукција на тогашниот државен филмски продуцент „Вардар филм“ – со објавување на „блуреј“-изданието од филмот (омот). Инаку, нашиот македонски филмски првенец ФРОСИНА – минатата година беше дигитално реставриран во лабораторијата „Клик филмс“ во Загреб, Хрватска.

Дигитализацијата на македонските играни филмови е една од основните активности на нашата институција, која е единствена институција во земјава – чија работа е да се грижи за заштитата и чувањето на националното аудиовизуелно наследство.

ФРОСИНА e првиот македонски долгометражен игран филм, по сценариото на писателот Владо Малески, а во режија на Војислав Нановиќ. Премиерата била одржана на 28 јуни 1952 година во скопското кино „Култура“. Снимен е во црно-бела техника на 35-мм лента, со времетраење од 79 минути. Жанрот на филмот е социјална драма за егзистенцијата, печалбарскиот живот, Втората светска војна и трагедијата на една мајка која го губи синот единец. Насловната улога ја толкува Мери Бошкова (Фросина), а во другите улоги играат Ацо Јовановски (Климе), Петар Велјановски, Наѓа Подерегин, Петре Прличко, Илија Џувалековски, итн… Продуцент на филмот е „Вардар филм“, директор на фотографија е Киро Билбиловски, композитор на музиката е Трајко Прокопиев, сценографијата е на Милан Васиќ, а асистент на режија бил Трајче Попов.

Кинотеката го објави и дигитализираното издание (ПДФ формат) на зборникот текстови од симпозиумот на тема „ФРОСИНА – првиот македонски игран филм“, одржан во мај 1989 година, на кој учествуваше голем дел од филмската и актерската екипа, како и голем број филмски критичари и историчари, писатели, уметници и културни дејци. Сите излагања и дискусии водени на овој симпозиум, задно со сценариото, во 1991 година беа објавени како посебно печатено издание на Кинотеката, денес достапно за истражувачи и проучувачи на македонската кинематографија на сајтот на Кинотеката.

Одбележувањето на Светскиот ден на аудиовизуелното наследство го започна УНЕСКО, а потоа го прифатија и презедоа меѓународните тела што обединуваат организации и асоцијации на филмски архиви, музеи и институции што се занимаваат со заштита и чување на аудиовизуленото наследство, предводени од Координативниот совет на здруженијата на аудиовизуелни архиви (CCAAA -Coordinating Council of Audiovisual Archives Associations).

Аудиовизуелните архиви (кинотеки, филмски архиви, музеи, библиотеки итн.) од целиот свет – во периодот околу 27 октомври, на различни начини – го одбележуваат овој ден-паметник преку организација на различни настани, проекции, изложби, дискусии итн. – со цел да ја подигнат јавната свест за ранливоста на аудиовизуелните материјали и нивното значење за колективната меморија.

Светскиот ден на аудиовизуелно наследство, првично е востановен од УНЕСКО, но денес, во негова реализација учествуваат Координативниот совет на здруженија на аудиовизуелни архиви и осум други сродни меѓународни организации. Mеѓу нив и ФИАФ (Fédération internationale des archives du film / International Federation of Film Archives), каде што членува и Кинотеката на Македонија, а се одржува во чест на луѓето и институциите кои работат на зачувување на аудиовизуелните материјали, односно на аудиовизуелното наследство кое се зачувува за идните генерации кои доаѓаат.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.