Театар „Златен елец” во Гевгелија ќе ја прикаже детската претстава “Тајната книга на дедо”

47

Oд репертоарот на независното уметничко здружение Театар „Златен елец“, во организација на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, во Народниот театар- Гевгелија, ќе биде одиграна театарската претстава за деца „Тајната книга на дедо“. Со претставата, ансамблот на „Златен елец“ ќе гостува на 16 февруари, 2023 година.
Претставата ќе почне во 18 часот. Влезниците чинат 100 денари и се пуштени во претродажба од денеска до четврток, во Народниот театар- Гевгелија, а можат да се купат во периодот од 8 до 15 часот и пред почетокот на претставата.
„Тајната книга на дедо“, во режија на Надица Петров, е претстава за деца која низ ликовите на сестричките, дедото, животните и џинот, на детски, забавен и волшебен начин, не учи за вистинските вредности, за другарството, предрасудите и почитта кон постарите. Низ оваа приказна не водат Сара и Тара, две сестрички кои имаат заедничка мисија – да ја пронајдат тајната книга на својот дедо и да откријат какви тајни се чуваат во неа! Со итар план, успеваат да го натераат дедо им да ги остави сами, за да ја најдат таа тајна книга. Штом ќе ја пронајдат, се впуштаат во еден нов волшебен свет на зајакот, желката, лисецот и џинот! Дали ќе ја откријат најголемата и најважна тајна? Претставата е наменета за деца над три години, за нивните родители и за сите театарски љубители.
Улогите ги толкуваат: Надица Петрова, Филип Миленкоски, Пируника Киселички и Ванеса Тримчевска.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.