Никола Тодороски со стенд- ап шоу во Мкв

17

На 15-ти декември во Кино Фросина во Младинскиот Културен Центар во 20 часот, ќе настапи Никола Тодороски со своето најново стенд-ап шоу со наслов „Да болиТ!”. Настанот го организира Skopje Comedy и ги охрабруваат сите скопјани да дојдат на шоуто ако сакаат на пролет или лето охриѓани да ги пуштат на плажа.

За шоуто Никола вели: „Во секоја секунда од секој ден на секого му се случува нешто „Да БолиТ”. Си се споредил со некој подобар – Да БолиТ. Другарка ти се мажила ти не – Да БолиТ. Другар ти замина странство ти не – Да БолиТ. Ти замина странство другар ти не – Да БолиТ. Уште живејш со родители и сите дома вкупно имате 1947 години – Да БолиТ. Михаела имат поубо точаче – Да БолиТ. Ти слушаш метал комшијата Аца Лукас – Да БолиТ. – во стомачните!”. Како загревање пред шоуто на Никола Тодороски, ќе настапи Никола Братучед Сиљаноски кој е добро познат на охридската стенд-ап сцена.

Во своето ново стендап шоу Никола ќе се потруди да ве натера да заборавите на секојдневието, на проблемите, на сивилото, на рестрикциите, на високите сметки. Потоа тој намерно ќе ве потсети на сите овие работи и сите заедно ќе се изнасмееме.

До сега Никола настапи во Охрид, Битола, Прилеп, Струга, Штип, Радовиш и шоуто беше посетено од околу 4500 гледачи. На ред е Скопје!

За 11 години активна стендап кариера со преку 150 изведби годишно тој создаде пет соло стендап шоуа: “Се викам Никола”, “Делириум”, “Вештачка Интелигенција Природна Глупост”, “Рециклирани Конфети”. Пред неколку месеци го сними своето прво комеди шоу на англиски: “Banana Resident”. Во моментов е на турнеја со неговото најново стендап шоу: “Да БолиТ”.

Билетите се достапни на bileti.mkc.mk или на билетарницата на Младинскиот Културен Центар по цена од 300 денари. Пред самиот настан билетите ќе бидат 400 денари.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.