Впечатоци за „Последната лента на Крап” и маестралниот Ѓорѓи Јолевски

167
 „Можноста која ја имавме ние, гледачите, да поразговараме со актерот и режисер Ѓорѓи Јолевски непосредно по изведбата на неговата (и Бекетова) претстава „Последната лента на Крап” во Македонскиот народен театар, ни покажа колку е важен живиот и отворен разговор за уметноста денес, и како се преплетуваат уметничката креација и човечката егзистенција. Поаѓајќи од одговорот на прашањето што значи да се поставува драмски текст за самонаметната, доброволна изолација во време на сеопшта изолација, Јолевски ни ги толкуваше поттекстите низ кои ова драмско дело, напишано пред повеќе од шеесет години, говори за нашата реалност, за она што се случува сега и овде, или уште поточно: сега и насекаде во светот. Одговарајќи на нашите прашања за неговата режисерска поетика и актерска изведба, Јолевски ни го образложи своето сфаќање на целокупното творештво на Бекет како откривање на светлина во темнината, и ја посочи својата верност на ремарките во делото на овој автор како начин да ѝ дозволи на тишината да проговори, и како предуслов да го оствари своето поимање на „Последната лента на Крап” како музичка симфонија во која зборот и молкот се контрапунктирани. Тоа чувство на благодарност кое како гледачи и соговорници го понесовме со себе по гледањето на претставата „Последната лента на Крап” и по разговорот за неа со Јолевски верувам ќе го имаат и сите идни гледачи и соговорници, затоа што произлегува од проникнувањето на достоинството на уметничкото творење и на достоинството на доживувањето на едно уметничко дело.
Гоце Смилевски, писател
Со оваа изјава на писателот Гоце Смилевски ја најавуваме следната изведба и разговор со првенецот на МНТ, Ѓорѓи Јолевски, како и гостинот Владимир Јанчевски, историчар на уметност, куратор и преведувач и драматург на претставата, на тема: „Македонскиот јазик во преводот на ‘Последната лента на Крап’ и фазите на подготовки во општествените околности”.
***
Последната лента на Крап” и за разговорите за претставата
Театар не постои без публика. Како што и е важна претставата на публиката, така публиката (треба да) им е важна на театарските уметници. Идејата на актерот, режисер и продуцент Ѓорѓи Јолевски на претставата „Последната лента на Крап” од Семјуел Бекет, (изведена на малата сцена на Македонскиот народен театар), да разговара со публиката после изведбата ја прифатив непосредно и искрено, затоа што и повеќе од потребно во денешно време ни е да комуницираме и со претставата, но и претставата со нас. Од срце му благодарам на Ѓорѓи за можноста да споделиме размислувања, да поставиме прашања, да си ги размениме емоциите (затоа што, верувајте ми имаше емоции од сите страни, а ќе речете се игра претстава на апсурд) и истовремено и претставата, но и разговорот ме поттикнаа да напишам рецензија која ќе биде објавена деновиве.
„Последната лента на Крап” е претстава што треба да се види, претстава за која треба да се разговара и претстава која уште долго ќе остане во нашата и интимна и колективна меморија, затоа што ни го покажува театарот во неговата соголена суштина – како исклучително моќен емотивен однос меѓу актерот и публиката.
Проф.д-р Ана Стојаноска, театролог и писателка
Со изјавата на проф.д-р Ана Стојаноска, театролог и писателка ја најавуваме следната изведба и разговор со првенецот на МНТ, Ѓорѓи Јолевски, како и гостинот Владимир Јанчевски, историчар на уметност, куратор и преведувач и драматург на претставата, на тема: „Македонскиот јазик во преводот на ‘Последната лента на Крап’ и фазите на подготовки во општествените околности”.
Изведбата и 30-минутниот разговор се закажани на 3.11. на малата сцена со почеток во 20:00 часот, а публиката има можност билетите да ги купи онлајн преку веб-страницата www.mnt.mk, како и на билетарницата во МНТ.
.
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.