Вечерва во Опера и балет: “Долгата божиќна вечера“ и „Жени во Д-мол”

36

По успешниот настап на Националната опера и балет во Пловдив, Р. Бугарија на 7 февруари 2023 со балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон“, Државната Опера од Пловдив ќе се претстави пред македонската публика во Националната опера и балет на 17 февруари 2023 со почеток во 20 часот со балетските едночинки „Долгата божиќна вечера“ и „Жени во Д-мол“.

Балетските едночинки „Долгата божиќна вечера“ и „Жени во Д-мол“ се од меѓународно признатиот водечки современ кореограф Раду Поклитару. „Долгата божиќна вечера“ e според истоимената драма на Торнтон Вајлдер и музика на Вивалди и „Жени во Д-мол“ од Бах, инспирирана од „Куќата на Бернарда Алба“ од Лорка. Сценограф е Андреј Злобин, Костимограф: Дмитро Курјата, Светло дизајн: Лена Антохина. Настапуваат балетските уметници од Државната опера Пловдив, Р. Бугарија.

Раду Поклитару е основач и главен кореограф на Киевскиот академски театар за модерен балет, почесен уметник на културата на Украина, Народен уметник на Молдавија, добитник на бројни европски меѓународни награди, професор на Катедрата за модерна кореографија на Националниот универзитет за култура и уметности во Киев. Покрај десетици претстави во Киевскиот модерен балет, низ годините поставува балетски продукции во театарот Бољшој, театарот Марински, Националните опери на Украина, Молдавија, Латвија, Белорусија, Чешка, Србија итн. Раду Поклитару од почетокот на годинава е дел од тимот на Државната Опера Пловдив.

„Долгата божиќна вечера“ е балет-рефлексија за минливоста на животот, за суетните и бескорисни нешта со кои ги исполнуваме драгоцените минути, часови и години од нашиот престој на Земјата. Продукцијата следи деведесет години од животот на едно аристократско семејство, минувајќи во серија божиќни вечери. Празник по празник, судбините на луѓето се раствораат во заборав како еднодневни пеперутки, не оставајќи ништо зад себе. Светлата, гротескна кореографија на музиката на Вивалди успева да допре до срцето на секој гледач и без морализирање, да го постави прашањето – по што се разликуваме од сценските ликови? Претставата „Долгата божиќна вечера“ на американскиот драматург Торнтон Вајлдер, добитник на Пулицерова награда, продолжува да биде на репертоарот на голем број драмски театри во Европа и САД, по неа е снимен филм и опера.

„Жени во Д-Мол“ е изведба проткаена со почит кон генијалноста на Ј. С. Бах. Раду Поклитару раскажува трагична приказна за непостоечко женско пријателство, кое служи само како изговор за расплетот на невообичаено сложени повеќефигурни композиции и продорни дуетни фрагменти.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.