ЗНМ: Неовластено преземање на авторски фотографии е кривично дело

24

Во насока на подобрување и заштита на авторските права на фоторепортерите, претставници на ЗНМ и членовите на Секцијата на фоторепортери при ЗНМ одржаа работен состанок со обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје.
-Зголемениот тренд на кражба на фотографии и грубо кршење на авторското право на фоторепортерите од страна на некои медиуми но и други комерцијални субјекти во земјава претставува голем проблем и затоа мораме во иднина заедно да работиме за да се искорени оваа пракса– истакна Петр Стојановски, претставник на Секцијата на фоторепортери при ЗНМ.
На состанокот во ОЈО, беа дискутирани и правосилни пресуди за прекршување на авторското право за кои во минатото обвинителството преземало дејствија по службена должност. Претставниците на ЗНМ укажаа дека е важно во иднина ОЈО да има проактивен однос во заштита на авторското право на медиумските работници.
-Авторското право се смета за едно од најважните права во остварувањето на професионалната должност на новинарите и генерално на медиумските работници, кои преку својата работа креираат содржини без разлика дали станува збор за авторски фотографии, видеа или текст. Токму поради тоа, новинарите, како и фоторепортерите и снимателите, треба да бидат препознаени како автори на содржината што ја креираат а доколку овие права се прекршени сторителите потребно е да одговараат, потенцираше Драган Секуловски, извршен директор на ЗНМ.
На средбата во ОЈО присутни беа претставниците на ЗНМ Драган Секуловски и Милан Спировски, Иван Брешковски, адвокат, Томислав Георгиев, Петр Стојановски и Роберт Атанасовски од Секцијата на фоторепортери при ЗНМ како и Основниот јавен обвинител Гаврил Бубевски и обвинителите Искра Хаџи Василева и Дaрко Јакимовски како и одговорната за односи со јавност во ОЈО Билјана Арсовска.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.