Викенд на 46. МОТ (19-21 ноември )  

115

19 ноември (петок) – од 14, 16, 18 и 20 часот.

 20-21 ноември (сабота-недела) – од 12, 14, 16, 18 и 20 часот.

„Како крајот и да не е сосема блиску / Битеф Театар (СРБ)
режија: Никола Зависиќ

 

локацијаМНТ

 

Експериментална претстава на Битеф театар инспирирана од суптилните поместувања на светот, односите и човечката интеракција во дигиталната реалност, обидот за измислување некои нови облици на соживот и заедништвото на човекот и машината во најинтензивните времиња што досега сме ги искусиле. Публиката, составена од пет луѓе, ќе може да доживее виртуелно патување низ можните нови светови околу и во нас самите. Низ интерактивна игра на моменталното заедништво, кое се воспоставува во микроструктурата на театарскиот чин, на публиката ѝ се дава можност истовремено да биде изведувач, гледач и да го бира аголот на гледање. Користејќи ја виртуелната реалност, аудиовизуелните инсталации и текстот, односно гласот што повикува на учество, овој чин станува повик на барем и мала, незабележлива лична револуција.

 

19 ноември (петок)

History of motherfuckers / Народен театарБитола (МКД)

режија: Андраш Урбан

 

време: 22:00 / локација: МКЦ, сала Фросина

 

Претставата не е политика. Претставата се занимава со човекот и неговата заедница. Претставата е борба. Хумана борба. Никој не го сака Кориолан. Ни Шекспировата драма, ни ликот. А тој е вистинит и искрен. Потајно сите се согласуваме со сѐ што кажува. Но едно е сигурно. Тој не е ние. Тој за нас кажува она што ние за себе не смееме. Да е дипломат, да умее и да сака да ја користи слатката, нежна лага, која е предуслов за демократската заедница, ние не би ни зборувале за него. Лагата не е ни слатка, ни нежна. Лагата е крвава и немилосрдна. Додека вистината и искреноста сепак се предуслов за вистинска уметност. Дури и кога лажеме поминуваме низ пеколот на искреноста за едно уметничкото дело да го претвориме во стварност. Барем во онаа уметност за која вреди да се зборува…

 – Андрaш Урбан, режисер

 

20 ноември (сабота)

 

Мојот маж / Југословенско драмско позориште, Белград (СРБ)

режија: Јована Томиќ

 

време: 20:00 / локација: МНТ

 

 

Јована Томиќ гради многу јасна, концизна и до крај чиста претстава. Во оваа режија има елементи на Бергман и на Вуди Ален во исто време.

Во претставата публиката е гостин, а двете жени се домаќинки. Во секоја смисла. И како домаќинки какo што се означени жените во некоја дехуманизирана првична асоцијација, но и домаќинки на настан што има за цел да ги отвори нивните проблеми. Повремено пиранделовски се наметнуваат тие рамки меѓу кои актерките оживуваат типови на „жени, мајки, кралици“ во најизлитениот облик на оваа исклучително деструктивна фраза, но во исто време ја гради таа кула од страсти, констернации и инсинуации во сложеното пулсирање на односот маж–жена.

 

„Всушност, шовинистите мразат жени, а фемистките не мразат мажи, туку едноставно не сакаат патријархат што ги третира како граѓани од втор ред“.

– Р. Бужаровска

 

Кабли / Theater am Lend, Грац (АУТ)

режија: Франц фон Стролхен

 

време: 22:00 / локација: МКЦ, сала 25 Маj

 

Џејмс Кејблс повторно на турнеја! По речиси две години присилно отсуство од сцената, македонскиот артист подготвува настап за домашната публика во Скопје на која што ќе го презентира долгоочекуваниот нов албум.

Новиот перформанс на Франц Стролхен – „Кабли“ започнува како спектакуларен концерт на Џејмс Кејблс, а завршува со филозофски рефлексии на кабли, адаптери и врски.


21 ноември (недела)

 

Мојот маж / Драмски театар (МКД)

режија: Нела Витошевиќ

 

време: 20:00 / локација: Драмски театар

 

Драмската структура на театарската претстава „Мојот маж“ е изградена од два меѓусебно испреплетени материјали, и тоа, драматизацијата на шест раскази и документарениот материјал произлезен од авторските монолози.

Играно-документарниот пристап, како жанровска определба и драматуршко-режисерски концепт е сеприсутен на европските театарски сцени, но е кревок/редок пример на македонската театарска сцена. Играно-документарниот пристап нуди едно сосема ново, поинакво театарско искуство, кое предизвикува силни емоции и соочување со себе и од себе, со себе кон другиот, од другиот кон себе. Тоа е редок колективен чин, кој не е приземно сентиментален и патетичен, туку напротив, длабоко е емпатичен и хуман. Присутноста на театарска спонтаност (кај актерот и гледачот) доведува до ослободување и отвора простор за различна театарска перспективност.

 

„Мојот маж“ е катарзична претстава, која ја води публиката на местото каде што понекогаш ни е тешко да се биде – нè носи поблиску до самите нас – до спомените, стравовите, искрените емоции и мисли од кои некогаш сакаме да побегнеме!

– Сребра Ѓорѓијевска

 

 

Последната лента на Крап / МНТ

режија: Ѓорѓи Јолевски

 

време: 22:00 / локација: МНТ, мала сцена

 

Претставата „Последната лента на Крап“ зборува за самонаметната, доброволна изолација во време на сеопшта изолација, а актерот Јолевски ни ги толкува поттекстите низ кои ова драмско дело, напишано пред повеќе од 60 години, зборува за нашата реалност, за она што се случува сега и овде, или уште поточно: сега и насекаде во светот. Претстава креирана како музичка симфонија во која зборот и молкот се контрапунктирани. Претстава што треба да се види, за која треба да се разговара и која долго останува во нашата и интимна и колективна меморија, затоа што ни го покажува театарот во неговата соголена суштина – како исклучително моќен емотивен однос меѓу актерот и публиката.

Билетите за претставите изнесуваат 300 денари. Истите се достапни преку bileti.mkc.mk и на билетарница во МКЦ.

Тимот на МОТ го задржува правото на измени во распоредот на претставите.

 

Фестивалот е поддржан од Град Скопје и Министерство за култура.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.