Втора филмска училница во Кинотека

154

На 6 ноември (сабота) во Кинотеката се одржа втората сесија од втората сезона на проектот ФИЛМСКА УЧИЛНИЦА. Едукативниот проект е поддржан од Министерството за култура, и во него се вклучени десетина средношколци кои низ различни едукативни содржини и интерактивно-креативно учење во период од десет недели се запознаат со националното аудио-визуелно културно наследство.

Учесниците под менторство на филмската и ТВ режисерка Марија Џиџева имаат можност да гледаат филмови од архивот на Кинотека, да анализираат филмски дела и да ги запознаат основите на филмската историја и на филмскиот јазик.

Низ сесиите на ФИЛМСКАТА УЧИЛНИЦА имаат можност да креираат кратки филмски етиди, кои потоа заеднички ги анализираат.

Во рамките на ФИЛМСКАТА УЧИЛНИЦА годинава беше инициран и нов проект ФИЛМСКА УЧИЛНИЦА ЗА НАСТАВНИЦИ И ПРОФЕСОРИ, и првиот дел од втората сесија им беше посветен на дваесеттина учесници, наставници од основните училишта во Скопје.

ФИЛМСКАТА УЧИЛНИЦА ЗА НАСТАВНИЦИ И ПРОФЕСОРИ ја водеше проф. д-р Розалина Попова Коскарова, професорката од Педагошки факултет  и авторка на научниот труд „Застапеноста и значењето на филмот во образованието“. Нејзиното истражување ја иницираше идејата за ФИЛМСКА УЧИЛНИЦА ЗА НАСТАВНИЦИ И ПРОФЕСОРИ.

Професорката Попова Коскарова презентираше дел од нејзиното истражување за филмот во образованието, a на учесниците во работилницата „Значење и примена на филмот во наставата“, во рамки на оваа унукатна филмска училница, им додели сертификати.

Професорката Попова Коскаров потсети дека филмот како медиум е застапен во наставните програми уште од шеесеттите години на минатиот век. Таа говореше за користењето на филмовите и филмските материјали како наставно средство во изучувањето на литературата и историјата, меѓу останатите предмети, охрабрувајќи ги наставниците да ги користат екранизираните форми на литературните дела и историските настани во едукативните процеси.

Вториот дел од оваа сесија на ФИЛМСКАТА УЧИЛНИЦА продолжи со прикажувањето и анализирањето на домашните задачи на учесниците од минатата сесија: тие снимаа видео материјал во еден кадар, со мобилен телефон, и во него опсервираат некој предмет или дејствие кои им го привлекле вниманието.

Учесниците потоа гледаа и анализираа три македонски краткометражни документарни филмови од шеесеттите години на минатиот век.

Во реализацијата на ФИЛМСКАТА УЧИЛНИЦА учествуваат и Владимир Ангелов, Александра Младеновиќ, Бојан Станишиќ, Александар Трајковски, Дамјана Ивановска, Стојан Синадинов, Игор Старделов, Петар Волнаровски, Тихомир Кашмицоски, Игор Богоевски…

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.