ТИЈАНА ПЕРИЌ, ПЕЈАЧКА И ПИЈАНИСТКА: Се препуштам целосно на светот на музиката!

391

Младата скопјанка ТИЈАНА ПЕРИЌ, која се истакнува со убавина и музички талент, неодамна и се претстави на јавноста со својата прва песна.
*ТИЈАНА, Вие ја објавивте својата прва песна. Кажете ни како се создаде. Што значи таа за Вас?
– Оваа желба и план за прва песна ги имав уште многу оддамна, меѓутоа го чекав вистинскиот момент кога ќе се чувствувам јас самата за доволно зрела и искусна во музичкиот пат, за да можам да ја пренесам убаво песната, а воедно и кога ќе почувствувам дека е вистинскиот момент за такво нешто. Долго размислував со кого да биде оваа соработка затоа што ми беше многу важно да биде квалитетна соработка, и да изнесеме квалитетен производ во етерот, и на крајот одлучив тоа да биде Ѓорѓи Крстевски. Сега можам со сигурност да кажам дека воопшто не згрешив во мојата одлука и дека нашата соработка ќе продолжи и понатаму. На песната и спотот работевме подолго време, затоа што внимававме на секој еден детал и сакавме навистина да сме сигурни дека тоа е најдоброто од нас што би можеле да направиме во моментот, целиот тој пат додека не го завршивме овој проект целосно беше исполнет со незаборавни денови во работа, труд, нови искуства и бескрајно задоволни насмевки на крајот од денот. А што таа значи за мене, таа е мое првенче кое ќе го паметам засекогаш, не само затоа што е моја прва песна, туку и затоа што е една уникатна приказна пренесена во песна и спот каква што се уште нема некој направено кај нас, и тоа е уште една причина зошто „Писмо“ е многу значајна за мене и секогаш ќе ја паметам. Таа е нешто многу посебно, како една волшебна приказна во која ќе можат да уживаат консументите во цели 8 и пол минути.
Автор на песната и на спотот е Ѓорги Крстевски. Почнувате музичка соработка…
-Целосен автор на песната и спотот е Ѓорѓи Крстевски и неговата продукција Krstevski Entertainment. Како што веќе напоменав во претходното прашање оваа соработка беше долго време размислувана но не напоменав дека линкот помеѓу мене и Ѓорѓи беше мојата мајка која е по професија новинар и има контакти со многу јавни личности меѓу кои беше и Ѓорѓи, па така заедно ја донесовме оваа одлука за соработка, а помогна и тоа што таа веќе го познаваше и сметаше дека Ѓорѓи е токму таа личност која што ни беше потребна за да направиме квалитетен производ, и крајот покажа дека тоа е навистина така.

*Првата верзија на песната е повеќе од осум минути, во која Ѓорги сакал да ја прикаже и Вашата надареност во свирење на пијано. Каде ги научивте тајните на пијаното?
-Љубовта кон пијаното сум ја изразувала и имала уште од мојата осум месечна возраст, со тоа што сум удирала по дирките од пијаното со мисла дека свирам, и тоа за мене како мало дете била преголема среќа. Професионално почнав да го изучувам пијаното кога се запишав во нижото музичко училиште уште од рана возраст, и низ целото тоа големо искуство во овие досега 12 години да ги дознаам сите тајни кои што ги крие пијаното во себе, и магијата која што успева да ја пренесе кога свирам, а за тоа е најзаслужна мојата професорка Дилек Реџеп која што е пред се, прекрасен човек а потоа и извондреден пијанист, професор како и педагог. Ме научи да го сфатам и засакам секој сегмент во музиката и пијаното, и ме научи вешто да владеам со него, како тоа и пијаното да биде дел од моето секојдневие и мојот живот. Имам уште многу тајни да откријам кои се кријат во пијаното, а јас ќе бидам секогаш љубопитна и ќе успевам да ја дознаам секоја една од нив.


*Што ве привлекува повеќе – пеењето или свирењето?
-Двете работи се посебно значајни и драги за мене, во двете вложувам многу труд за да станам подобра и да научам нешто повеќе, со двете имам многу искуства на настапи, натпревари, концерти и иако се двете дел од музиката сепак се толку различни. Затоа би рекла дека не би можела да издвојам баш едно од нив, затоа што навистина станува збор за еднаквост, односно колку што имам љубов и колку што ме привлекува пеењето, исто толку љубов имам и ме привлекува и свирењето, тоа е голема и неопислива љубов што секогаш ќе ја имам во себе, и секогаш ќе давам еднаков труд за да бидам успешна во двете како и досега така и во иднина.
*Студентка сте на Музичка Академија. Значи дека музиката станува легитимна во Вашиот живот. Како се гледате во иднина?
-Точно, музиката за мене е легитимна уште оддамна со тоа што како што напоменав учев во нижото музичко училиште а потоа учев и во средното музичко училиште ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“. Сега го продолжувам овој музички пат и ова изучување на музиката и на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Во иднина се гледам како човек, музичар кој живее и е препуштен целосно во светот на музиката, како пијанистка во класичната музика и како квалитетна пејачка со многубројни квалитетни песни во популарната музика.

*Ги сакате фестивалите? Планирате да пеете и на фестивалските сцени?
– Се уште не сум имала искуство со некаков фестивал од натпреварувачки карактер, па затоа не можам да кажам со сигурност, но мислам дека би ми се допаднале кога еднаш би почнала да одам. Сега, можам да кажам дека ми се допаѓа општо идејата како концепт за сите фестивали, и мислам дека е едно искуство кое што сите музичари би требало да го искусиме, и да го имаме во спомени, без оглед на крајниот резултат. Имаме веќе во план со Ѓорѓи да се појавам на следниот “Макфест” со некоја нова квалитетна песна, и навистина со среќа и возбуда го чекам тој момент. Затоа што самото тоа да излезеш на сцена каде што настапувале најголемите музички имиња на нашата македонска сцена и оставиле голем белег во вистинска смисла на зборот е и повеќе од доволно, а потоа секако и доколку добиеш некоја награда ќе носи и таа самата по себе големо значење, успех и убав спомен.
*Што мислите за денешните музички ѕвезди? Дали се доволно добри да бидат тоа, дали се навистина толку музикални или и имиџот им помага за тој статус?
– Во секоја професија и во секоја уметност секако дека има луѓе кои што се помалку соодветни да се занимаваат со сето тоа, но сепак не би потенцирала кои бидејќи не сакам да навлегувам длабоко во тие теми, ќе се фокусирам пред се на тоа што јас ќе го работам, и ќе оставам вистинските музички уметници со самото тоа што ќе останат долго на сцената да се издвојат самите себеси со својот квалитет. А во однос на тоа колку имиџот помага, сметам дека повеќе од музичките sвезди се фокусирани на својот имиџ отколку на квалитет. Во суштина не е лошо да се има свој препознатлив стил и имиџ, но сметам дека треба да биде сето тоа со вкус и на начин на кој умереноста ќе биде присутна во секој сегмент. Само така ќе се издвојувате од останатите по својата уникатност и одмереност не следејќи ги премногу трендовите кои ни се наметнуваат за жал од нашите соседи.
*Која е Тијана приватно, што е нејзино хоби, радост, пасија. Убавината е нешто што е воочливо, но што има во нејзиниот “скриен” свет?
-Тијана приватно е всушност човек како и сите други кој што ужива во уметноста и убавите работи. Хоби, радост и пасија ми претставуваат уживањето во музиката, читањето книги, другарувањето со пријателите, патувањето, како и желбата еден ден да го имам прошетано целиот свет,танцувањето, како и љубовта кон глумата, пишувањето, желбата да ги направам луѓето околу мене среќни и исполнети барем додека се во мое присуство и да ширам позитивна енергија онаму каде што се наоѓам во моментот. Многу ми е важна комуникацијата и поврзаноста со луѓето како и се она што е и што содржи уметноста, сите тие работи поврзани заедно го одржуваат мојот живот исполнет, па по самото тоа можете да препознаете дека навистина имам уметничка душа.

Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.