Данило Крстовски, победник на ораторската вечер “Иво Пухан “

177

Данило Крстовски живее во тетовско Подбреѓе, Општина Јегуновце.Тој има 21 година и е дипломиран политиколог со висок просек. Моментално е на магистерски студии-Уставно право и политички систем, на Правниот факултет ,,Јустинијан Први” во Скопје. Вљубеник е во уставното право како и во политичката филозофија.
Неговиот победнички говор е со наслов” Оставина” и истиот ја отсликува реалната состојба во нашата држава.
На истата Ораторска вечер, тој минатата година го освои третото место.
Не можеме а да не забележиме дека Данило чекори напред, и многу успеси ниже ова многу учтиво и скромно младо момче и во знак на негова поддршка Ви го презентираме говорот од Данило:

ОСТАВИНА

Невистина. Небрежност. Неспокој.
Накусо резимиран односот кон македонштината овие демократски години. Целовремена борба за својот идентитет, економска благосостојба, социокултурен напредок. Наталожено бреме за донесување одлука од „егзистенцијална важност“. Судбоносни датуми, историски избори, избегнување на есхатолошки сценарија. Се се случува сега граѓани, но никако да биде!
Погледнете околу нас. Популистичкиот моментум е сличен. Висока корупција и непотистички династии, партизирана и поларизирана држава, наплив на илиберални тенденции. Но разликувањето меѓу тоа што е државно уредување, а што душа на нацијата останува непроменето. Постои јасна диференцијација на крутиот естаблишмент со духовното обележје на народите. Поврзаноста на луѓето со своето битие и минато останува минирано поле за политикантска интрузија.
Ве предизвикувам да најдете Хрват за кого Далмација е италијанска. Најдете ми Србин за кого Косово е република. Албанец за кого „Косово е Србија“. Најдете Грк кој е согласен оти Егеј е неправда, а источниот сосед да се оддели од Пирин. Но затоа, во наше Скопје, центар на квазилибералниот Балкан, врзопот сами си го ткаеме. Велат дека национализмот и патриотизмот се клетвите на Балканот. А тогаш зошто само ние да бидеме заморчиња и притоа сите да профитираат на тоа, освен нас?
Лагата кажана илјада пати станува вистина. Ние вистината ниту десет пати не си ја повторуваме. Денеска чинам вистината станува налик како правдата, еден недопирлив, филозофски идеал. Но, била идеал или не, да ја негуваме, за да еден ден не чуеме дека Македонско девојче на Јонче Христовски е позајмена бугарска песна.
Младината е авангардата на развојот на општеството. За мојата генерација велат дека е наједуцираната до сега. Но тоа не е подвиг кога сме заробени од консумеризмот и псевдо-интелектуализ­мот. Кога сме оковани во вечната робија на негативната селекција и заѕидани како уште по некоја тула во ѕидот. Оттука битката на мојата генерација е исклучително важна. Како никогаш до сега ги препознаваме сплетките и синџирите кои ни ги наметнуваат, како туѓите, така и нашите. Чувствуваме револт за дисфункционалниот правно-политички систем, елитизацијата на клептократите и владеењето на просекот. Се стремиме за квалитет во образованието, а не безусловен квантитет.
Нашата оставина не е конформизам, песимизам и летаргичност. Сиот век, освен слобода или смрт, друга апсолутна вистина не сме препознале. Целата страдалност, угнетеност, напатеност сме ја преточиле во непокор и неотстапка. Во крушевската смелост, асномската истрајност и дисидентската објективност. Во Сердарот на Прличев, Тешкото на Конески, Пирејот на Андреевски, Македонија на Поповски. Ах да, и сумирано со зборовите на Горан Стефановски : не може баш се да е кај вас, а баш ништо да не е кај нас!
Mакедонштино, коцката е фрлена! Да се ослободиме од канџите на невистината, небрежноста и неспокојот. Да се почитуваме себеси, за да и другите не почитуваат! Да си ги воочиме мааните, но и искористиме доблестите! Криво да седиме, а право да судиме! И гордо да опстоиме на тезата: ние овчари сме, но просјаци не!

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.