4 ноември 2022 е значаен датум за Europe House Skopje!

29

Навршија три години откако тогашниот претседател на Европскиот парламент, Давид Сасоли (1956 – 2022) симболично го предаде клучот од Europe House Skopje на македонската младина. Оттогаш, просторот служи првенствено на младите функционирајќи како „место на новата генерација“.
Трет роденден на Europe House Skopje! Ја славиме културата, културните работници и уметноста!
Овој роденден е точка во која ги спојуваме културното наследство со вештините, идеите и духот на младите.
Културните припадности и традиционалните идеали не само што играат важна улога во дефинирањето на тоа кои сме ние, туку и ни помагаат да го видиме светот во поинакво, позитивно светло. Tие сe катализатор на промени, промотор на вредности, и влог за идните генерации.
Како дел од роденденската програма, во Среда (9ти ноември) од 12:00 до 14:00 часот, срдечно ве каниме на отворање на изложба во спомен-куќата на Лазар Личеноски.
Лазар Личеноски се вбројува меѓу основоположниците на македонското современо сликарство. Неговото сликарство го одразува нашето поднебје, преку колоритот и најпознатите негови пејзажи на афиони, галички бачила, Охрид и многу други. Личеноски е еден од втемелувачите на ликовниот живот кај нас. Неговиот талент, творечки опус и спомен-куќата како културен објект ги поврзавме со нашите роденденски активности. Го прославуваме идентитетот и оставштината на овој великан, притоа давајќи простор и можност да се вклучите и славиме заедно.
Со свеж пристап и различни уметнички творештва, студентите и професорите од Факултетот за ликовни уметности ќе ја изложат својата визија, интерпретирајќи ги ликот и делата на Личеноски.
Изложбата ќе биде отворена до крајот на месец ноември. Наскоро ќе објавиме дополнителни датуми за посета, изјавија организаторите на настанот од Europe House Skopje
Како домаќин на активностите по повод третиот роденден на Europe House Skopje под мотото „THINK FORWARD – ЗАТОА ШТО КУЛТУРАТА Е ВАЖНА“, Омаж на културното наследство на Лазар Личеноски, сме особено почестени со изборот и идејата за промоција на културното наследство.
Бидејки темата на Европската Унија за 2023 е „Европска година на вештини“, изборот на Личеноски како автор и мозаикот „Апотеоза на трудот“,претставуваат глорификација на трудот (професиите), вештините.
Намерата на Европската делегација, со особено залагање на амбасадорот Дејвид Гир, е да даде поддршка во напорите за валоризација и реконструкција на ова особено културно наследство, Спомен куќата на Лазар Личеноски.
Имено, во изминативе години Министерството за култура финансираше изработка на обемен број на проектни програми. Изработен е „Елаборат за валоризација на Спомен-куќата на Лазар Личеноски“ од страна на НУ Конзерваторски центар, Скопје. Стручниот тим за изработката на елаборатот беше во состав: Томовски Лабин, дипломиран историчар на уметност, конзерватор-советник; Таневска Анета, виш конзерватор; Ристов Јован, дипломиран правник, конзерватор-советник. Во 2016 година е изготвен Основен проект за конзервација, реставрација и реконструкција на куќата на Лазар Личеноски, фаза архитектура со конзерваторско-реставрациски интервенции, статика-конструкции, водовод и канализација, електрика и против пожарна заштита. Врз основ на Одобрение на Управата за заштита на културното наследство во 2020 година започна реализација на Проектот за спомен куќата. Во текот на 2020 започна и во 2021 е завршена фазата водовод и канализација и дел од фазата електрика која е во завршна фаза во 2022.
Во тек се изработува Анекс на Проектот, со претходно направени геотехнички истражувања за поставување на дренажен систем околу објектот заради појава на влага од атмосферски/подземни води како и санација на влезниот степенишен дел на објектот кој е деградиран.
Покрај архитектонскиот проект кој кореспондира на недвижното културно добро, изработени се проектни програми и конзерваторско проектирање на движното културно наследство. Движното културно наследство е Колекција од повеќе збирки: Збирка на 122 ликовни дела (слики, цртежи и акварели), Збирка на 37 мозаици и 5 зграфити, Етнолошко-музејска збирка со обемен етнолошки материјал и Библиотечна збирка. Во февруари 2022 г. според предвидената програма на Националната галерија за 2021 г. комплетно е завршена конзервација и реставрација на збирката на мозаици. Во тек е подготовка на проектот за конзервација и реставрација на 122 ликовни дела, дел од Колекцијата на музејот. За етнолошката и библиотечната збирка се направени истражувања, методолошка класификација, внесени и евидентирани, следат конзерваторски елаборати.
Во напорите да се обезбедат средства за еден ваков исклучително обемен и значаен проект, Националната галерија во изминатите години на повеќе наврати правеше обиди за обезбедување на вонбуџетски средства за конзерваторските работи на движното културно наследство. Во 2022 и 2021 се обративме до JICA Balkan Office преку канцеларијата во Скопје. Во 2020 година приложивме апликација за грант од програмата Cultural Grant Assistance of Japan, The Sumitomo Foundation Fiscal 2020 Grant For Projects For The Protection, Preservation & Restoration Of Cultural Properties Outside Japan. Во 2017 и 2018 Националната галерија аплицираше во Програмата на амбасадорскиот фонд на Соединетите американски држави, U.S.Ambassadors Fund for Cultural Preservation, кои веќе на неколку наврати ни доделија средства за санација и реконструкција на Даут пашиниот амам и Чифте амам.
Бидејки не застануваме, оптимизмот во нас е патоказ за движење напред, веруваме дека во оваа прилика ќе имаме можност да реализираме голем дел од зацртаното со поддршка на Европската делегација во Република Северна Македонија, изјави директорката Дита Старова Ќерими.
Национална галерија на Република Северна Македонија
Графички решенија и фотографии: Europe House Skopje

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.