Боре Митовски со „Душа на платно“ во Центар АРТ ХАБ

33

Уметничкиот Центар АРТ ХАБ поканува на отворањето на самостојната изложба на Боре Митовски со наслов „Душа на платно“. Изложбата ќе се отвори на 13.11.2023 година (понеделник) во Уметничкиот Центар АРТ ХАБ во Скопје, ГТЦ, 2 кат, локал 306 , со почеток во 19 часот.
Боре Митовски по потекло е од Македонија, но долги години живее и работи во Словенија и ова е негова прва самостојна изложба во Македонија на која што ќе бидат презентирани над 30 слики изработени во техниката акрил на платно.
Како што ќе напише во текстот за каталогот неговиот пријател скулпторот Синиша Новески:
„Сликите на Боре Митовски се изградени композиции во стилот на надреализмот, кубизмот и експресионизмот. Тој во неговите слики на пејсажи и мртви природи гради еден оргинален свет на геометриски форми исполнети со жив колорит на бои. Неговата слика како силна конструкција ја гради со цртеж и разиграни строги линии кои градат одредена перспектива и влез во друга димензија. Геометриските плохи се исполнети со комплементарни бои кои дават експресивност и виталност во сликата. Уметничката слобода, креативност и фантазија гради посебни некои простори со урбани и природни пејсажи блиски до македонската традиција и фолклор со асоцијација на македонските везови и декорации на народните носии ,но со ликовен модерен сензибилитет .Неговиот пристап во сликарството е блиско до витражот поради неговата раскошност и призрачност.
Од ликовните елементи тој ги применува линијата, формата, комплементарните бои, текстурата и мелодичниот ритам кој е во едниство со просторот и формите.Неговите слики го имат медитеранскиот динамичен дух, но сепак стилизиран во некој рационален бароктен ред и смиреност. Обидот да прави тридимензионални форми создава илузија на рељефност на сликата. Со овој циклус на слики тој остава впечаток на креативен и сериозен сликар кај кого има потенцијал за интересен креативен ликовен и естетски развој“. За сите љубитеи на уметноста изложбата ќе биде отворена до 23.11.2023 година.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.