Изложба на Денис Боувен во МКЦ

19
KONICA MINOLTA DIGITAL CAMERA

Скопје, 13 април 2024

Изложбата ќе ја отвори Марија Коробар, програмски раководител на ИКОН
Организација на изложбата: Младински културен центар и Асоцијација за култура ИКОН

***

15 Април, на Светски ден на уметноста, роденден на Леонардо да Винчи, се празнува во нашата земја од самото негово воспоставување. Но, овој ден треба да се сфати и како роденден на сите уметници од светот како празник на уметноста .

Оваа година МКЦ и ИКОН се одлучија овој празник да го посветат на Денис Боувен (1921-2006), британски уметник и македонски културен амбасадор. Тој пишуваше за македонската ликовна сцена во Лондон, но и неуморно работеше на собирање на уметнички дела од британски автори. Зад колекцијата на слики, цртежи, скулптури и графики од британски уметници во МСУ стои името на Денис Боувен.

Денис Боувен со својата оригиналност и непосредност, со извонредното чувство за перцепција, уште во годините по Втората светска војна се ослободува од влијанијата на традицијата. Прави голем исчекор градејќи модерен начин на изразување определувајќи се за апстрактната уметност. Впрочем, 20 век го смета за столетие на технолошки напредок кој влијае и во неговото сликарство преку употребата на нестандардни материјали и форми. За својата уметност велеше дека е експлозија од бои сликани со нестандарни материјали.

Боувен беше чест гостин на ликовните колонии во Струмица, Кичево, Крива Паланка, Охрид и зад себе остави стотици дела што сега се во јавни и во приватни колекции. Град Скопје за неговата работа му ја додели наградата „13 Ноември“ во 2003 година, која не треба да се сфати само како награда за придонесот што тој го има направено за нашиот град, туку и како македонска награда што му се доделува за пријателството со ликовните уметници, критичарите, поетите, но и со обичните луѓе од Македонија .

Денис Боувен е роден во 1921 година во Кимберли, Јужна Африка. Студирал сликарство на „Ројал колеџ оф арт“, а по 1940 година предавал во повеќе уметнички школи во Британија. Изложувал на големи национални и интернационални изложби и соработувал со уметнички списанија во Британија и во странство. Во 1954 година бил избран за член на Кралската академија на Камбрија. Тој е еден од првите „ташистички“ ??? сликари во Британијa. Влијанијата од Париската школа, футуристите, Кандински и Макс Ернст, како и неговата опсесија со откривањето на просторот, понатаму се следат во негов сопствен апстрактен стил. Во 1952 година, заедно со други уметници членови на Институтот за современа уметност, Боувен ја основа Групата на слободни сликари и скулптори. Секогаш во центарот на новите идеи и техники, незадоволен од ограничувањата што ги наметнувале постојните галерии, Боувен и неговите колеги ја отвораат „Њу вижн сенр галери“ во 1954 година. Тоа е прва галерија посветена на апстрактната уметност. Во 1984 година, заедно со уметниците Џон Белани и Дерек Кули, Боувен ја основа „Келтик вижн“, претставувајќи ги современите уметници од Келтскиот Регион на Ирска, Шкотска, Велс, Корнвол, Британија и Галиција во северозападна Шпанија. Во 1997 година Боувен изложува во „Даорама арт галери“ во Лондон заедно со Нино Спалоне, Пиндарос Михеладес и Стефан Корт, во чест на „КОСМОПОЛИС – Артист оф д скул оф Лондон“. Изложбата е поставена во 1964 година во „Витворт галери“ во Манчестер. Впрочем, негови дела се наоѓаат во голем број јавни и во приватни колекции во светот.

Историчарката на уметноста Соња Абаџиева неколку дена по смртта на Боувен, на 31 март 2006 година, во текст објавен во „Утрински весник“, меѓу другото, ќе посочи дека во монографијата издадена од галеријата „Белгрејв“ во Лондон, на залезот на неговата кариера, детално е исцртана картата на врските на Денис Боувен со нашата земја; од неговото учество на првиот македонски настан (со боја, музика и танц) во ателјето на Петар Мазев во Сарај (1973), до неговите зачестени и мошне активни присуства на ликовните колонии во Македонија.
– Денис Боувен ги истражуваше другите култури заради своето убедување дека постои заедничка основа за човечкото искуство Градеше врски и пријателства со уметници од земјите од Третиот Свет, од Африка до Средниот Исток, од Европа до Далечниот Исток. Уметниците можат значајно да ги збогатат естетските дебати само ако се почитуваат ставовите на другите култури – напиша, меѓу другото, историчарката на уметноста Стела Сантакатерина во каталогот за изложбата „Денис Боувен 1921-2006, Уметноста како универзална димензија“, одржана во галеријата на Тутунска банка во Скопје во 2011 година.
На крајот ќе кажам дека во неговите дела емоцијата е доминантен израз на неговиот духовен живот. Затоа неговите слики се како ода на слободните чувства.
Изложбата трае до 30. април

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.