Филип Фидановски во рeлација со Пикасо

75
По повод 140 години од раѓањето на Пабло Пикасо, Амбасадата на Кралството Шпанија ќе организира серија на изложби посветени на големиот Шпански уметник Пабло Пикасо. По големиот успех во 2016 година на изложбата „Пикасо може би јас на Македонскиот уметник Филип Фидановски покажана пред Скопската публика, овој пат изложбата ќе имаат можност да ја погледнат граѓаните на повеќе градови како Охрид, Куманово, Битола.
Со серијата на изложби кои се во организација на Амбасадата се одава достојна почит на уметникот кој остави голем број на дела на целиот свет. Пикасо како основач на кубизмот кој со својата уметност е непресушна инспирација и предизвик за многу светски познати уметници. Така и Македонскиот уметник Филип Фидановски се вбројува во таа листа на уметници.
Амбасадата на Кралството Шпанија покрај промоцијата на Шпанските уметници успешно соработува и подржува многу Македнонски уметници кои го негуваат Шпанскиот уметнички дух.
На изложбата „Пикасо Можеби јас“ ќе бидат покажани 10 скулптури (портрети) изработени во керамика, инспирирани од делата на Пабло Пикасо. На оваа изложба покрај скулптурите во форма на легенди на делата ќе бидат претставени репродукции на оргиналните дела на Пикасо од каде Фидановски и ја црпи инспирацијата за неговите дела.
***
ФИЛИП ФИДАНОВСКИ
 
Образование
2004 Магистер, Катедра за керамика,
Национална уметничка академија, Софија, Бугарија, Ментор професор Красимир Џидров
2002 Дипломиран уметност – професор по уметност
Катедра за керамика, Национална уметничка академија, Софија, Бугарија, ментор професор Красимир Џидров
1996 Ликовен техничар по керамика катедра- керамика
Државно средно училиште за применета уметност Лазар Личеноски, Скопје, Македонија
Професорите Раде Перчуклиевски и Михо Лазаров
 
Професионални работни ангажмани
2020 – 2022 Претседател на комисија за полагање приправнички испит по ликовно образование при Државниот испитен центар
2020 – 2021 Директор на ДСУЛУД „Лазар Личеноски“ – Скопје
2019 – 2022 Претседател на ДЛУМ
2019 – 2020 година Уредник на уметничката страница „1001 СЛИКА“ во „M МАГАЗИН“
2008 – 2022 Наставник во Државното училиште за применета уметност на индустриска керамика и дизајн производ со технологија Лазар Личеноски
2003 – 2010 Доцент на Факултетот за применети уметности – Скопје на Универзитетот „Св. Кирил и Мелодиј“, Скопје, Македонија
2002 – 2006 Стручен соработник во Музеј на Македонија, оделение за едукација
2002 – 2003 Музеј на Македонија, студио за музејски копии
 
Награди
2018 Награда за скулптура на ДЛУМ, Скопје. Македонија
2018 Награда „КОНСТАНТИН МАЗЕВ“ за мал формат од Културно информативен центар КИЦ – Скопје, Македонија
2015 Награда за скулптура од мал формат „ДИМО ТОДОРОВСКИ“ – ДЛУМ,Македонија
2007 Награда за скулптура „ЈОРДАН ГРАБУЛ“ на ДЛУМ,Мкедонија
2000 Трета награда за млад автор на Петтото меѓународно биенале на керамика, Каиро, Египет (бронзена плакета)
 
Самостојни  изложби
2022 Охрид, Куќата на Робевци, НУ, Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид, Македонија
2022 Кичево, НУ. Дом на култура „Кочо Рацин“ – Кичево, Македонија
2019 Скопје, Арт центар „Арт Хаб“ – ДЛУМ, Скопје, Македонија.
2018 Скопје, Младински културен центар, Скопје, Македонија,
2017 Скопје, „ЕУ Инфо Центар“ – канцеларија на Европската мисија во Скопје, Македонија
2016 Скопје, Музеј на град Скопје, Македонија
2016 Кичево, НУ. Дом на култура „Кочо Рацин“ – Кичево, Македонија
2013 Скопје, Галерија, Лазар Личеноски“ во ДСУЛУД „Лазар Личеноски“ – Скопје, Македонија
2010 Скопје, Галерија 8, Скопје, Македонија
2009 Белград, 15-то БИЕНАЛЕ НА КЕРАМИКА БЕЛГРАД,(посета со независна изложба) галерија KUĆA LEGATA, Белград, Србија
2009 Тетово, Уметничка галерија Тетово, Македонија
2009 Велес, Градска галерија, Музеј – установа на град Велес, Македонија
2009 Кавадарци, Градска галерија, Дом на култура „Иван Мазов-Климе“, Македонија
2007 Софија, Македонски културно-информативен центар во Бугарија
2006 Скопје, Музеј на современа уметност, Македонија
2004 Скопје, Национална галерија на Македонија, Чифте амам, (тројца уметници), фестивал Скопско лето, Македонија
2004 Скопје, Културен центар Точка, Мултимедијален проект, Македонија
2002 Скопје, Музеј на град Скопје, фестивал Скопско лето, Македонија
 
Од 1995 година до денес, учествувал на многу ликовни симпозиуми, колонии и групни изложби во Македонија, Србија, Бугарија, Хрватска, Чешка, Белгија, Египет, Италија….
Живее и работи во Скопје, Република Северна Македонија
*********
 
 
*Ана Мартиноска:
 
Чуд(ес)на синтеза
(Кон изложбата „Пикасо, можеби јас?“ од Филип Фидановски, 
25 октомври 2016, МГС, Скопје)
 
Good artists copy, great artists steal. 
Pablo Picasso
 
Пикасо? Можеби Фидановски? Доминатно првиот, вториот или можеби двајцата подеднакво видливи? Или ниту едниот, ниту другиот, туку некоја чуд(ес)на синтеза? Сериозни (идентитетски) дилеми провоцираат уште од самиот наслов на изложбата. Кога ќе ги погледнете делата, прашањата продолжуваат да се нижат: Во колкава мера го има Пикасо во овие скулптури, а колку самиот Фидановски? Дали е во прашање само инспирација, фасцинација, посвета или нешто сосема различно? Можеби обид за имитација или форма на пастиш  придружена со добра маркетиншка тактика? Каква е врската меѓу двајцата уметници генерално и што ги поврзува во конкретниов случај? Која е идејата/емоцијата која се крие зад овие дела? Како е направена селекцијата на дела од Пикасо кои се вкомпонирани во нови форми? До каде е алузијата, а каде инвенцијата? 
Одгатнувањето на овие и бројни други прашања кои оваа изложба на Филип Фидановски ги отвора пред скопската публика, најпрвин нè води кон извесно неопходно потсетување дека  уметноста често знае(ла) да биде инспирирана од друга уметност. Иако денес тоа најчесто го толкуваме како постмодерна постапка, всушност референците, цитатите, колажите, омажите, па дури и иронијата, цинизмот и пародиите на познати уметнички дела отсекогаш биле дел од историјата на уметноста. И ренесансните сликари ѝ оддаваа почит на античката уметност, и дадистите се потсмеваа со сé создадено пред нив. Веројатно е доволно само да потсетиме на Дишан и неговото поигрување со култната „Мона Лиза“ и на Енди Ворхол и неговите поп-арт пародии на исто така Де Винчиевиот мурал „Последната вечера“ или пак на инспиративните творечки релации на Моне-Мане, Миро-Бош, Лихтенштајн-Ван Гог и многу други големи уметници. 
Во овој контекст, и самиот Пикасо, уште за време на својот живот, но и до ден денешен, бил и останал инспиративен за другите уметници од различни жанри, простори и времиња. Некои визуелни уметници се под влијание на неговиот кубизам, други се инспирираат од неговите неспоредливи варијации во стилот, трети од експериментите кои ги прави во сите аспекти од неговото сликарство, скулптура и графика. Не се малкумина ни уметниците кои и самите јавно го признаваат силното влијание на Пикасо во своите дела како Дејвид Хокни, Рој Лихтенштајн и Џексон Полок да наброиме само неколкумина .
На ваквите уметнички врски и влијанија посветени им се цели галерии  и бројни изложби, меѓу последните и големата изложба насловена како „Пикасоманиа“, а поставена во Гран Пале (Grand Palais) во Париз минатата година . Таа ги собрала на едно место различните генерации и видови на уметници кои го откриле делото на Пикасо и го интерпретирале на свој начин, во сликарството, скулптурата, па сé до филмот и адвертајзингот. Тука можеле да се видат делата на имиња од Енди Ворхол и Дејвид Хокни до новите звезди како Јан Пеи-Минг и Маурицио Кателан. Или да го парафразираме помошникот директор на центарот Помпиду Дидие Отингер речиси секој уметнички тренд што се појавил по Пикасовата смрт е под влијание на неговата генијалност.  
„Допрен од генијот“ е и нашиот Филип Фидановски, кој со своите последни дела посветени на јубилејот 135 години од раѓањето на Пабло Пикасо се впишува во оваа импресивна низа на големи уметници за кои Пикасо бил, е и ќе биде (и повеќе од) инспирација. Во однос на 13-те скулптури од оваа изложба, веднаш сакаме да истакнеме дека керамиката на Фидановски не ја следи керамичката традиција на Пикасо. Или барем не очигледно! Ако треба да се бараат некакви сличности, можеби треба да ги погледнеме Пикасовите „Глава на жена“ (Head of a woman, 1948-49,  Picasso, 1998:  101). 
Сепак, забележливо е дека кај Фидановски нема идентични, па дури ни слични мотиви и сцени како во Пикасовиот керамичарски опус, нема ниту кубистички елементи, ниту пак ги користи неговите технички решенија. Иако несомнено темелно упатен во керамичарскиот дел од опусот на Пикасо, кој патем речено е веројатно неправедно запоставуван , и иако страсно го споделува Пикасовиот продлабочен интерес и посветеност кон овој медиум, Фидановски не прави директна алузија на неговите скулптури, туку повеќе е свртен кон неговите слики, чии фрагменти директно ги пренесува во својот материјал – каменина со прозирна глазура, обоена со рачно правени бои по традиционален рецепт од глина и пигмент, водејќи особено внимание секоја боја да биде тонски усогласена со боите од оригиналните прикази на Пикасовите дела. Притоа тие фрагменти аплицирани на глазираната керамика имаат тродимензионална форма на главата на самиот уметник, видлива уште поочигледно од другата (задна) страна на скулптурата, карактеристична по јаките и контрастни колоритни решенија. На тој начин имагинативното поигрување со ликовите од Пикасовите слики неконвенционално се испреплетува со едно авторефлексивно согледување за себеси и сопствената уметност.
Мајсторски владеејќи го процесот на печење на глината и особено можното менување на боите, Фидановски создава фигури кои се цитатни, но истовремено и сосема уникатни во изработката на својот двостран концепт. Воден од личниот вкус при изборот на Пикасовите портрети како свои модели, уметникот креира редок спој на двата навидум далечни (уметнички) светови во еден, чиј краен ефект се скулптурите кои сведочат за извонредната комуникација меѓу авторот и неговиот славен претходник, за нивните блиски сензибилитети и длабока артистичка, мисловна и чувствена, поврзаност. Формата на секоја од тие скулптури со својата двојна природа, како и симболиката на сопствената глава задскриена зад женските портрети на Пикасо резултираат во врвно изработени, стилски препознатливи и естетски допадливи скулптури, кои упатуваат на навистина комплексен творечки однос на Филип Фидановски кон Пабло Пикасо, без сомнение, еден од најбрилијантните и највлијателните уметници на сите времиња.
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.