ГЕВГЕЛИЈА: “Лица на револуцијата” и изложба на Трајче Чатмов

39

На 16 октомври 2023 година, во Фоајето на Народниот театар- Гевгелија, во организација на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија беше отворена Изложбата „Лица на револуцијата низ фотографии “ од Диме Ратајкоски и Душко Апостолоски, со почеток во 19.30 часот.

Изложбата беше можност граѓаните да се поврзат со минатото на својот народ на еден длабок, личен и емотивен начин, имајќи го предвид фактот дека приближно 90% од изложениот фотографски материјал за првпат се открива на јавноста. Освен портрети на револуционерни икони како: Јане Сандански, Ѓорче Петров, Димо Хаџи Димов, Христо Батанџиев, Христо Чернопеев, изложбата содржи 40 фотографии коишто го документираат учеството на македонските револуционери во Балканските војни 1912/13, Првата светска војна 1915/18, како и портрети од меѓувоениот период.

****

Во организација на Дом на култура Гевгелија, а во соработка со НУ Музеј- Гевгелија, во Уметничката галерија „Амам “, на 18 октомври(среда) 2023 година, со почеток во 20 часот, ќе биде отворена Изложба на слики на уметникот Трајче Чатмов.

Влезот е слободен. За сликарството на Чатмов, проф. д-р Мирослав Милосављевиќ ќе рече:

– Денешното сликарство на Чатмов, кое би се осудил да го дефинирам како „Еспресионизам на современото живеење“, ни покажува дека авторот во измитатите три децении поминал огромно сликарско растојание. Денешното сликарство, кое Чатмов го прави препознатлив на регионалната ликовна сцена, колористички богато, каде палетата – на прв поглед сирова, крие сензибилни и експресивни добро изградени површини.Формите се поетски-разиграни, се усудувам да кажам, Матисовски, но за разлика од Анри Матис каде индивидуата се става втор план, со цел потенцирање на ритуалниот сегмет, ликовите во сликите на Чатмов се карактерни личности. Од ликовен аспект, тие се дисциплинирани тродимензионални форми, кои во комбинација соенергичен и профилиран колорит, и пастуозна текстура, создаваат перфектно изградена ликовна целина. За разлика од раните сликарски експерименти, клучниот мотив во денешното сликарство на Чатмов е обичниот човек и неговото опкружување. Исто така, Чатмов не се лишува да направи забелешки поврзани со одредени историски настани, и на истите да им вметне емотивна и емоцијална примеса.Неговото сликарство е отворено, искрено и спонтано, всушност каков е и тој самиот. Доколку се земе предвид дека Визуелните уметности се универзално прифатливи од причина што по своја структура, се лишени од сите културолошки, национални, јазички, верски бариери, тогаш сликарството на Чатмов по својата структура, покрај тоа што може да се окаракреризира како вонсериско, би можело да се дефинира како вонвременско. Просто, тоа е жива емоција, забелешка на едно време, време сегашно.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.