Годишен Симпозиум на АИКА Македонија

44

Годишниот симпозиум на Здружението на ликовни критичари – АИКА Македонија насловен „Визуелизирање на еднаквоста: женските улоги во обликувањето на уметничките наративи“, ќе се одржи утре, на 1-ви декември (петок) 2023 година, со почеток од 12 часот во Музејот на современа уметност во Скопје.
Учеснички на симпозиумот се Нада Пешева (историчарка на уметност), Ана Ивановска Дескова (архитектка, историчарка на архитектура и истражувачка, вонредна професорка на Архитектонскиот факултет во Скопје) и Јана Коцевска (ко-основачка на Тиииит! Инк. и на фестивалот „Прво па женско“).
Симпозиумот „Визуелизирање на еднаквоста: женските улоги во обликувањето на уметничките наративи“ има за цел да ја истражи повеќеслојната димензија на учеството на жените на уметничката сцена, со специфичен фокус на еволуирачкиот пејзаж на Македонија во периодот по 60-тите години.
Симпозиумот настојува да го расчлени квалитетот и квантитетот на културните политики во Македонија кои беа инструментални за стимулирање на вклучувањето на жените во визуелната уметност, архитектурата и уметничкиот активизам, и да ја процени инклузивноста на родовите теми во неодамнешната уметничка продукција.
Темата на симпозиумот ќе се осврне на историските и современите улоги на жените уметнички, расветлувајќи го нивниот придонес во пошироката уметничка нарација. Преку испитување на напредокот на политиките и иницијативите насочени кон промовирање на учеството на жените во уметноста, симпозиумот има за цел да го оцени степенот до кој овие мерки поттикнаа вклученост и рамноправност на македонската уметничка сцена.
Работната сесија на програмата вклучува презентација на Нада Пешева на тема „Женското учество во современата македонска ликовна/визуелна уметничка сцена по 1991 година“, презентација на Ана Ивановска Дескова насловена „Улогата на жените архитекти во постземјотресната обнова на Скопје“, како и излагање на Јана Коцевска насловено „Прво па женско“.
Симпозиумот се организира со финансиска и техничка поддршка од Министерство за култура и Музеј на современата уметност-Скопје.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.