изложба „Сеќавања“ на уметникот Бурим Муфтиу во НУ Национална галерија

216

Националната галерија на Република Северна Македонија ја најави изложбата под наслов „СЕЌАВАЊА“ на уметникот Бурим Муфтиу која ќе биде отворена во објектот Чифте амам на 11 ноември 2021, во 19 часот.
Манекенот (кукла во излог) зазема централното место во уметничкото говорење на авторот Бурим Муфтиу, преку фотографии, инсталации и видеопроекција.
Сведоштво за една војна, траума на суровата реалност претставена преку личниот израз на поединецот, неговата фацијална експресија преточена во уникатна, горчлива и трајна лузна. Уметникот го претставува хоророт кој војната го остава на поединецот и колективот, како потресно наследство и сеќавање на преживеаните и генерациите што доаѓаат. Соочувањето со вистината, прифаќањето на минатото и сегашноста воедно дава можност за преродба и поубава иднина.
Манекените за Бурим Муфтиу имаат двојна или тројна улога, тој се обидува преку овие фотографии да им даде нова задача на моделите, друга функција вградена во еден концепт. Облеката им е речиси невидлива, чиниш се обидуваат да ја прикријат и да ја маскираат својата душевна состојба, спомените и сите тие ужасни искуства од минатото.

Моделите снимени од Бурим Мифтиу веќе не ја рекламираат облеката, туку со изразите на лицата, со скршени екстремитети, необичен нос и очи прифаќаат сторија, разочарување и ужас. Кај инсталациите во кои манекенот е претставен во форма на кукла, тематиката е иста како и кај фотографијата – разочарувањето и болката од стварноста се примарни. Тука се надоврзува и видео инсталацијата со приказ на имагинарните ликови на манекените сведоци на едни скршени соништа.
Авторот преку своите дела го осудува насилството. Ниедно насилство во светот нема оправдување, туку само изговори. Преку фотографии, инсталации и видеопроекција отворено зборува за негирањето на геноцидот и за негирањето на човечките страдања и трагедии.
Бурим Муфтиу е роден во 1961 година во Призрен. Тој е уметник, фотограф, кустос и предавач. Живее и работи во Соединетите Американски Држави и во Република Косово. Дипломирал англиски јазик и книжевност на филолошкиот факултет на Универзитетот во Приштина. Специјализира фотографија на Институтот за фотографија, НИИП, Њујорк, САД. Дипломирал и магистрирал визуелни уметности, на Универзитет ААБ, Приштина, Косово. Добитник е на повеќе награди.
Куратор на проектот е Татјана Бундалевска, кустос во Национална галерија на Р.С.Македонија.

Изложбата ќе биде поставена до 26 ноември 2021 г.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.