Изложбата „Првите кралеви на Европа“ во САД е голем пробив за македонската археологија во светот

36

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска во Битола се обрати на прес-конференцијата по повод претстојното големо отворање на првата изложба на македонски археолошки артефакти и прва и најголема археолошка изложба од Балканот во светот– „Првите кралеви на Европа“– во Чикаго, Соединети Американски Држави.
На прес-конференцијата, која се одржа во Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Битола, за овој голем проект во кој учествуваат три музеи од Северна Македонија и кој е реализиран со поддршка на Амбасадата на САД во земјава, присуствуваа и националниот координатор на изложбата, Гоце Наумов, како и раководителите од институциите вклучени во изложбата: од Заводот и музеј – Битола, Мери Стојанова, од Музејот во Гевгелија, Бобан Хусеновски, и од Заводот и музеј – Прилеп, Горанчо Цветкоски, како и директорот на Управата за заштита на културното наследство, Аријан Арсланај.
Костадиновска-Стојчевска изрази благодарност до сите археолошки тимови и истражувачи на предисторијата на просторот на нашата земја за придонесот во изложбата, која до крајот на годинава ќе биде поставена во Филдовиот музеј во Чикаго.
Изразувајќи уверување дека изложбата ќе одекне во стручните кругови на археологијата поради својата ексклузивност и поради своето значење, таа додаде дека со оваа изложба македонската и балканската археологија ја оправдуваат довербата што им ја довери Филдовиот музеј од каде што е инициран проектот, а во кој се вклучени 11 земји од Балканот и 23 музеи.
Во тој контекст, Костадиновска-Стојчевска информираше дека во Чикаго ќе бидат претставени сите предмети селектирани за оваа изложба, меѓу кои има извонредни одблесоци на предисториската уметност од неколку македонски локалитети. „Со оваа изложба, преку експонатите неолитски жртвеник, енеолитски скиптар и железнодобен накит од локалитетите Врбјанска Чука, Шуплевец и Милци, пред светот ќе проговориме за достигнувањата на луѓето од нашата земја кои живееле и создавале уметност, ги развивале технологијата и стопанството во периодот од 7 до 5 милениум пред новата ера. Ова се единствени и уникатни артефакти кои зборуваат за нашите приказни од предисторијата, кои, се разбира, се проткајуваат и денес“, додаде Костадиновска- Стојчевска.
Според министерката за култура, оваа изложба е можност за афирмација на историјата и на културата на Северна Македонија и на Балканот. Таа рече дека овој најголем археолошки настан во Северна Америка кој зборува за овој регион, за нас покажува колку се важни ваквите проекти кои ги обединуваат културите во регионот и кои носат голема и широка афирмација на секоја земја одделно, и на Балканот како целина.
Координаторот, археологот Гоце Наумов искажа задоволство што за прв пат македонската археологија, овој пат со предмети од предисторијата се претставува на волку голем настан во САД, и изрази верба дека оваа изложба ќе биде инспирација за натамошни вакви проекти и за останатите периоди со кои ќе се афирмира македонското културно наследтво. Наумов објасни дека турнејата на „Првите кралеви на Европа“, започна од Њујорк, следи Чикаго, до крајот на годинава, а потоа патува во Историскиот музеј на Канада во Гатино-Отава. Наумов кој според проценките вели дека изложбата ќе има околу милион посетители, ја повика големата балканска дијаспора во Чикаго да се запознае со овие репрезентативни предмети, подвлекувајќи дека се работи за интересен културолошки контекст за Балканот, што ја носи оваа ексклузивна изложба.
За изложбата која нуди значајни стручни наоди кои говорат за одблесоци од предисторијата, а кои имаат големо цивилизациско значење во културен, стопански, социјален контекст, зборуваше и директорката на Битолскиот Завод и Музеј, Мери Стојанова. Таа изразуваќи го задоволството од реализација на изложбата рече дека е ова проект кој отвора нови можности за идни соработки. Стојанова особено го истакна значењето на поддршката што за оваа изложба ја има Амбасадата на САД во земјава, потенцирајќи ја одличната соработка со американската амбасада и Американскиот фонд за заштита во многу проекти со Битолскиот завод и музеј.
За изложбата изработени се извонреден зборник и каталог, уредени од авторите д-р Атила Гјуча и д-р Вилиам Паркинсон, и кои се публикувани од престижната издавачка куќа на Археолошкиот институт Котсен при Калифорнискиот универзитет во Лос Ангелес.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.