„Заедно дишеме, јадеме и пиеме“,изложба во Кисела Вода

43

Изложбата „Заедно дишеме, јадеме и пиеме“, ќе биде прикажана на 28.10.23 (сабота) од 12 часот во паркот кај печурките, општина Кисела вода, веднаш до дом на култура „Билјана Беличанец“.
На изложбата ќе бидат прикажани инсталација и цртежи со еколошка тематика, и можност публиката да црта, слика на хартија и текстил, како и да научи што е сито печат техника и како таа се работи.
„Заедно дишеме, јадеме и пиеме“ е партиципативен и колаборативен уметнички проект, кој се надоврзува на интересите од минатогодишното истражување со наслов „Заедно дишеме“ покренувајќи прашања за начинот на кој живееме и се однесуваме спрема природата. Овој проект се реализираше во Велес (поточно кај месноста Лавчани), и во Кавадарци во соработка со уметниците Доротеј Нешовски, Ана Трајковска, Драганчо Таневски, Ристо Јосифовски и Елена Димова Пантелиќ, поддржани од КСП Центар-Јадро.
Климатските промени и пандемијата која сите ја почувствуваме со стравот како, каде и што дишеме, влијаеше за темите на истражување. „Заедно дишеме, јадеме и пиеме“ во својот визуелен аспект нуди преиспитување на начините на кои ѝ пристапуваме на природата, подигнување на свеста за екологијата, и активно делување на заедницата во решавање на проблемите на микро ниво.
Белешките насловени „Човечки активности и одлуки“ зборуваат за херофобијата, за нашиот општествен поредок и стравот да уживаме во природните убавини се со цел за подобро утре, акцентирајќи ја ирационалната аверзија кон среќата.
-Во соработка со Партизанска штампа ќе имаме можност да изработиме дела со сито печат техника, со што ќе ги насочиме нашите размислувања и делувања кон здравјето на населението како предуслов за квалитетен живот и благосостојба. Овие аспекти имаат фундаменталното значење за одржливиот развој, чија цел е да се дигне свеста за екологијата и меѓузависноста на човекот со природата, најавува авторката.
Генетските фактори се значајни, но сепак начинот на живеење и влијанието на животната средина се пресудни за здравјето на населението. Преку инсталација од отпад ќе можеме да го видиме нашето секојдневие, и тоа како преку обидите да се заштитиме себе си, понекогаш самите си одмагаме.
Проектот е финасиски и логистички поддржан од Општина Кисела Вода.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.