40 лета писмото на Мајка Тереза во цртежите на Цветин- цвета!

48

Скопје 21 Март 2024 година

 

21 Март, денот на пролетта, е Ден кој во животната биографија на уметникот Живко Поповски- Цветин, ќе остане запишан како Ден кога во 1984 година го добил и писмото од Мајка Тереза, како знак на возвратна почит за цртежот со цвеќиња што таа од него го добила за 8 Март истата година.

Во писмото, со кое го повела по нејзиниот пат, на ширење на мирољубива мисија, меѓудругото му ја запишала и оваа порака: “Сиромашните се секаде околу нас, осамените, несаканите! Биди лубезен и прави им добрини на оние блиску до тебе, и чувај ја радоста на сакањето на Исуса во своето срце, бидејќи Тој е верен”.

По повод овој животно значаен денза неговата миротворна мисија, тој вчера четиридеценискиот јубилеј го чествуваше на свој начин, со посета на НУ спомен куќа на Мајка Тереза, поклонување на нејзиниот споменик и на спомен плочата на Скопскиот Плоштад, до која е и дрвото што таа го засадила пеинњдна нејзина дамнешна посета на Скопје…

Мироцветна беседа на Цветин за Мајка Тереза, ја изговори во мир и тишина, со индивидуално обраќање и преку искажување на мудрости и молитви од Светицата од Скопје

Цветин, духовниот знак од Мајка Тереза, го добива на 21 Март во 1984 година, оттогаш неговата мисија опфаќа еден долг и значаен временски опсег, во кој тој живее и твори во историски духовни вредности, кои можат да се врзат и со прогласувањето на Мајка Тереза за светица од страна на католичкиот центар Ватикан во 2016 година

 

Во неговата “Цветна книга” запишани се неговите искази како го почнал контактот со Мајка Тереза. Ви пренесуваме неколку раскази:

***

Цвет во коса

 

-На сопругата Богданка ѝ берев цвеќиња во Брезово, во младоста. Кај нас во тој регион има едни жолти цвеќиња кои убаво мирисаат, како лале во пупката, петопраз и така одвреме обично по ливадите собиравме од нив, зашто не ги има секаде. Собиравме и јаглики….

Кога бевме млади правевме венчиња, знаев да ѝ подарувам и јорговани.

Понекогаш ѝ купував букети, но таа повеќе ги одгледува тие живи цвеќиња. Таа неа, сѐ што ќе стави сѐ се фаќа. И во нашето село Брезово до пред некоја година во градината садевме компири, грашок, морков, праз. Ние одевме во викенд со автомобил, Брезово е 145 километри од Скопје. Додека беше жив татко ми Александар, до 1998 тој нѝ помагаше, понекогаш и ќерките посебно Снежана, таа е агроном градинар. И двете имаат исто љубов и култура кон цвеќињата, и Снежана и Александра.

 

Идеална слика

 

…Како изгледа тоа денес? Јас седам на мало столче и цртам, а таа гледа телевизија од троседот и ги подгледе кришум моите слики, и некогаш коментира: “Оваа ми се допаѓа, оваа не”, некогаш ми префрла “Што само исти сликиве”, а јас ѝ одговарам со прашање ”Од каде исти? Слични може, ама исти не се”. И така. Ме мотивира со противречење да дојдам до идеалната слика…

Цвеќинава ги цртам заради Богданка, затоа што таа не сака да ми ја признае таа активност. Веројатно ѝ е преку глава што сликам толку многу, а јас признавам дека секој ден цртам цвеќиња пред нејзините очи, за да барем едно ѝ се допадне. Наскоро ќе ѝ нацртам еден златен цвет, со повод. Поточно, два златни цвета- по повод нашата златна свадба.

Не ми брани, но некогаш знае да рече “Доста трошиш хартија, доста со цвеќињава, бидејќи, последниве години никој не ти дава ништо, а ти само даваш. И не си се прибрал дома само шеташ таму ваму”…

Во 1983 година, кога имав 39 години направив еден убав гест, кога видов дека зад Беко (каде живеевме веднаш до Беко, во Градски ѕид) сечеа гранки од едно дрво, за да ги поткастрат. Им побарав да ми дадат една од гранките, да си изрежам 39 тркалезни дрвца за мојот 39. роденден, на 2 октомври. Ми ги дадоа, и јас исеков 39 тркалезни парчиња од дрвцата. Ги зедов ги излакирав со фирнас за да потоа на нив нацртам цвеќиња по моја тогашна замисла, со маслени бои, и ги оставам да се сушат.

Потоа отидовме во куќата на нејзината сестра Иванка Ристевска во Волково каде и таму исто насеков некои стари дрва. Отидовме и во Брезово, па и од таму насечив, па ми се собраа 3.000- 4.000 сечени парчиња дрвца. И секогаш- сликај, па ставај фирнаст врз нив.

И, тогаш изработките од тие дрвца, почнав да ги испраќам- на Мајка Тереза, на Индира Ганди, на Ла Пасионарио, на Сандро Петритни и на Перез де Куелјар. Им ги пуштив и добив од сите писмо. Просто се чудев како со такви мали дрвца, со не знам каква уметничка вредност, а ми одговараат сите, се чудам јас. Како амајлија им доаѓа, не како уметничко дело.

За Мајка Тереза, си велам “Ајде може го препознава ова мое дрвце, што можеби и сама го садела тука, го полевала тоа дрвце или бидејќи е од Скопје во градот каде е родена во центарот, па затоа ми одговара, но зошто другиве ми одговараат?”. И сето тоа ме вовлече во помислата во тоа дека тука има нешто поголемо …

***

Во 2009 година Цветин се вклучи во Карван по цветните патеки на Мајка Тереза од Скопје до Ватикан преку поранешните југословенски републики и покраини.

– На тој пат подарив 99 копии од писмото од Мајка Тереза во цветни венци на Домови за деца без родители, на домови за стари лица, на католички цркви, на амбасади од Македонија во Косово, Белград, Загреб, Љубљана, конзулат во Венеција, на наша амбасада во Ватикан. Подарени се 99 такви писма со цветен орнамент слики (35 х 50 см), со писмо од Мајка Тереза за 99 година од раѓањето на Мајка Тереза.Така што 99-то писмо беше дадено на папата Бенедик 16 на мисата во Ватикан пред црквата СВ.Петар и Павле. Сето тоа беше во организација на Здружението Скопјанката Мајка Тереза чии претседател беше Стојан Тренчевски. Во Конзулатот во Венеција оставив 10 мои слики (од кои една со писмото на М.Тереза) кои беа изложени на Венецијански биенале 2009 година.

Цветин, во изминативе години повеќе писма доделуваше на истакнати хуманисти и институции кои им помагаат на сиромашните, болните, осамените. Исто така стотици пати писмото е презентирано меѓу децата, средношколците, студентите, жените, во старски домови, на хуманитарни настани, на радио и ТВ емисии ширејќи ја на тој начин пораката од писмото на Мајка Тереза

По повод 40 годишнината од овој значаен духовен контакт, Цветин годинава ќе има изложби во Бон, Дижон и Париз и тоа со свое лично присуство.

***

Мајка Тереза или Света Тереза од Калкута е родена во Скопје како Агнеза Гонџа Бојаџиу, на 26 август 1910 година, на улица “Поп Кочина” број 14, која што се наоѓала на сегашниот плоштад Македонија. Се верува дека името Гонџа го избрал нејзиниот татко Никола. Тоа е албанско име и значи пупка или цвет од роза. Во нивното семејство владеело правилото да се помогне на секој на кој му е потребна помош.

На 12 годишна возраст добила повик од Бога, а на 18 годишна возраст, носена од желбата да стане мисионерка, заминува за да се приклучи на Сестрите од Лорето, во Даблин, Ирска. Таму, го одбира името Тереза по својата патронка Св. Тереза од Лизје. Набрзо оди во Бенгал и Калкута во Индија, и се приклучува кон редот „Лоретски сестри“. Во еден нејзин портрет во магазинот ЛИФЕ, кој стана славен, е наречена “Саинт оф тхе Гуттерс” („Светица на бедниците“). Оттогаш, секаде и секогаш таа ја шири молитвена порака дека „Светот не е гладен само за леб, туку уште повеќе за љубов“.

За своето несебично дело таа ја доби најзначајната без сомнение, Нобеловата награда за мир од 1979 година. Но и уште 700 награди и се смета за најнаградуваната личност на дваесеттиот век – Папата Павле ВИ ѝ ја доделува наградата за мир, добива Награда Џон Ф. Кенеди, Орден за заслуги од кралицата Елизабета ИИ, 1985 година- Претседателски медал за слобода доделен од претседателот на САД Роналд Реган… Во 1980 година е прогласена за почесен граѓанин на Скопје, кој го посетила четири пати- во 1970, 1978, 1980 и во 1986 година.

Почина на 5 септември 1997 година на возраст од 87 години. Индиската влада, на 13. Септември, организира погреб со највисоки државни почести, а Папата ја канонизира Мајка Тереза на 4 септември 2016 на плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан пред десетици илјади луѓе, меѓу кои 15 службени делегации и 1.500 бездомни лица од цела Италија. Прогласена е за светица во католичкиот свет.

 

Валентина Ѓоргиевска Парго 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.