Сокриј ја Дениција, секој сака да ти ја љуби!

28

(во чест на Петре М. Андреевски, на 90- годишнината од неговото раѓање) 

 

Изнакалеми светлина над нејзиното име

и грст ѕвезди изнаточи над буквите осум

ја засјаи среде глува доба во ноќта

ја создаде таква совршена сета

и громот го повика за сведок.

 

На барут замириса ветерот редок

со сјај под нокти ко да си гребел рудници со злато

а птиците избегаа со наквасени крила и трепетен немир

зашто Дениција го наруши на Космосот мирот

побара да се откажеш

од сонот

од себе

за љубовта посилно од сѐ да зуи.

 

Љубоморна секоја жена ја стори

со смил, трендафил и скрб во душата и страв од среќа.

Зашто љубовта сенка е и може да ја снема,

а ти за неа зборуваше толку леко.

 

Ах, кога ја љубеше Дениција чинам сите замреа од болка,

зашто секоја сакаше да е на нејното место, во денот убав што Сонцето го губи.

И зашто, како што ти ја опиша,

секој посака да ти ја украде од песна,

и таква жена да љуби.

 

И Ти на крај Дениција како славеј му ја подари на светот,

од царството во кое ја создаде, таа запеа, и потем ја пушти да си оди.

И ја обедини песната и љубовта во едно

ја исплакна со бистри распенети води.

 

Поету од камен.

Од бисерни бакнежи Ти костум за себе скрои,

за во него дотеран низ вечноста да минеш.

И очите да ни ги направиш почисти од снегови бели,

па да ни ги замаеш со тие блескаливи шеќерни бои.

 

Ти нѐ хипнотизира со неколку зборови свои

зашто обични не беа тие.

Ги фрли пред неа за да ѝ се најдат ко постела мека,

за Дениција спокојно да ти спие.

 

Сокриј ја Дениција!

Зашто секој сака да ти ја љуби …

 

И, нека ти се спокојни сите неба низ кои ќе пловиш

откако со нежност ја распара душата и ја оддели од телото свое.

и в лице му се насмеа на векот

за да ја љубиш доооолго Дениција своја,

создадена,

во првата држава на светот …

 

Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.