Предавање и работилница со Дан и Лиа Пержовски во  МСУ- Скопје

20
 Уметничкиот тандем Дан и Лиа Пержовски, кој преку цртежи ги потполнува ѕидовите на МоМА Њујорк, Тејт Модерн во Лондон, Центарот Помпиду-Бобур во Париз, ВанАбе Музејот во Ајндховенза првпат доаѓа во Музејот на современата уметност – Скопје. Ова е исклучително ретка можност во Скопје да присуствуваат светски познати уметници, кои ги поместуваат границите на современите уметнички практики денес.

Познатиот уметник чие изразно средство е цртежот Дан Пержовски, за првпат ќе биде гостин во Музејот на современата уметност заедно со Лиа Пержовски истражувачка, уредничка и концептуална уметница.

Утре, на 5 април во 19 часот, Дан и Лиа Пержовски ќе одржат предавање во МСУ насловено „Постојано репозиционирање, помеѓу локалното и глобалното“. Влезот е слободен за сите оние кои сакаат да ја искористат оваа ретка можност да го запознаат одблиску уметничкиот тандем. Предавањето се реализира во рамките на Интердисциплинарната програма на МСУ – Скопје.

На 6 април во 12 часот во МСУ – Скопје, Дан и Лиа Пержовски ќе одржат и работилница на тема „Цртање, разговарање и споделување“.

Дан Пержовски е светски познат автор кој го користи цртежот преку бројни форми, цртежи на ѕид, цртачки перформанси, активистички цртеж, уметнички книги, проекти изведени во јавен простор, печатење и независно издаваштво. Пержовски преку своите цртежи, ја адресира важноста на бројни општествени теми, како што се актуелните воени, финансиски и мигрантски кризи, проблемите поврзани со комуникацијата денес, политичките уредувања, како и прашања поврзани со современата уметност.

Пержовски го трансформираше цртежот во медиум за информации и политички коментари. Изразувајќи сложени идеи преку брзо направени цртежи, инсталациите на Дан сугерираат како уметноста, или уметничкиот цртеж може да биде ангажиран.

Дан најчесто ги создава своите цртежи во светски познатите музејски простори, како оние во Музејот на модерна уметност во Њујорк, каде што ги создаваше пред очите на посетителите. Друга изложба на Пержовски пак е нацртана на ѕидовите од португалска банка и се состои од стрип цртежи, кои се однесуваат на повеќе европски прашања како што е прифаќањето на Романија во ЕУ и легализацијата на абортусот во Португалија. Неговата работа ги одразува, над се, човечките прашања, и општествените односи.

Пержовски има реализирано бројни самостојни изложби во МоМА Њујорк, Тејт Модерн во Лондон, ВанАбе Музејот во Ајндховен, МАКРО во Рим, Киазма Хелсинки и Лудвиг Музејот во Келн.  Учествува на бројни престижни групни изложби и манифестации, како Документа 15, Биеналето во Венеција, Биеналата во Истанбул, Лион, Џакарта, Сао Пауло и СиднејОд 2010 година, Пержовски го продуцира цртачкиот проект  во јавен простор насловен „Хоризонтален весник“, во Сибиу Романија.

Лиа Пержовски е истражувачка, уредничка и концептуална уметница.  Таа е основач на неколку платформи и институции како „CCA“ – архивата за современа уметност Букурешт и „КМ“ – Музејот на знаењето, како и „TSK“ – Телескопскиот простор на знаењето.  Лиа Пержовски има реализирано самостојни изложби во Нашер музејот во Далас, Галеријата Иван во Букурешт, Музејот ESPAI Castellon во Шпанија, како и редица групни изложби, меѓу кои во Центарот Помпиду-Бобур во Париз, Тејт Модерн Лондон, МАКБА Барселона и Биеналата во Сао Пауло и Сиднеј.





куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.