Соработката со Албанија во борбата против трговијата со артефакти

Министерката за култура, Бисера Костадиновска- Стојчевска, денеска во Тирана оствари билатерална средба со министерката за култура на Албанија, Елва Маргарити, по повод првата успешна реституција и враќањето на незаконски изнесеното културно наследство од Северна Македонија кое беше пронајдено во Република Албанија.
На средбата се осврнаа на целата процедура и за успешноста на овој историски чин, кој, како што кажаа министерките на состанокот, е резултат на блиската и интензивна соработка меѓу двете држави.
– Успешната соработка е потврда за пријателството и довербата што ги негуваме како министерства за култура на Северна Македонија и на Албанија– рече Костадиновска- Стојчевска, потенцирајќи ги добрата волја и посветеноста од двете страни за заштитата и промоцијата на заедничките културни обележја.
Костадиновска- Стојчевска и Маргарити ги разменија искуствата околу актуелните прашања и процеси во нивните ресори, а посебен акцент беше ставен на следните чекори во спроведувањето на заедничката агенда за заштита на Охридскиот Регион при спроведување на препораките од УНЕСКО.
– Ќе продолжиме со зацврстување на соработката меѓу нашите две земји во областа на културата, зачувувањето на наследството и бескомпромисната борба против нелегалното движење на нашето материјално културно богатство– посочи на средбата Маргарити.
Министерката Костадиновска- Стојчевска порача дека во духот на добрососедските односи и на мултикултурализмот, како основа на нашите регионални политики, ќе се унапредува соработката, најавувајќи ја нејзината идеја и иницијатива за потпишување Меморандум за разменување стручен кадар, искуства и знаење меѓу уметниците и институциите помеѓу државите од Западен Балкан.

***

Бисера Костадиновска- Стојчевска, на церемонија за свечено предавање на незаконски изнесените икони на македонската делегација, рече дека Владата високо го цени и го вреднува овој историски чин на враќање на дваесет икони кои им припаѓаат на македонските цркви и манастири.
– Во овој гест како израз на пријателство од страна на Владата на Република Албанија, премиерот Еди Рама и мојата колешка, министерката Елва Маргарити, не ја препознаваме само политичката порака за почитување на преземените обврски како држави. Многу повеќе ја препознаваме пораката за етичкиот и моралниот однос, како и вреднување на македонското заштитено културно богатство – изјави Костадиновска- Стојчевска.
Албанската министерка за култура, Елва Маргарити, посочи дека е ова свечен момент кој нѐ направи да се чувствуваме горди бидејќи, како што рече таа, овој чин нѐ става во авангардата за спроведување на меѓународните конвенции.
– Но, од друга страна, овој чин го отвора патот не само за враќање на другите предмети во нивните земји на потекло, ако сакате да имате претензии и ќе бидете идентификувани како такви, но од друга страна враќање и во Албанија на изгубени предмети, ограбени во нашите институции за културно наследство, музеи, паркови или култни објекти– додаде таа.
Во продолжение е интегрален текст од обраќањето на министерката за култура Костадиновска-Стојчевска:
-Високо го цениме и со почит го вреднуваме денешниов, дозволете ми да го наречам, историски чин на враќање на дваесет икони кои им припаѓаат на македонските цркви и манастири.
Во овој гест како израз на пријателство од страна на Владата на Република Албанија, премиерот Еди Рама и мојата колешка, министерката Елва Маргарити, не ја препознаваме само политичката порака за почитување на преземените обврски како држави. Многу повеќе ја препознаваме пораката за етичкиот и моралниот однос, како и вреднување на македонското заштитено културно богатство.
Тука, во Тирана, сакам да им се заблагодарам на албанските институции и служби кои ги запленија овие вредни дела, а крадците ги соочија со правдата. На стручните лица од областа на заштитата, и од наша и од албанска страна, им благодарам за професионалниот пристап, кој во голема мера придонесе за овој успешен епилог на десетгодишното патешествие на македонските икони.
Иконите ги очекува уште едно патување. Овој пат да се вратат онаму каде што припаѓаат и си тежат. Заедно си одиме дома!

***

Линк со видео од приморедавањето на незаконски изнесените икони од С. Македонија во Албанија.
Прва успешна реституција на културно наследство во историјата на државата.

https://we.tl/t-TGixvIrc98

https://we.tl/t-GbjymjakU1

Министерката за култура Бисера Костадиновска- Стојчевска истата вечер од Тирана пристигна во Музејот на Северна Македонија заедно со конвојот во кој доаѓаа иконите.

На презентацијата на оваа исклучително сложна и повеќегодишна постапка, на која присуствуваа високи владини претставници како и високи црковни великодостојници, пред јавноста беа претставени 20 македонски икони кои во билатералната соработка на највисоко институционално ниво, денеска беа вратени во Северна Македонија.

-Заврши децениското патешествие на дваесет македонски икони. Ги вративме дома, – со нескриено задоволство изјави министерката Костадиновска – Стојчевска и додаде дека враќањето на овој дел од она што е украдено од нашето непроценливо големо културно богатство, е историски момент бидејќи за прв пат во регионот се случува да биде вратено украдено заштитено културно добро.

Министерката за култура посочи дека долго ќе го памети овој ден, ден во кој имаше чест да бидe дел од луѓето кои го вратија дома она што ни беше украдено, а кое, како што вели таа ,,е наше заштитено бесценето културно добро, кое постојано треба да нѐ потсетува дека мора да сме будни кога го чуваме доброто од лошото“.

-Охрабрена од овој исклучителен гест на пријателска Република Албанија, верувам дека успешно ќе се одвива и просецот на враќање на уште 37 идентификувани икони украдени од македонските цркви и манастири во периодот 2008 – 2013 година. Тоа беа години во кои многу често слушавме за обивање и ограбување на наши светилишта во југозападниот дел од државава, од Ресен до Радожда, рече министерката за култура.

Министерката Костадиновска-Стојчевска пред присутните уште еднаш изрази голема благодарност до Владата на Република Албанија, и премиерот Еди Рама, како и на сите вклучени од двете држави.

Министерката за култура, посебна благодарност изрази кон нашата Работната група, составена од претставниците од Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство, МАНУ, Националниот конзерваторски центар, Завод и Музеј Битола и Завод и Музеј Охрид, за нивната посветеност, професионалност и стручност за враќањето на ова наше културно наследство.

Премиерот Димитар Ковачевски, изразувајќи го задоволството од историскиот чин рече дека е резултат на политиката на Владата која создаде модел за мултиетничка демократија и дипломатија со која воспоставивме одлични добрососедски односи. „Со дијалог, компромис, взаемно почитување и најтешките предизвици може да се надминат и да отворат нови можности за соработка.Вечерва сведочиме за една таква соработка со нашиот сосед Албанија, иконите украдени во 2013 та година, успеавме да ги вратиме дома“, изјави премиерот Ковачевски.

Интегрален текст од обраќањето на министерката Костадиновска- Стојчевска:

,,Дами и господа,

Ваше Блаженство,

Заврши децениското патешествие на дваесет македонски икони.

Ги вративме дома.

Враќањето на овој дел од она што е украдено од нашето непроценливо големо културно богатство, го креира чувството на посебен момент, би рекла историски. За прв пат во регионот се случува да биде вратено украдено заштитено културно добро. Според расположивите податоци, во светот воопшто исклучително ретко се случува да бидат вратени незаконски изнесените културни добра онаму од каде што се земени.

И од тука, од Скопје, уште еднаш изразувам благодарност до Владата на Република Албанија, на премиерот Еди Рама, како и на мојата колешка министерката Елва Маргарити на која денеска во Тирана и реков дека високо го цениме и со почит го вреднуваме овој чин преку кој ја примаме пораката за нивната почит кон македонското културно наследство.

На сите инволвирани и од двете држави, како и на членовите на работната група, им благодарам за професионалноста и за истрајноста во овој долг процес. Верувам дека за нивниот напор нема поголема награда од доаѓањето на иконите дома.

Овие 20 икони ќе останат во Музејот на Македонија каде што ќе им биде извршен конзерваторски третман во зависност од потребите на секоја икона одделно. По целосното завршување на конзервацијата, иконите ќе бидат изложени за јавноста во овој Музеј.

Охрабрена од овој исклучителен гест на пријателска Република Албанија, верувам дека успешно ќе се одвива и просецот на враќање на уште 37 идентификувани икони украдени од македонските цркви и манастири во периодот 2008 – 2013 година. Тоа беа години во кои многу често слушавме за обивање и ограбување на наши светилишта во југозападиот дел од државава, од Ресен до Радожда.

Почитувани,

Долго ќе го паметам овој ден, ден во кој имав чест да бидам дел од луѓето кои го вратија дома она што ни беше украдено, а е наше заштитено бесценето културно добро. И ова постојано нека потсетува дека мора да сме будни кога го чуваме доброто од лошото.

Ви благодарам!”.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.