Вложени 9,6 милиони денари во Спомен домот АСНОМ

40

20.12.2023

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска во беше во работна посета на Делчево, каде заедно со градоначалникот Горан Трајковски направија увид во активностите на новата сала во Спомен домот на АСНОМ, проект финанскиски поддржан од Програмата на Министерството за култура за капитални дотации за единиците на локалната самоуправа, за 2023 година.
– Проектот е прва инвестиција во овој објект после 40 години, за што Министерството за култура вложи над 9,6 милиони денари. Ова е уште една потврда за приоритетите на Владата и на Министерството за култура за грижата за културата и за поттикнување на локалниот културен развој, истакна Костадиновска –Стојчевска.
Така ќе продолжиме и следната година, додаде таа, повикувајќи ги и останатите локални самоуправи да аплицираат со проекти, по примерот на општина Делчево.
Со реализацијата на проектот, според министерката за култура, се овозможува непречено одвивање на културните активности во локалната самоуправа, но и како што рече, за привлекување на младите да ја продолжат традицијата и негувањето на културните обележја на Пијанечкиот крај.
Костадиновска– Стојчевска информираше дека Министерството за култура финансиски поддржува уште многу настани и манифестации од сите дејности од областа на културата во Делчево. Таа изрази уверување дека, како што рече, таа и Министерството за култура се отворени за понатамошна соработка и за поддршка на проекти кои ќе ја подигнат свеста за културата и кои ќе придонесат за унапредување, промоција и афирмација на нашето богато и уникатно културно наследство.
Градоначалникот Трајковски изрази огромна благодарност до министерката Костадиновска- Стојчевска и Министерството за култура за тоа, како што рече, ја препознаа потребата за граѓаните на Делчево и што овозможија со значителни средства да ја поддржат оваа инвестиција која ќе го врати сјајот на култното место за културата на Делчево-салата во спомен-домот АСНОМ.
-За Делчево реализацијата на проектот поддржан од Министерството за култура преку капиталните дотации, е по многу нешта значаен, бидејќи салата која беше култно место за културата во Делчево, не беше реконструирана уште од нејзиното отворање во 80- тите години на минатиот век и се соочувавме со сериозни проблеми при организирањето на секој настан, а поради лошата состојба во која се наоѓаше салата, многу настани веќе не ги ни одржувавме во оваа сала, рече градоначалникот Трајковски.
Во рамки на работната посета министерката за култура, Костадиновска-Стојчевска, на покана на ЗФГ „Копачка“ го проследи дефилето и настанот по повод одбележување на јубилејот 75 години постоење на Здружението и 20 години од донесувањето на Конвенцијата за заштита на нематеријално културно наследство на УНЕСКО.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.