22 август 1864 -Основан е Црвениот крст со потпис на Првата Женевска конвенција

1234

Дванаесет земји ја потпишале Првата женевска конвенцијa и го основале Црвениот крст и Црвената полумесечина.

Таа претставува меѓународно хуманитарно движење со околу 97 милиони доброволци ширум светот, чија мисија е да го штитат човечкиот живот и здравје, да обезбедат почитување на човекот, и да го оневозможат или олеснат човечкото страдање, без било каква дискриминација заснована на националност, раса, религија, класна припадност и политичко мислење.

Често слушаниот израз „Меѓународен Црвен крст“ всушност е погрешен, бидејќи не постои таква организација. Фактот е дека ова движење се состои од неколку одделни организации кои се правно независни, но се обединети преку заеднички основни принципи, цели, симболи, статути и органи на управување. Деловите на Движењето се:

-Меѓународниот Комитет на Црвениот крст (МКЦК), приватна хуманитарна установа основана во 1863 во Женева, Швајцарија. 25-члениот Комитет, според меѓународните хуманитарни закони, има уникатно право да го штити животот и достоинството на жртвите од меѓународни и граѓански вооружени конфликти.

-Меѓународната Федерација на здруженијата на Црвениот крст и Црвената полумесечина, основана во 1919 и која денес ги координира активностите меѓу 186 национални здруженија. Секретаријатот на Федерацијата е со седиште во Женева, Швајцарија. Федерацијата ги предводи и огранизира, во тесна соработка со националните здруженија, мисиите за помош во случаи на големи непогоди.

-Национални здруженија на Црвениот крст и Црвената полумесечина постојат во речиси сите земји во светот. Во моментов, 186 национални здруженија се признаени од МКЦК и се примени како полноправни членови на Федерацијата. Секоја членка работи во својата земја според принципите на меѓународното хуманитарно право и статутите на меѓународното движење. Зависно од нивните конкретни околности и можности, националните здруженија можат да преземат дополнителни хуманитарни активности кои не се директно дефинирани со меѓународното хуманитарно право или со одредбите на меѓународното движење.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.