Почетна МУЗИКА Народна Горан Симевски: Имам колекција од сите касети и плочи на Јанко...

Горан Симевски: Имам колекција од сите касети и плочи на Јанко Узунов

136

Фолк пејачот Горан Симевски дефинитивно е најголемиот љубител на творештвото на легендарниот Јанко Узунов, ако оценуваме по тоа што неколку децении ги собирал сите негови изданија и постери, а кои денес имаат посебно место во неговиот дом.
– Јас уште како средношколец го обожавав Јанко и неговата музика, ги имав касетите и плочите од него и група “Узун”, издадени за “Југодиск” во бивша Југославија. Благодарение на неговата сопруга Жаклина, беровчанка, а и јас сум беровчанец во Скопје, која знаеше дека посебно го обожавам, го запознав пред петнаесет години, иако мислев дека е ѕвезда и нема шанси. Бев чест гостин во нивниот дом во Радишани, па дружбата продолжи во студио со соработка. Првата снимена песна пред 14 години ми е потпишана токму од легендата Јанко, “Ќе те земам бегалка”. Потоа имав настап на “Филиграни” со негова песна “Мојто срце тагува”, но и со песна со нов аранжман, изведена на “Камбера 91” “Туѓината нас не зеде”. Пријателството ни продолжи и станавме многу блиски, како семејство, ги имам сите негови песни, соло, дуети сѐ што е можно од овој прекрасен дует Жаклина и Јанко, вели Горан.
Симевски ја има препеано познатата песна “Замина ти душо”, која своевремено на српски јазик а во авторство на Јанко Узунов, ја испеала српска пејачка ѕвезда Гордана Адамов Лана. “Отишо си душо” е оригиналниот наслов.
Тој редовно настапуваше на неговите концерти на музичкото училиште “Узун”, што познатиот Узунов ги правеше на 19 декември, на Свети Никола во “Даре Џамбаз”, а вечерва 11 февруари 2024 година ќе настапи на концертот “Јанко во срце те носиме”, во истата сала.
– Основа на моето музицирање се песните од маестро Узунов, кои ги изведуваме и на моите турнеи со културно уметничко друштво. Ги имам сите негови касети и плочи, затоа што неговата песна за мене била лек за душа. Го сакав како втор татко а тој никогаш не отстапи од своето, да не ме покани на неговите концерти. Пеев со голема радост и ќеиф. Камо да беше сега тука, ах како ќе си запеевме…

metropolis-big