“Гортинија” со рок-концертот им приреди несекојдневно уживање на гевгеличани

15

Гевгелија, 30.11.2022

Деновиве се одржа концерт на Градскиот мешан хор „Гортинија“. Присутните во Народниот театар- Гевгелија, на Rock ‘n’ choir концертот на „Гортинија“ и солистите, на самиот крај, побараа уште по еднаш изведба на неколку рокнумери од програмата за целовечерниот концерт. Гевгеличани ги искажаа своите овации преку силно ракоплескање, играње и пеење на глас, за тоа што „Гортинија“ им приреди едно несекојдневно и невообичаено уживање во музика.
„Виновни“ беа моќните гласови на: Цеца Демерџиева Динева, Теодора Атанасова, Дорис Старчева Јованова, Андон Михајлов, Теда – Теодора Гошева Капсарова и Коце Динев, придружувани од Гортинците, како и формираниот рок-бенд, составен од: Пенче Кралев- бас-гитара, Момчило Делев- тапани, Коста Елбасановски- клавијатури, Слободан Крџев и Антонио Какров- гитара, а под диригентската палка на м-р Илија Атанасов.
Репертоарот за концертот беше составен од 10 познати рок-нумери на странски и домашни групи и пеачи: Тото, Guns N’ Roses, AC/DC, Deep Purple, Queen, „Леб и сол“, „Конкорд“, „Зијан“ и Леонард Коен.
Проектот е поддржан од Министерството за култура, како и од Општина Гевгелија, преку Програмата за финанасиска поддршка на проектите и активностите од областа на културата за 2022 година.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.