ОД МОЈ АГОЛ: Претседателка!

235

Колумнава почнав да ја пишувам во кафеана, (ја завршив дома ) тоа ми беше основната идеја, овој пат сакав да пишувам за односот кон жената на јавни места, во кафеана, за непријатните и немили случки, за нејзиниот третман, а особено го врзав за неодамнешната случка на познатата Софија Џорлева, кога не била соодветно испочитувана и секоја чест што го посочи името на кафаната, во која вети повеќе нема да стапне. Ни јас. Женска солидарност!
Нема да стапнам уште еднаш и во еден ресторан кој се декларира за елитен, поради мизогинијата на шефот и келнерот со долг јазик, а веројатно краток памет, затоа што келнер и шеф навидум тоа е лесна работа, но бара многу едуцираност и култура на однесување, а не само да се однесе кафето на маса. (не)Културата кон жена тој шеф лесно беше преточен во проблем, ама поради соодветното извинување од повисоки инстанци, особено што извинувањето дојде од две перспективни дами, ќе го прескокнам јавното именување. Женска солидарност! По втор пат досега.
И, мислев дека за овие 16 дена активизам против насилство врз жени ќе пишувам за многу тврди случаи, за кои знам, и за многу други, кои и тоа како ги има. Но нема да верувате дека се фатив себе си во фаза “црвени рози, за Вас мадам”, и колку тоа кај нас е само познат стих колку да се испее, а од тоа во реалноста ни траг ни глас.
Баш вчера дента прво бев на кафе средба со драга фолк пејачка, затекната од сајбер коментарите што луѓето произволно на компјутер ги напишале против неа, а ја повредиле. Се договоривме да одам да ја интервјуирам да каже нешто повеќе за себе, таа инсистираше дека нема кому за што да му се оправдува, ме кани на ракија и салатка, нејзиниот омилен ритуал.
Тамам реков тоа е за тој ден, вечерта ете ти ново изненадување. Преку телевизискиот екран. Емисија во живо со тројцата потенцијални претседатели на ЗНМ (Здружение на Новинари на Македонија).
Немав намера овој пат да гласам за избор на претседател на Здружението, немам зошто, мене не ме вклучуваат во домашните медиуми па морам да се снаоѓам преку странство и таму веќе ја конструирам својата иднина. Се изолирав од фелата, но сум дел од Здружението од почит што ми помогна во еден критичен момент и сакам да следам што прави.
Не чувствував обврска да го дадам својот глас и од аспект на тоа дека претседателот нешто не ми е активен , како да нема намера да го среди новинарството, му се извинувам ако грешам, така мене ми изгледа, може слободно да ме демантира ако треба.
Вртејќи синоќа по каналите фатив момент на претставување на кандидатите, и во рок од десет минути ако гледавте и забележавте, тројата седнати мажи во студио ја доведоа до фаза на развикување и нервоза единствената дама, кандидатка за Претседателка. И ѝ се смешкаа, додека- ѝ наметнуваа ставови, не ѝ даваа да се искаже, сакаа нивното да помине, да надвладее по секоја цена. Особено едниот. Чинам, дури има и државна награда која откако ќе ја земеш имаш обврска со своето однесување да бидеш над другите, во позитивна смисла. Тоа значи, ако требаше, да ѝ дадевте и од Вашите минутки, та нели една дама е покрај вас во студио.
Па ако тие се такви пред камери, уште неизбрани, какви ли ќе се зад камери, во случајов со новинарките?
Отпаднавте од прв круг, Дамата остана. Останува од повеќе причини, затоа што не сме имале новинарка за Претседателка, и како што требаше да ѝ дадете предност со збровите “повелете колешке, Ве слушаме”, сметам дека треба да ѝ дадете да биде и единствена кандидатка, па да избереме по прв пат жена. И ние жените имаме свои женски проблеми, да има со кого подиректно да поразговараме. На пример, не ми е баш пријатно да одам од претседател да барам слободни денови за болен менструален циклус, а жена може да ме сфати. И тој проблем не е дојден на дневен ред, сме немале со кого да го поразговараме многу други женски теми.
Понатаму, станува збор за жена која сама се изборила за своето место во новинарството, за разлика од многу жени кои се на одговорни функции а до тоа дошле по лоши патишта што би рекол народот, да бидам конкретна- преку кревет и партиски влијанија, сопруг –сопруга, маж- љубовница, и тоа е веќе и добро познато во јавност.
Доста е со тоа, мора да расчистиме! Мора да има жена која на професијата гледа од друг агол. Од подостоинствен. Некоја мора да го пресече тој ланец на невидливата и невидлива дискриминација врз жени во новинарството.
Кога зборувам за себе, и во тој поглед имам што да поразговарам со неа- се чувствувам дискриминирана како единствена во целата историја на ова држава музичка новинарка која следела во живо и напишала за најмногу музички настани, личности, континуирано три децении, во земјава и во странство, но досега не сум ја добила честа тоа да биде признато од страна на “машките “ музички новинари. Тие не може да влијаат на фактите, но чувствувам, имаат отпор, секаде каде што можат ја дискредитираат мојата позиција, со цел тие да се истакнат,се обидуваат. Да, само тие се важни, нивните извештаи, нивното видување на музиката, а како може сега некоја жена да биде музички новинар? Ако треба ќе измислат нова, ќе подметнат лажна, само да не биде призната вистинската. Ја нема, нејзиното име не постои. Постои само нејзината поддршка која ја добиле, а ја заборавиле и не ја сметаат за важна.
За “комплиментите” со кои па и некои ме почестиле а допреле до мене, тоа е одраз на нивната култура, а култура е тоа што го немаат многумина кон жената. Не само нивната култура, нивниот “мајндсет”, менталитет, кои и тоа како се опасни за општеството и тоа треба да се променува.
Не утре, уште денес. И не кон мене, кон сите жени.
Не јас не барам од нив да признат ништо, бидејќи, сакале тие или не, јас сум таа која во случајов има цврст статус, и место на скалилото, од кое може нешто/ некого да признава или не, но барам да се смени, не се жените само жртви на физичко насилство туку и предмет на обликување од страна на машките видувања за нив. Ние жените сме столбови, на општеството, на семејството,
како што неодамна рече мудриот Охриѓанец Петро Поп Стефанија, особено во ова средина каде се што секое поместување напред што се прави доаѓа од жените. Оние жени од сенка. И време е да бидеме погласни.
Да зависиме од себе, не од мажите и нивното гледање на нас.
И, да имаме и своја Претседетелка!
Не лобирам, секој си има одлучено за кого ќе гласа, но јас само посакувам! Јавно. Отворено. За себе! За промените кои мора да дојдат!

Валентина Ѓоргиевска Парго, Музички новинар и уредничка во “КулАрт”

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.