Кампања на ЗНМ-Водич за новинарска писменост

461

Дигитализацијата и пандемијата придонесуваат уште еднаш да се преиспита доверливоста на информациите кои се пренесуваат преку медиумите. Во вакви чувствителни мигови, професионалноста на новинарите е клучен фактор во насока на навремено и вистинито информирање на јавноста. Токму од овие причини, ЗНМ отпочнува видео кампања со цел уште еднаш да ги акцентираме етичките  и професионални стандарди од Етичкиот кодекс на новинари.

Кампањата ги опфаќа сите членови од кодексот. Идејата на ЗНМ преку оваа кампања е да потенцира дека професионалните новинарски стандарди мора да бидат клучна водилка во идентификувањето на етичкото новинарство како јавно добро.

Новинарите мора да бидат свесни за својата улога во општеството, да ја препознаат и почитуваат одговорноста при пренесување на вестите до јавноста. Пренесувањето на информациите е значајно поради ефектот кој го предизвикува кај луѓето и општествените процеси.

Основна задача на новинарите е да ја почитуваат вистината и правото на јавноста да биде информирана во согласност со член 16 од нашиот Устав. Слободата на медиумите е неприкосновено право, новинарите имаат улога да пренесуваат информации, идеи и мислења, и право да коментираат, почитувајќи ги етичките вредности и професионалните стандарди во пренесувањето на информациите, настојувајќи дека ќе бидат чесни, објективни и точни.

Спречување на цензурата и искривувањето на вестите е право и должност на новинарите.

Следејќи ја својата улога во градењето на демократијата и на цивилното општество, новинарите треба да ги бранат човековите права, достоинството и слободата, да го почитуваат плурализмот на идеите и ставовите, да придонесуваат за јакнење на правната држава и во контролата на власта и на другите субјекти од јавниот живот. Новинарите мора да ги препознаваат  црвените линии на јавниот интерес, не прекршувајќи ги личните слободи и права.

Во насока  на унапредување и зајакнување на професионалните стандарди на новинарите, Здружението на новинарите на Македонија започнува кампања преку кратки видеа, да се промовираат сите членови на етичкиот кодекс на новинарите.

Видеата може слободно да се преземаат и промовираат од страна на сите медиуми и истите се изработени во соработка со Програмата за медиуми во Југоистична Европа на Конрад Аденауер фондацијата.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.