Едно видување на Евровизија 2019-Народот не признава национален избор зад затворени врати

912

Осврт на Здравко Остојиќ-композитор и текстописец

Тамара е исклучителен вокал и прекрасен изведувач, и секоја чест за изведбата, настапот и пласманот во финалето на овогодинешната Евровизија. Сепак и покрај сѐ, останува уште погласно поставено прашањето: дали Македонија и македонската нација може да ја претстави резултат од национален избор зад затворени врати, и песна која не е испеана на македонски јазик? Од тие нешта редовно потекнува и најголемата заблуда, која што најчесто провејува и се поврзува со македонското претставување на евровизискиот избор.

Проблемот е што на крајот, сето тоа изгледа како Македонија повеќе да гледа и највеќе се грижи некому да му се додвори, отколку себеси навистина да се претстави. Тогаш кога ќе започнеме да правиме транспарентни и демократски национални избори, и кога на Европа и светот ќе им дадеме прилика да го слушнат и причина да го засакаат македонскиот јазик, тогаш и ќе можеме да бидеме навистина горди. Сѐ дотогаш, гордоста нема да претставува некое национално, туку повеќе нечие лично чувство.

Дали Македонија треба да учествува на ваков избор со цел да се претстави, или да му се додворува на некого? Дури и по цена на практично бегање од македонскиот идентитет? Со кое што македонскиот народ ниту се согласил, ниту пак се согласува. Со каков усул, потоа се дрзнуваме таквото претставување да го каракеризираме како македонско, во основа одземајќи му го она што суштински може да го карактеризира како такво?

Тоа е целосно противречен формат на македонско претставување, каде Европа и цел свет слуша англиска, наместо македонска песна. Па, уште едни други ќе се убедуваме дека тоа е наше, и дека горди сме на туѓ јазик што пееме? И, згора на сѐ, зошто мислиме и сме уверени дека на тој начин подобро сме ја претставиле Македонија? Пред милионска публика, која што очекува ние да пееме на македонски, а не на англиски. По кој знае кој пат, самите го ускратуваме тоа ретко задоволство на многумина барем во тие три минути во годината да ја слушнат милозвучноста и емоцијата на македонскиот јазик. А, поради што?

Та, нели треба да ја претставиме Македонија, и од таа гледна точка за каков друг јазик треба да стане тука збор освен македонскиот? Другите веќе го имаат она што го имаат, и очекуваат да слушнат нешто поинакво, а не копија на нивното. На меѓународен натпревар се очекува да доминира различноста, а не сличноста. Токму различноста ја овозможува најубавата и најраскошна хармонија, а сличноста повеќе тежнее да звучи еднолично и безлично.

Треба еднаш и засекогаш да разбереме, дека претставувањето на Македонија започнува со македонскиот јазик. Ако нема македонски јазик, тогаш нема ниту претставување на Македонија, туку само зготвена политичка турлитава со предумисла, каде што повеќе практично се кокетира и отворено се негира, отколку што се признава македонштината. Во светски рамки, јазикот е најосновната срж на идентитетот и главниот ек на националното чувство. Не може да се калкулира со името на една нација, ниту пак како на кој ќе му текне да го менува.

Ако македонското претставување не е тесно поврзано со претставување на писмото и звукот на македонскиот јазик, со самото тоа – во практична смисла – се негира македонското име, македонската култура и историја, и воопшто севкупната македонската нација не само на европската, туку и на светската меѓународна мапа.

Дали нпр. Велика Британија и Австралија поуспешно би се претставиле, доколку би пееле на наш македонски, наместо на нивен англиски? Што мислите, дали тогаш подобро би ги разбрале? Или, пак, тие немаат потреба да ги релативизираат и проституираат своето име, јазик и национален идентитет. Тие немаат потреба суштината на нивната душа, да ја сведат на додворување кон било која друга нација. Со тоа, мислиме ли дека тие се нешто помалку, а ние повеќе горди?

Се обидувам, да ја замислам Англија да пее колку е горда на македонски, и некако ич не ѝ оди. Не сака да отпее ниту еден тон со македонски збор, особено ако треба да им запее на сите други народи за својата гордост. Таа тоа не ќе го стори ни на сон. Попрво ќе молчи… отколку што некогаш ќе запее на македонски. А, Македонија сосила ја прекрстија во Северна и ја натераа да пее за тоа колку е горда на англиски на Евровизија.

На крајот, уште му мачкаат очи на македонскиот народ со финале и 8. место. На секој интелигентен човек му е јасно, дека Евровизијата е повеќе шарен политички параван и дежурна лоби-сцена, отколку музички фестивал. Останува секој за себе да си пресмета, кој е испраниот мозок во целава оваа евровизиска разгледница, и кој всушност на што е горд…

Македонскиот револуционер Гоце Делчев, уште одамна најубаво и најмудро на сите нам нѝ порачал и оставил во аманет тоа да го исполниме: „Светот го разбирам, како поле за културен натпревар помеѓу народите.“ Тоа се зборови на најголемата македонска мудрост, тоа е вистинската македонска гордост, која најсветлиот врв на револуцијата го гледа на долги патеки и токму во културата, а не во политиката, ниту во разнебитувањето на било кој еден народ.

Во 60-те и 70-е години од минатиот век, македонските песни тогаш убедливо биле меѓу најубавите, најпочитуваните и најслушаните во целиот регион. Истите се пееле и ден денес насекаде се пеат на македонски јазик, а не на англиски. Според тоа, дали Македонија треба име да менува и да пее на англиски, за културно да може да се натпреварува со другите народи во Европа?

Едно е сигурно, кој сака англиска песна да слуша, нема да ја бара Македонија, бидејќи знае дека Македонија пее на македонски, а не на англиски. На крајот на краиштата, техниката е сигурно барем до толку вознапредната, покрај и онака сѐ помалку музички централизирани настапи, а сѐ повеќе разноразни циркузантски и силно исполитизирани и пропагандистички егзибиции, на еден меѓународен натпревар од ваков ранг и најсовремено техничко ниво, да се овозможи барем толку за секоја песна која не е на англиски, да постои основен синхронизиран англиски превод на екранот. Очигледно, тоа е сѐ уште поголем технички предизвик… отколку програмирање разни холограми на сцената и борба со земјината гравитација?

Како и да е, секако дека синхронизиран англиски превод би бил далеку поедноставно, поумно и прифатливо решение, отколку практично откажување од пеење на сопствениот јазик, кој всушност е најосновниот елемент во претставувањето на една земја и нација. Сѐ со изговор, дека се пее на англиски за да можат повеќето да нѐ разберат и поубаво прифатат. Сепак, дали е тоа воопшто некаков си валиден аргумент, во време кога целиот свет наголемо претставува глобално село? И во најмала рака, воедно постои лесно достапна и бесплатна технологија за машински превод на текст од било кој светски јазик.

Никогаш не постоело подобро време, за оној што сака нешто да разбере. Така да, сите такви изговори целосно паѓаат во вода, како потполно неосновани. Од друга страна, дијаспората никогаш не ќе може успешно да се анимира избрзано и на препад во 5 до 12. Туку тоа треба да се прави со усул и лезет, постапно и систематски, уште од почетокот и во текот на целиот процес и преку целата година.

Еден од клучните аспекти за успех на Евровизијата е навременото анимирање на дијаспората. Општо гледано, сите тие луѓе потенцијално би можеле да гласаат, а наша должност е преку целата година да имаме редовни активности, како и соодветни акции, со цел на крајот и да се постигне ефектот тие во што поголем број да посакаат тоа и да го направат. Нечиј глас не треба да се изнудува, туку да се инспирира. Единствено тоа е вистинскиот пристап.

Неопходно е низ целиот процес, уште од најраната фаза на планирање на конкурсот и по пат на отворени трибини и јавни анкети, дијаспората многу јасно да почувствува дека е вклучена и составен дел од сето тоа, дека и таа учествува и се прашува и за нешто друго поврзано со изборот и подготовката на националното претставување, а не само да се бара за нејзиниот глас.

Национален избор во основа значи, дека тоа треба да биде избор на народот, и нешто што рамноправно го вклучува народот, како и да ја почитува народната волја и одлука. Тоа е единствениот начин, дијаспората да го доживее и сфати македонското претставување сериозно, а не повеќе како некоја традиционална приватна забава, на која народот ниту е повикан, ниту пак за било што е прашан.

Дијаспората ќе гласа тогаш кога ќе ѝ се даде и овозможи рамноправно право да учествува и следи демократски и транспарентен конкурс, како и избор за песна и претставник на нацијата. Бидејќи, како главна точка и на прво место, таков еден избор не може да се прави зад затворени врати и во лична режија, ниту да има формална претставка „национален“, а практично обезнароден иако ставен на народен грб, како што тоа за жал се случува со години наназад.

Додека пак, сведоци сме дека форматот на фестивалски избор е сѐ поретка појава, со што драстично се намалува и регуларноста и националниот аспект на македонските претставувања. Главниот проблем во таквиот модел на национален избор е тоа што практично и на дрзок начин целосно ја исклучува нацијата од целиот тој процес.

Со тој чин, изборот суштински престанува да биде национален, туку приватен избор на мала група од неколку субјекти, кои функционираат по принципот: на ти го – дај ми го. Тоа се случува во продолженија секоја година, и на таквата појава треба конечно да ѝ се стави крај. Сѐ дури националниот избор има такво антинационално уредување и нетранспарентно раководење, дотогаш народот секој ваков начин на избор треба не само делумно, туку целосно да го бојкотира. Тоа би било исто, како политичарите самите меѓу себе да се избираат, без никакво учество и прашање на народот.

Исто така, неопходно е да се донесе законска регулатива, со која изведувачите и авторите кои претходно веќе имале евровизиско учество, да немаат право да учествуваат во конкурсите и националниот избор најмалку во наредните пет години од нивното последно евровизиско учество. Тоа ќе биде од особена полза кон остварување на целта националниот избор за песна на Евровизија во Македонија, конечно да се преобрази во транспарентна и демократска форма, околу која ќе престанат да се вртат само едни те исти луѓе.

За жал, таквата општа појава и очигледна злоупотреба со години зема сѐ поголем замав, како директна последица од недостигот на неопходната законска регулатива, која треба да ја реши оваа сериозна проблематика. Во Македонија, не се само неколкумина како што тоа многу вештачки се пропагира, туку постојат редица квалитетни и образовани автори и изведувачи, кои заслужуваат да им се даде повеќе простор, како и рамноправност во можноста креативно да допринесуваат кон македонскиот музички израз, како и на транспарентен начин да им биде овозможено да се вклучат и да се претстават пред пошироката публика.

Секако, дека тоа најзначително ќе допринесе за конечно пребродување и понатамошно спречување на крајно алармантната и повеќегодишна стагнација која што се случува во македонската музика. Сите последици од целиот тој процес не се веќе нечие лично, туку национално прашање, кое треба да доживее најширок апел за негово решавање. Токму овозможувањето и осигурувањето на транспарентноста, ќе биде од најголема помош за понатамошен развој и квалитетно збогатување како на македонската музика, така и македонската музичка сцена.

Една од клучните стратегии за да може да се оствари тоа е хитно да престане да се деградира и обезвредува авторството во Македонија, туку онака како што доликува да се испочитува и да му се помогне да се врати на своето вистинско место и доследна положба во редот и распоредот на нештата. Единствено така, македонската музика ќе може конечно да продолжи поуспешно да се развива и да се врати на пиедесталот кој што го заслужува.

А, сѐ дури вака се потценува и руши транспарентноста на полето на авторството и воопшто се обесценува авторот како поединец и творечки ентитет, и македонската музика дотогаш ќе биде во ваквата најнеблагодарна состојба на стагнација и систематска деградација. Сето ова се случува исклучиво со една и единствена цел, а тоа не е остварување на благородните стремежи и народните цели, туку на најкусогледите и најтесноградите лични интереси, кои на нивните кратки патеки и освен себеси никогаш ниту можеле, ниту ќе можат да претстават еден народ и една нација.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.