КИРЕ МИРЧОВСКИ: Не знам за “сѐ знам”, постојано учам и давам сѐ од себе!

184

Два албуми стојат во портфолиото на младиот музичар, автор, гитарист Кире Мирчовски, едниот со наслов Light (2018), другиот со наслов Инсанус (2020), кои ги собраа сите позитивни коментари од докажаните рокери.

По објавувањето на албумите, работи интензивно на соло проект за претставување надвор, во меѓувреме како автор ја создаде музиката на документарна емисија за градот Скопје “Скопје але але”, свири во бендот на Мијата, со кој одржаа два концерти во Скопје и еден во Пробиштип.
Неодамна ја лансиравте и темата Vetrex. Ова е прва тема по вториот албум…
-Прва објавена. Поради тоа што снимам нова музика. Ако стигнам следната година да издадам нешто би било супер. Овој материјал што го подготвувам сега, е различен од “Инсанус” . Различен како музика, но како предизвик е исто, бидејќи сега се правам сам- целата музика, изведба, продукција, цел проект ми е сам. И сега тоа сигурно ќе ми одземе време.

Претходниот пат работевте со повеќе музичари и со Дамир Пух, за Инсанус…

-Да претходното го снимав во студио на Дамир, тој беше задолжен за продукциски дел. Јас бев задолжен повеќе за креативна музичка. А сега овде буквално се е на мене, цел процес од нула до финална. Е сега колку време ќе ми земе тоа не знам, се надевам другата година ќе биде готов, би било нешто како албум.
Како албум?
-Па, желба ми е винил да издадам.
Ова е комплетно Ваша песна ?
-Ова е комплетно моја, многу спонтано дојде, цела е на акустична гитара. Нема тапани, нема бас, нема ништо друго, сѐ се гитари само и јас се изненадив како многу брзо ми излезе песната. Мислам сепак не е случајно, сигурно таа си била во мене само дошло моментот кога да излезе, некако многу спонтано и многу брзо ја реализирав.

Ја промовиравте со спот, спотот кој  го направи?

-Сам. Буквално сѐ сам… Спот видео монтажа, аудио, снимање, и миксот првично го направив сам и бидејќи почнувам малку посериозно со продукција да се занимавам, сепак матсерот на некои совети го пуштив кај Дамир да го провери… Тоа беше сѐ чисто отсвирено, точно отсворено, миксот беше супер, првично јас го направив и тој само доработи нешто на миксот и го направи мастерингот.


Имате ли нацрт- план за винилот?
-Винилот ќе биде нешто сосема поразлично. Кога ќе биде готово ќе го слушнете… Да видат дека сум жив хаха.
Жив секако, музички најмногу, многу убави работи правите. Ме интересира, многу се посветивте на комплетно дело. Како секој почетник почнавте како гитарист, па формиравте поп рок групи, се претставивте и во по-хард издание, сега веќе одите во друга насока. Тоа што комплетно сам сакате да ги завршувате работите значи ли дека многу добро ги усовршивте сите сегменти, знам дека учите многу, се едуцирате и на Музичка академија во Германија и во Штип. Тоа Ве охрабри, Ве подигна, Ви даде мотив и самодоверба. Мора нешто да се променило кон покомплексна варијанта.
-Јас уште пред било што да почнам со музиката, тоа ти го имам во неколку наврати кажано, што се вели уште кога не знаев еден акорд да држам, јас музика си правев, во глава и како ми беше филмот и целта дека јас сакам да се претставам како гитарист. Сакав да се претставам повеќе како гитарист отколку како свирач на гитара и нормално сега како си се движат работите по патот и желбите си се поголеми, едноставно се пронаоѓаш во нештата, се надоградуваш…И мислам дека не постои момент каде се достигнува некое ниво како “сѐ знам, сѐ разбирам и цар сум”, постојано се учи. Меѓутоа со луѓето кои што ги запознавам на мојот пат, гледам како функционираат, фала му на Господ сум имал прилика и сум во контакт сум со германскиот бенд Unknow faith, па сум имал прилика да видам како тие работат и ми се допаѓа премногу тој нивни пристап, таа посветеност и како сериозно ја гледаат музиката. Едноставно тоа “школо” тој круг на луѓе ме научи и уште ме држи јас да си држам некаква насока.

Музичката академија која ја посетувавте во Германија Ви научи на нешто повеќе?
-Па, тој периодот кога бев во Хамбург тоа беше периодот кога ги запознав дечките од бендот Unknow faith со кои што додека бев таму свирев и се дружев со нив и од нив премногу научив. И со гаранција кажувам дека  од тие бендови што функционираат на овие простори нема ни приближно бенд така да работи. Далеку се многу. се уверив кога го видов нивниот пристап на работа…
Тоа значи дека Ве влече да заминете да музицирате во такви состави во такви констелации на односи на луѓе на музика.
-Па тоа ме влече. Да. Имам некои планови и замисли во главата и се надевам дека во таа насока. Меѓутоа тие ми биле доволен мотив ова е кај нас повеќе да се посветам на соло претставување. Значи, има феноменални музичари, феноменални дечки овде кај нас, меѓутоа барем лично јас немам екипа со која би можел да поставиме некои такви критериуми, едноставно тешко оди. Јас не ги осудувам, кој со нешто друго се занимава, кој има друг бенд…
Значи не се целосно посветени на начинот на изградба на еден систем околу нив.
-Апсолутно. Апсолутно. И се онака функционира колку да помине само.
Површноста кај нас е многу голем минус .
-Затоа, кога си сам веќе не зависиш од никој, никого не молиш за проба, за што да направиме, како да направиме, едноставно кога си креативен снимаш.
Имате и свое студио. Веднаш до спалната соба. Значи ли дека спиете во студиото или кога спиете во спалната Ви доаѓа музика и отрчувате неколку чекори до студио веднаш да ја снимите?
-За спиење во принцип нешто посебно не ни спијам, но тоа ни е голем плус што сѐ ми е секогаш на дофат.
Што имате од опрема?
-Сѐ што ми е потребно за снимање. Микрофон од најдобрите опремата кога ја земав за која се консултирав со Дамир затоа што тој имаше опрема земено и јас снимав кај него “Инсанус” и пошто тој долго време со години е во тој бизнис, во таа работа, јас сум сега на почеток и ми даде совети за како да снимање имам подни плафон, клавијатури.
Колку гитари имате?
-Добро, гитарите си се од претходно Имам осум.
Оставате некој друг да свири на нив или не? Обично иструменталистите кои се многу врзани за својот инструмент не даваа ни да го допреш. Како да им ја допираш душата.
-Па тешко. Не знам. Ептен треба да ми се погоди денот да сум тука присутен а инаку нема шанси.

Албумот кој ќе Ви го финансира или околу тоа немате некако размислувано?
-Околу тоа воопшто немам размислувано.
За домашно подрачје, или за надвор?
-Па пред сѐ за надвор. Заради тоа што, реално, ќе биде стилски различно пак си останува инструментална музика. Кај нас инструментална музика знаеме како поминува, речиси ич. Не знам, ми здодеа постојано да им пишувам на сите портали а да не ми враќаат. Да мислат дека сум им испратил којзнае што.
Во која смисла? Не враќаат на маил или не ја објавуваат песната? Не реагираат на тоа што го работите?
-Па ниту маил мислам дека само ти и уште 2-3 портали. Инаку имало какви ситуации, им ја праќам песната и ми пишуваат “супер ти е музиката, топ” и ден пред гостување (не сакам да ги именувам сега) ми велат “земи акустична гитара барем рефен да отпееш”. Значи, како прво тие не ја слушнале мојата музика, таму нема пеење, и тука веќе ти е сѐ јасно.
Многу млади интелектуални музичари зборувам за оние кои навистина музиката ја сфатиле разбираат и сакаат да ја работат квалитетно, ми се жалат од истово и ми се жалат од оние востановени шеми кои “роворат” на естрадата и кои едноставно ги држат конците иако не се на некое ниво, меѓутоа попатно не дават никој друг да исплива. До кога ќе живееме во таа стегнатост? Толку квалитетна музика толку квалитетни млади музичари но некој сето тоа го потиснува, под капак го става.
-Па навистина не знам. Многу тежок менталитет сме овдека не знам дали ќе се искорени тој. Мислам да не звучам јас како многу други сега. Дека не чини не чини, меѓутоа многу од тие што зборуваат само зборуваат, сѐ до моментот кога ќе видат дека имаат од нешто придобивка и тогаш забораваат на сѐ. Забораваат на идејата за која се бореле и за што се борат и овде а многу лесно можеш да си го поткупи човекот иако до вчера зборел дека ова е бело, сега вели дека е црно. Ние како прво немаме национална свест што е многу најбитно, туку кај нас сѐ  е личен интерес . Националната свест ни е на нула на сите полиња. Прво како се однесуваме со околината, со ѓубрето, па и меѓу себе, ние немаме основна култура па сега ќе зборуваме за другава култура ние основна култура прво да научиме.
Многу ме радува што еден млад човек размислува вака квалитетно. Бидејќи сте вљубеник во природата буквално секое утро одите на Водно на други планини. Нон стоп ли тоа го правите?
-Нон стоп.
Не Ви е страв сам со волците во планина?
-Па знаете што? Поголемо животно од човек нема. Животните се многу паметни и чувствуваат сѐ, тие ги следат трагите на човекот и се тргаат настрана. Не е како во цртаните “сега волкот ќе ти излезе пред тебе ќе те јаде” . Поголем штетник од човекот нема. Јас се молам кога одам некаде да ги сретнам, ако може да ги видам да ги фотографирам. Сум видел срни, елени, мечки. И навреда е кога ќе речат за некого се однесуваш како животно. Животните знаат како се однесуваат.
Кој е највисок врв што сте го освоиле досега?
-Сите највисоки кај нас ги имам искачено, повеќето со друштво меѓутоа и сам бидејќи се подготвувам набрзо за некои предизвици што сакам да ги реализирам во животот, па ми требаат такви тренинзи на јакнење на психата.


Дали Ви дошла идеја да ја земете гитарата на рамо да се качите на некој врв и таму да засвирите за своја душа, да го слушате “одговорот” на планините на Вашата музика?
– Конкретно на некој врв не, но во Битуше кога одам да. Битуше е планинско село, таму имаме семејна куќа и буквално таму кога одам секогаш носам гитара. А на некој врв не баш затоа што на самата планина се соочуваш со некои други предизвици. А особено кога одам на некоја повисока планина одам по некои потешки патеки и освен мислата како да са качам и да се симнам, до друго не ми е дојдено. А во природа да, сум свирел многу пати.
За крај за винилот Ви посакувам многу среќа, ќе го предложите на нашите издавачи или директно за странство, со интернетот сѐ е можно.
-Нека дојде момент за тоа но сигурно или би бил сам издавач. Повеќе ќе се ориентирам за надвор. Инструменталната е универзална музика.

Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.