Охридско лето 2019 – Необична вечер со украински музичари

1003

Украинската уметница Божена Корчинска со својата надолжна флејта и хармоникашот Богдан Кожушко  синоќа во „Света Софија“ донесоа разновидна екстраваганција во музичката кошница што ја донесоана „Охридско лето“.

Двајцата млади уметници на концертот во рамките на традиционалната Украинска вечер на фестивалот, се претставија со дела од Јохан Себастијан Бах, Феофан Прокопович, Дмитри Бортањски, Доменико Скарлати,Жан Филип Рамо, Георг Фридрих Хендл, Џовани Басано,  како и од композиторите Никола Матеис, Михала Петри, Вјачеслав Семенов и Ладислав Купкович.

Божена Корчинска  е една од виртуозните изведувачи на надолжна флејта, наследничка на професионалната уметност на свирење на украинскиот кавал, основана од нејзиниот татко Mирослав Корчинскиј.

-Мојот татко е основач на  школата за свирење на овој инструмент во Украина и затоа, јас немав голем избор, па се одлучив украинската надолжна флејта да ја земам како мој главен музички инструмент. Овој инструмент во Европа е познат како блок-флејта, но украинската надолжна флејта се разликува по тоа што има различна апликатира и дава потопол тон,  објаснува Корчинска.

Дуото Корчинска – Кожушко се редок инструментален состав – украинската надолжна флејта и хармоника. Страсниот ентузијазам на музичарите за малку познатите ремек-дела од жанрот на музичките минијатури, виртуозната музика за флејта и свежиот звук на барокните хитови на хармониката ќе ги предизвика сетилата на слушателите пред сѐ  поради спецификите на инструментите и изборот на програмата која хармонично ги обединува во себе делата на древните епохи и музиката на XX век.

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.